а професор Коста Пеев, освен
основнат ангажираност, како наставник на Филолошкиот факултет, голем
предизвик претставува и научната работа. Повеќе од две децении тој интерес,
во најголема мера, е усмерен кон претставување на македонскиот карактер на
прогонетото население од Егејскиот дел на Македонија и тоа преку најважниот
сегмент - јазикот. Не е неопходно да се биде лингвист за да се заклучи дека
споменатава активност е со белези на врвен специјалист од односнава област.
Активноста на професор Пеев е во права смисла наставно-научна. Започнал
како асистент во Институтот за македонски јазик скоро пред четири децении,
во Одделението за дијалектологија. Во првите години, во подолг период,
учествувал во создавањето на дијалектолошката картотека во Одделението, но
покрај (или заедно) со дијалектниот го истражувал и топономастичкиот
материјал, така што неговото име многу често ќе го сретнеме на фишите не
само од дијалектолошкиот, туку и од ономастичкиот корпус во Институтот,
особено во оној што се однесува на југоисточната (и егејска) македонска
регија. Од односнава активност професор Пеев ја излачи првата тематска
монографија за земјоделската терминологија во македонските говори.
Наскоро, некаде во осумдесеттите години професор Пеев бил вклучен во
изработката на меѓународните лингвистички проекти што се приготвувале во
МАНУ: Општословенскиот лингвистички атлас, Општокарпатскиот дијалектен
атлас и Европскиот лингвистички атлас. Прави впечаток дека скоро
половина од материјалната база - дијалектниот материјал, врз кој се оформени
или се наоѓаат во фаза на оформување повеќе томови од споменативе атласи,
претставува прилог, истражувачки дел од д-р Пеев.
Неговото учество во финална обработка на дијалектниот материјал особено е
изразена во Општокарпатскиот дијалектен атлас, "таму тој го
презентира македонскиот дијалектен материјал и самостојно обработува одделни
сводни карти со материјал од сите пунктови на карпатскиот ареал". Во
својство на соработник на работната група од МАНУ, со која до својата смрт
раководеше акад. Видоески, за реализација на споменативе меѓународни проекти
професор Пеев учествувал на повеќе научни конференции, одржани во
поранешните југословенски центри, но и надвор: во Москва, Варшава,
Братислава, Брно и др.
АНКЕТИРАЊЕ
Одделно за истакнување е неговото учество во реализацијата на проектот "Македонските
говори во Грција", што до неодамна се реализираше во МАНУ. На тој план
професор Пеев има забележано и картотекирано огромен свеж дијалектен
материјал со трајна вредност за македонската дијалектологија.
Долновардарските говори со својот периферен карактер, како и со тоа дека ја
дале базата на старословенскиот јазик одамна, уште од средината на
предминатиот век ги привлекле вниманието на странските слависти, професор
Пеев со прозадлабочено внимание го продолжува односново истражување, а
особено се истакнуваат неговите работи со проблематика што не е засегната во
трудовите на претходниците, тоа се студии во кои ги открива несловенските
наслаги од контактот со балканските јазици, вклучувајќи и одредени архаизми.
Пр. за натамошното упростување на падежните остатоци кај заменките, за
случаите со анулирана родова опозиција, за обопштување на множинската
наставка (и) кај едносложните зборови и кај именките од средниот род,
за употребата на сврзникот (да) во интенсионални, декларативни
реченици и др. Како што беше истакнато дел од односниве прашања не се
обработени досега и оттаму овие прилози на професор Пеев претставуваат
сериозен прилог кон историјата на македонскиот јазик. Со односниве реферати
проф. Пеев настапувал на неколку меѓународни конгреси на славистите: во
Софија, во Братислава, во Краков, како и на други славистички собири, пр. во
Љубљана на меѓународната научна конференција "Обдобја" три пати и др.
Професор Пеев вршел повеќегодишно истражување (анкетирање) на бегалците
од Кукушко, резултат на односниов макотрпен труд претставува двотомната
монографија "Кукушкиот говор" за која ја доби републичката награда за наука
"Гоце Делчев"; овде заслужува да се споменат уште неколку (негови) прилози
објавени во научните списанија, но и во културните рубрики од дневните
весници: "Македонките егзодуси 1913-1948", "Кукушкиот - говор во исчезнување",
"Елинското варварство", "За македонскот збор надвор од матицата" и др. Меѓу
грозните примери на геноцид што толку често се случуваат околу нас и
подалеку, секако треба да ги споменеме настаните што ја зафатија југоисточна
Македонија за време на Втората балканска војна 1913, кога грчката солдатеска
со оган и меч го смени демографскиот лик на оваа регија. Тогаш беше уништен
(буквално) убавиот македонски град Кукуш и повеќе од 30 села од неговата
околина.
ВИСОКИ ПРИЗНАНИЈА
Централниот труд, споменатава монографија за кукушкиот говор доби високи
признанија, пишувани од универзитетски професори, познати писатели и
академици. Да илустрираме со извадок од рецензијата на акад. Блаже Конески:
"Вредноста и интересноста на оваа книга посебно се зголемува со тоа што таа
му е посветена на еден говор којшто е поради познатите историски околности
во Егејска Македонија, подложен на исчезнување во својата матица. Авторот
бил поставен пред задачата да врши еден вид реконструкција на кукушкиот
говор, користејќи ги поранешните записи и соопштувања и спроведувајќи самиот
анкета меѓу припадниците на тој говор преселени во Република Македонија. Со
сето тоа работата на д-р Коста Пеев ги надминува по своето значење чисто
лингвистичките рамки, зашто заштитува и одбранува пред заборавот еден важен
дел од национално-културното наследство на македонскиот народ". Од другите
прикази објавени во македонскиот центар ќе презентираме уште еден извадок:
"... монографијата на Пеев, фиксирајќи ја и обработувајќи ја современата
состојба на кукушкиот говор, всушност, го обработува и последното поглавје
од неговата историја. Јазичниот материјал овде е уловен, не во мигот на
неговото исчезнување, туку - отпосле. Неповторливоста на јазичните факти со
тоа, во овој случај, станува и социолингвистичка определба. Според Пеев, не
е тоа дури ни "пет до дванаесет" време за акција, туку "дванаесет и пет"
време отпосле (проф. д-р Д. Пандев).
И во странските славистички центри со сличен тон се објавија познати
имиња, така во Софија д-р М. Младенов ќе истакне: "... пред нас е
капиталното истражување на скопскиот дијалектолог Коста Пеев. Тоа е резултат
на повеќе од 20-годишна собирачка дејност". Во Краков акад. З. Тополињска,
правејќи споредба со трудовите на А. Вајан и Зб. Голомб, коишто пишувале за
истите (југоисточни) говори, но само врз материјали, т.е. без можности за
директни контакти со информатори, ќе запише: "Следствено книгата на Пеев е
прва, во вистинска смисла на зборот дијалектолошка монографија што се
потпира на материјал собран од самиот автор во непосреден контакт со
информаторите и многукратно верификуван на теренот. Таа (своја) голема шанса
Пеев прекрасно ја искористил - книгата ни донесува богат материјал,
интерпретиран сестрано".
Заслужува да се истакне дека книгата "Кукушкиот говор" доживеа и
литературна интерпретација, имено вториот том од истата (книга) му послужила
на писателот М. Маџунков како инспирација за расказот "Границата" којшто е
носечки во книгата "Кон другата земја". Таму својата висока оценка за
монографијата ја соопштува индиректно, низ искажувањата на своите херои "...
запомни толку, дека ова не се делови од извештајот на Карнегиевата
комисија за злосторствата над народот през трите војни што се слејаа во
седумгодишно страдање, ниту извадоци од некоја историја за бегалците од
Долна Македонија, туку фрагменти од една лингвистичка студија за кукушкиот
говор - од скапоценото дело на Коста Пеев што Јане Данилуф Петруф во овој
миг цврсто го стиска во рацете од страв ветерот да не му го дувне во
Езерото...", на друго место: "... беа уште седнати по двајца на
страниците, Елисеј "бат Сандо", дедото Мане (... од Аканџалија) и Јане
Данилуф Петруф по потекло "ут дол", од Крецово, држејќи ги в раце, како
икони, обете книги од Кукушкиот говор на Коста Пеев..."
ЗА ПРВИОТ ТОМ
Тоа се искажувања на специјалисти, а нашите сознанија зборуваат дека
делото на професор Пеев освен во кругот на интелигенцијата многу често се
среќава и кај обичниот човек, така што секоја втора-трета куќа во Струмица и
Струмичко, особено кај "бижанците" (кукушаните) на својата полица ја чува
книгата "Кукушкиот говор", а според одредени укажувања книгата била
фотокопирана и продавана во далечната Австралија, се разбира меѓу
Македонците.
Повеќедецениското истражување на егејските говори, посебно на нивната
лексика, професор Пеев пред две години го круниса со првиот том од "Речникот
на македонските говори во југоисточниот егејски дел". Делото беше
промовирано во центарот на регијата во која живеат бегалците од Кукуш и
Кукушко, во селото Турново, Струмичко. Промоцијата се претвори во голем
културен настан, дојдоа гости дури и од егејскиот дел, присутните ја
исполнија салата до последно место, тоа беше изблик на емоции што ретко се
забележува.
Следуваа позитивни одгласи во земјата и странство, акад. Блаже Ристовски
ќе запише: "Со пиетет сум исправен пред над дведеценискиот макотрпен труд на
еден пасиониран истражувач што саможртвено го посветил својот живот за
воскреснување на органискиот дел на еден историски етнокултурен субјект што
пред нашите очи назапирливо и неповратно гасне. Речиси ги нема веќе
македонските песни и ора околу Солун, Кукуш, Серес, Кавала и Драма, одвај се
слуша македонскиот збор во Воденско и Ениџевардарско, па упорно се задушува
мајчиниот шепот и во Леринско и Костурско... Неговите бројни дијалектолошки
студии, објавувани во земјата и странство, и особено неговата двотомна
монографска студија за кукушкиот говор, одамна се влезени во научната
комуникација. Сега тој се јавува со еден друг почеток (се мисли на
споменатиот Речник) што несомнено означува прва бразда во една неразорана
славистичка ледина".
Во словенечкото лингвистичко списание "Славистичка ревија" со рецензија
за "Речникот" се објави проф. д-р Аленка Шивиц - Дулар, таа ќе напише:
"Коста Пеев со своите истражувања од областа на македонските говори се
вклучува во врвот на македонската дијалектолошка наука, а со своите
лексикографски прилози во врвот не само на македонската туку и на
словенската дијалектолошка лексикографија... Речникот спаѓа меѓу
најзабележителните проекти од областа на македонската дијалектолошка
лексикологија, како и во лексикографијата на словенските јазици, меѓу
другото затоа што за прв пат целосно ни го претставува лексичкиот корпус на
пограничните говори на крајниот југ од јужнословенската територија".
Со вродената словенечка упорност таа повторно ќе се јави и за вториот том
од "Речникот" за кој ќе напише: "Убедена сум дека овој Речник уште многу
време ќе биде неопходен консултант на работната маса на секој сериозен
етимолог и дека со него ќе мора се служат и лингвисти со друга ориентација
(акцентолози, специјалисти за лингво-генетски прашања, уште за јазична
типологија и сл.). Речникот на проф. Пеев на најдостоен начин ќе ја зачува
словенската македонска реч од Солунско, Воденско, Кукушко, Серско... за
идните генерации".