Сандански заедничка вредност со Бугарите!?
Македонскиот претседател Борис Трајковски го прогласи Јане Сандански за
заедничка вредност со Бугарите. По престојот во Мелник и неофицијалната
средба што ја имаше во Банско со својот домаќин, бугарскиот претседател, тој
изјави дека е горд што ја имал таа чест заедно со Георги Прванов да се
поклонат и да положат цвеќе на споменикот на големиот револуционер.
Подвлекувајќи дека Сандански цел живот го посветил за хумани и општочовечки
идеали и дека како голем визионер се борел за Балкан без граници, Трајковски
рече:
"Јас и претседателот Прванов со заедничкиот чин на поклонување на тој
споменик, кој е наша заедничка вредност, и историска и цивилизациска
вредност, успеавме да го дадеме примерот за нашата силна определба кон
европски идеи, европска соработка". А тоа кажано со други зборови значи дека
историјата ние е заедничка со Бугарите. Дали тоа беше само голем гаф на
Трајковски или, пак, така мисли, новинарите не можеа да дознаат бидејќи
средбата заврши само со изјави.
Средба на Трајковски со Мојсиу
На престојниот самит на НАТО во Прага,Трајковски, Мојсиу и Месиќ ќе
одржат средба на која иницијативниот документ од Охрид како платформа ќе им
биде презентирана на земјите членки на НАТО.
Македонско - бугарските односи мошне добри
Шефот на бугарската дипломатија, Соломон Паси изјавил дека односите
помеѓу Бугарија и нашата држава се најдобри досега. Тој покрај другото го
потенцира и ставот на Софија за неменување на границите на Балканот, а во
врска со меѓународната средба во Луцерн.
Каменот е поставен
Шефот на дипломатијата на Југославија, Горан Свилановиќ, изјавил дека на
границите меѓу СРЈ, Македонија и Бугарија веќе е поставен тромеѓниот камен.
Со ова начелно е договорено многу брзо да биде официјализирано започнувањето
на демаркацијата меѓу нашата и неговата земја.
Малцинските јазици се реалност
Во Солун се одржа Прва Конференција на Европското биро за помалку
употребувани јазици. Констатирано е дека малцинските јазици бараат
рамноправен третман во општеството, а луѓето што ги говорат да не бидат "Индијанци
во резерват" каде ќе ги посетуваат истражувачи.
Регионален пазар за електрична енергија
Радмила Шекеринска, заменик-претседател на Владата во Атина учествуваше
на Првиот министерски состанок на Регионалниот енергетски пазар за
Југоисточна Европа, што се одржи под покровителство на Пактот за стабилност.
На состанокот беше презентиран и потпишан Меморандумот за разбирање за
Регионалниот пазар за електрична енергија во Југоисточна Европа и за негова
интеграција во енергетскиот пазар на ЕУ.
Нема пари за павилјон во Венеција
Според Благоја Стефановски, новиот министер за култура Македонија нема
пари да купи павилјон во Венеција што би им користел на нашите уметници за
да ги изложуваат свои дела на престижното Биенале. Тој нема намера да го
продолжи проектот за купување изложбен простор со што трајно би се решил
проблемот со нашето учество на Венециското биенале, што беше идеја на
неговата претходничка, ексминистерката Ганка Самоиловска-Цветанова. Ставот
на актуелниот министер е дека нема потреба да "заробуваме" толку многу пари
за манифестација што се одржува во странство и тоа секоја втора година.
Италија спонзор на Балканот
Италија сака да биде главен спонзор на обновата и развојот на регионот на
ЦЕИ и за таа цел планира да потроши 150 милиони евра. Најголем дел ќе бидат
наменети за разни проекти на Балканот кои ќе ги избере од тие што ќе бидат
ставени на маса.
|