| |
Изложби
Македонски слики во Париз
Скопје, 19 ноември.
Десет македонски уметници ќе изложуваат слики, скулптури и објекти на "Есенски
салон" - традиционална светска манифестација, која ќе биде отворена во Париз.
До почетокот на идниот месец (1 декември), нашите уметници ќе ги претстават
своите дела заедно со колеги од Франција, Кина, Белгија, Шведска, Кореја,
Шпанија, Данска и од Србија. Нашето претставување во Париз го организира
Ликовната колонија "Галичник" во соработка со Музејот на современата
уметност.
Две манифестации
Пробиштип, 22 ноември.
Денес во Пробиштип ќе се одржат две значајни културни манифестации. Во
Изложбениот салон на Домот на културата ќе биде отворена изложба на слики од
ликовната колонија "Лесново 2002". Втората манифестација чиј организатор е
литературниот клуб "Процвет" од Пробиштип ќе се одржи традиционалната "Поетска
средба на млади поети од Македонија".
Книги
Ново дело од Донски
Штип, 18 ноември.
Деновиве во издание на Центарот за културна иницијатива од Штип од печат
излезе најновата книга од историчарот Александар Донски. Книгата е насловена
како "Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв
дел - фолклорни елементи)".
Кој ја фалсификува историјата
Штип, 19 ноември.
Неодамна на Центарот за културна иницијатива од Штип од печат излезе
најновата книга од познатиот македонски историчар од Бугарија, Ѓорѓе Радуле
под наслов "Кој ја фалсификува историјата?". Книгата во оргинал е објавена
на бугарски, а нејзиниот превод на македонски го направи Александар Донски.
Виртуоз на кларинет
Скопје, 19 ноември.
Во издание на издавачката куќа “Матица македонска” излезе од печат
книгата “Тале Огненовски, виртуоз на кларинет и композитор”. Автор на
книгата е неговиот син м-р Стеван Огненовски.
Еден значаен живот
Скопје, 20 ноември.
Во Фоајето на Македонскиот народен театар беше промовирана книгата "Петре
Богданов - Кочко: еден значаен живот" од авторите Јанко Николовски, Дејан
Алексиќ и Александар Димитровски. Книгата е плод на децениска работа на
собирање на документи, податоци, изјави на современици и колеги, а во неа е
прикажан и животниот, уметничкиот и поттикнувачкиот пат и придонес на Кочко,
како еден од основоположниците на македонската музичка култура во втората
половина од минатиот век.
Музика
Концерт на пијано
Скопје, 18 ноември.
Пијанистката Соња Радојковиќ од Југославија, одржа концерт во Музејот на
Скопје. На програмата беа дела од Бетовен, Прокофјев, Шопен и Трајчевиќ.
Соња Радојковиќ активно настапува со соло рецитали, но и како солист со
оркестри.
25 години пејачка кариера
Скопје, 18 ноември.
Во Музеј на град Скопје, Калиопи го промовираше најновиот албум насловен
како "Најмила". На албумот, се наоѓаат 13 песни од концертите што се одржаа
минатата година на турнејата низ Македонија. Од нив тринаесеттата е колаж од
стари хитови, а можат да се слушнат и студиските снимки на "Најмила" и "Заслужена
земја", патриотска балада, за која во продукција на "Зум видеолушн" беше
снимен спотот.
На промоцијата ги најави двата јубилејни концерти кои ќе се случат во
Универзалната сала во Скопје. Гости на концертите ќе бидат туниската
танчерка, Лејла Хаддад, Есма, гости од Србија и многу други изнеданувања. На
пролет, пак, ќе излезе нејзиниот нов албум, по што ќе почнат и нејзините
активности надвор од границите на државата.
|