Словенечкото млеко е здраво!

Министерството за земјоделство, шумарство и исхрана на Република Словенија преку Ветеринарната управа на Република Словенија (ВУРС) и останатите органи за надзор, кои работат во неговиот состав, извршува редовен систематски превентивен надзор на здравствената исправност на прехранбените производи во Република Словенија и со тоа обезбедува највисок степен на безбедност на потрошувачот. Врз основа на анализите кои ги извршува ВУРС со помош на референтните лаборатории во странство, е потврдено дека нема присуство на хлорамфеникол во говедското и пилешкото месо, како и во млекото и млечните производи. Постоењето на потенцијален здравствено неисправен производ, во склад со законодавството и правилниците за безбедна храна, претходно е издвоен од продажба и никако не може да дојде до продажните места како и до крајниот потрошувач.

Преговорите со ММФ ќе траат до Божиќ

Преговорите меѓу владата и ММФ започнаа. Македонија ќе бара стенд-бај аранжман, чиј износ дополнително ќе биде утврден. Министерот за економија, Петар Гошев, очекува преговорите да ги завршат до Божиќ со што ќе се скрати времето за подготвување на цврста макроекономска и фискална политика. Ова е само прв круг од преговорите, а додека се склучи аранжманот ќе бидат потребни повеќе мисии на преговарачката екипа.

"Тридент" и "Интернационал" ги нема !?

Регистрираните претпријатија во штипсиот суд "Тридент" и "Интернационал", ги нема на матичните адреси. На пријавените адреси се наоѓаат станови на физички лица, а не седишта на фирми. Според дел од вработените во "Македонија Табак 2000" зад овие фирми стои директорот Стевче Коцевски.

Зголемување на ДДВ ?

Тимот на ММФ предводен од Франек Розвановски до 26 овој месец ќе ја снима состојбата во Македонија. Услов за склучување на договор за Стенд-бај аранжман ќе бидат низа реформи во монетарната, девизната и вкупната макроекономска политика. Со цел државата да биде ликвидна за да ги плаќа достасаните кредитни обврски, а по укинувањето на воениот данок до крајот на годинава, ќе треба да дојде до зголемување на сегашните даночни стапки од 5 и19 проценти , или да се намалат јавните расходи.

Назначен директорот на "Комерцијална банка"

Д-р Драгољуб Антевски ќе биде прв генерален директор следниве шест години во "Стопанска банка". Оваа одлука ја донел Управниот одбор по разрешувањето на Хари Костов од менаџерската позиција, пред да биде именуван за министер за внатрешни работи.

"Џетоил Мамидакис" - нов сопственик на "Окта"

Најголемиот грчки трговец со нафта и нафтени деривати, "Џетоил Мамидакис" може да земе удел во основната главнина на капиталот на "Окта"и да стане косопственик во скопската рафинерија "Окта", заедно со грчката национална нафтена компанија "Хеленик Петролеум".

Социјален договор меѓу Синдикатот и Владата

Наскоро ќе биде потпишан социјален договор меѓу Синдикатот и Владата, кој треба да ги заштити правата на работниците. Договорот треба да го разгледаат во министерствата за финансии, економија, труд и социјална политика. Овој закон треба да се донесе пред утврдувањето на Буџетот, иако ММФ и Светската банка имаат цврст став против донесувањето на законот.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"