Фрчкоски нема да преговара за името
Кабинетот на македонскиот претседател Борис Трајковски негира дека шефот
на државата го именувал Љубомир Фрчкоски, професор по меѓународно право, за
нов преговарач на разговорите за разликите со името меѓу Република
Македонија и Република Грција. Привремената спогодба беше потпишана во 1995
година, а сега преговорите треба да продолжат.
Опозицијата против разоружувањето
Колективните системи за безбедност се најголем гарант за безбедноста, а
не тенковите Т-55, од кои АРМ планира да се ослободи, сметаат партиите од
коалицијата на власта. Но, опозицијата стравува дека со продажбата на
тенковите ќе останеме без оклопни единици и ќе биде загрозена безбедносната
состојба на Република Македонија.
Во Танушевци патролите се непожелни
Етнички мешана полициска патрола не успеала да влезе во скопското село
Танушевци. Локалното албанско население поставило блокади на патот и
протестирало поради приведувањето на четворица селани од страна на АРМ кои
се обидувале илегално да ја преминат македонско-југословенската граница кај
Косово. Но, по неколку дена локалните мештани дозволија полицијата да се
врати во селото, изјави портпаролот на МВР Воислав Зафировски.
Христов во притвор
Истражен судија од скопскиот Основен суд му изрече петнаесетдневен
притвор на струмичанецот Мирко Христов, кој во саботата пукал во зградата на
Собранието и со три куршуми го погодил прозорецот на кабинетот на Агрон
Буџаку, портпарол на ДУИ. Скопската полиција му поднела кривична пријава за
предизвикување општа опасност.
Блокадата кај Желино откажана
Средношколците-Албанци од Тетово ги откажаа протестите и блокадата кај
Желино, бидејќи "владини функционери" им ветиле дека ќе бидат ослободени
Шкодран Идризи и Фадил Ферати, припадници на ОНА и мачители на четворица
работници од "Маврово". За случајот е заинтересиран и судот во Хаг.
Во Шемшево статус кво
Учениците-Македонци во Шемшево, и покрај најавите, не почнаа со настава
затоа што се уште не е вратена старата двојазична табла со името на "Даме
Груев", ниту пак, е отстранета бистата на Јумни Јонузи од училишниот двор.
Албанците од Шемшево предлагаат училиштето да се вика "Шемшево".
Резервистите меѓу заборавените
Најмалку 200 полицајци од резервниот состав на МВР во Битола, Прилеп,
Гевгелија, Радовиш и во Струмица кои во текот на минатогодишната криза во
земјава биле ангажирани во кризните подрачја, сега се чувствуваат
изманипулирани од Љубе Бошковски и од владата на Георгиевски. Тие бараат
средба со Хари Костов и регулирање на неисплатените плати.
Вранишковски демантиран од соседството
Соседите на поранешниот владика Јован, односно Зоран Вранишковски ги
демантираат неговите тврдења дека во неговиот стан се собирале се поголем
број верници. Богослужбите на Зоран ги посетувале само неколкумина.
Масовни штрајкови
Три илјади работници маршираа за плати, сини картони и за ревизии, а во
државава расте социјалното незадоволство. Во штрајк се вработените во "Нова
Македонија","Саса", "Славија", "Газела" и во други претпријатија. Инаку,
стотина рудари на "Саса" барајќи ги сопствените права повторно штрајуваа со
глад.
Запад ќе ја обвини Македонија за несоработка со Хаг
Претставниците на меѓународната заедница во Македонија ургираа до
македонските власти да престанат да си играат со надлежноста врз случаите
што ги побара Трибуналот за воени злосторства од Хаг. Во изјавата, потпишана
од специјалниот претставник на Европската унија Алексис Брунс, амбасадорот
на САД Лоренс Батлер, на НАТО - Николас Бигман и на ОБСЕ мисијата во Скопје
- Крег Џенес, се предупредува дека доколку Македонија не ги предаде петте
случаи од минатогодишниот конфликт, Судот може да ја пријави Македонија до
Советот за безбедност на Обединетите нации, што ќе има сериозни импликации
за земјата.
Кинезите се враќаат на Козјак
По едногодишна пауза, Кинезите се враќаат да ја довршат изградбата на
хидроелектраната "Козјак". Од "Електростопанство на Македонија" информираа
дека во Кина претставници на Министерството за економија и ЕСМ со новиот
изведувач "Чајна интернешнал вотер и електрик корпорејшн" и кредиторот
Кинеска банка потпишале анекси на постојниот договор за "Козјак". Со ова се
раскинува договорот со кинеската компанија "Хајнен", која лани во август ја
напушти недовршената хидроелектрана со околу 8 милиони долари што
македонската страна авансно им ги исплатила.
|