рз основа на одлуката на Сталин
за прекин на оружената борба на ДАГ на 21 мај 1949 година, Албанија и
Бугарија презедоа контрола на границите спрема Грција односно применија
конспиративни мерки во давањето на помош на ДАГ, влегувањето и излегувањето
на луѓе, транспортот на материјали и сл. Беа укинати базите, каналите за
врски и помош и сл.
Помошникот на Александар Ранковиќ, генерал Јово Капичиќ го повика
претставникот на КПГ во Белград, Стратис и побара од него да му го соопшти
на грчкото партиско раководство следното: "Од фактот што Бугарите го
затворија каналот (за помош на ДАГ, м.б.) и ПБ на КПГ не го запозна
југословенското раководство, произлегува заклучокот дека Бугарите ја
прекинаа помошта и го изменија својот став спрема националноослободителната
борба во Грција. Од фактот што ПБ на ЦК на КПГ не одговори на текстот што му
беше предаден на Русос, се заклучува дека КПГ прекина секаков контакт со нас".
ПОСЛЕДИЦИ
На 21 мај 1949 година југословенското раководство реши да прекине секаква
соработка со КПГ. Забранија секаков премин на луѓе и материјал преку граница.
Луѓето од апаратот на КПГ во Југославија можеа да престојуваат на местата
каде моментално се наоѓаа, но без право на движење или да заминат во ДАГ. На
23 мај југословенските власти донесоа нова одлука врз основа на која
персоналот на претставништвата, јавните, ранетите и други лица од Грција
имаат право да останат во Југославија и тоа таму каде што тие сакаат, или да
се вратат во ДАГ.
Централниот комитет на КПГ на 23 мај 1949 година со радиограма побара од
Југословените објаснување за спроведените преземени мерки. ЦК на КПЈ на 30
мај 1949 година исто така со радиограма објаснува дека мерките се преземени
поради тоа што на 13 мај истото го направија и другите земји поради
реакцијата на Громинко за спогодување со монархофашистичката влада, без да
биде информирана Југославија во таква состојба што може да се случи да
останеме без поддршка од другите народни републики ако југословенската помош
за ДАГ биде изнесена пред меѓународните форуми. Во радиграмата натаму се
ветува дека прекинот на помошта на Југославија не е дефинитивен и дека тој
зависи од меѓународната ситуација и од ставот на другите земји со народна
демократија. Ако тие изразат готовност да ја помагаат ДАГ и, ако се
солидаризираат со Југославија во врска со борбата во што ја води КПГ.
Радиограмата на ЦК на КПЈ завршува со следното: "... Но, независно од
погорното, ние сме готови и во иднина да ви ја дадеме можната помош, во
зависност од една конкретна ситуација и како ќе се договориме во еден таков
случај. И овој пат сме принудени да ви укажеме дека освен погорните причини,
во таква состојба сме доведени поради прекинот од ваша страна на контакти и
соработка со нас не обидувајќи се дури да се решат отворените прашања. Не
сметате дури за потребно да ни одговорите на неколку прашања што ги
поставивме телеграфски и усно".
Готовноста на КПЈ за продолжување на соработката и помошта за ДАГ под
одредени услови изразена во горната радиограма, има пропаганден карактер и
политички цели. Политичките и идеолошките разногласија беа толку длабоки,
што прекинот на односите го правеа неизбежен. Уште еднаш да повториме.
Прекинот на односите го сакаа двете партии и систематски работеа кон таа
насока, КПГ да ја обвини КПЈ за поразот на борбата, КПЈ да се ослободи до
обврската спрема ДАГ, а тоа да го искористи како значаен елемент во барањето
на економска помош од Запад.
По размената на горните радиограми и преземените мерки околу помошта и сл.,
зајакна меѓусебната пропагандна борба преку печатот, радиото и сл.
Раководството на КПГ ја обвини Југославија за удар од грб на единиците на
ДАГ во соработката со монархофашистите и сл. Финале на таквиот развој на
настаните беше дефинитивно затворање на границите од страна на Југославија
што го соопшти Тито на 11 јули 1949 година и дефинитивно прекин на односите
со КПГ.
Истото го стори и КПГ. ПБ на ЦК на КПГ на седницата одржана на 23 јули
1949 година одлучи да ги прекине односите со КПЈ. Врз основа на оваа одлука
на Политбирото, Никос Захиријадис радиограмски побара од претставникот на
КПГ во Белград да ги извести грчките организации во Булкес, Војводина,
масовно да побараат од југословенските власти, да им дозволат на членовите
на грчката заедница во Булкес, а децата од детските домови да се преселат во
источноевропските земји.
Ова барање на грчкото партиско раководство беше удоволено, и набргу беше
извршено префлувањето на луѓето, со исклучок на Македонците кои изразија
желба да останат во Југославија.
Така неславно заврши една плодна многустрана соработка која одигра мошне
значајна улога за водење на една трииполгодишна крвава војна. Големите
пријатели и соработници станаа најголеми непријатели кои во меѓусебната
пресметка ги употребија сите можни средства и методи. Етиката на комунистот
и револуционерот изгуби секаква вредност.
НОФ НА ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА
Колку што се заоструваа односите меѓу КПЈ и КПГ толку повеќе
раководството на КПГ ги интензивираше акциите за создавање на алиби вината
за поразот на ДАГ, што се наѕираше од себе да ја префрли врз други. Врската
на организацијата НОФ со КПЈ како и активноста на југословенските
известителни служби на теренот на егејскиот дел на Македонија беа
искористени од раководството на КПГ да ги обвини Македонците и нивната
организација НОФ за главни соучесници за таквиот исход на настаните.
Македонската организација НОФ како што ќе приведиме во продолжение на овој
текст, од страна на КПГ официјално беше прогласена за агентурска и
контрареволуционерна и многу Македонци беа прогонети како агенти и
контрареволуционери.
Пред да ја изнесеме акцијата на КПГ, која доби неверојатно широки
димензии, за "аргументирање" на горното обвинение, ќе поместиме изјави на
нејзини високи раководители во кои даваат оценки за карактерот на
организацијата НОФ и воопшто за придонесот на Македонците во борбата. Тоа е
нужно, покрај другото, да се види во каква положба беа доведени Македонците
и до кое ниво стигна ерозијата на моралот на грчките комунисти. Генералниот
секретар на ЦК на КПГ, Никос Захиријадис на пленумот на КПГ за Македонија и
Тракија одржан во Солун на 26 декември 1945 година за Македонците и за
организацијата НОФ, рече: "...Со Словеномакедонците одиме рамо до рамо
против месниот монархофашизам, против контрачетниците-автономистите и
странските чорбаџии, кои ги поттикнуваат и ги плаќаат и едните и другите.
Секој грчки демократ сигурно ќе се согласи со прогласот на антифашистичката
организација на Словеномакедонците (НОФ) во Воденскиот округ, со кој се
повикуваат сите трудбеници, сите жители на округот да се борат заедно за
народна слобода, рамноправност, рамнограѓанство, за општа политичка
амнестија итн. Со нив ќе одиме заедно во борбата за леб, за слобода, за
новогрчка народна демократија...".
Командантот на ГШ на ДАГ Маркос Вафијадис пред Анкетната комисија на ООН
која ги испитуваше причините за Граѓанската војна во Грција во втората
половина на март 1948 година, за Македонците го кажа следново: "Ние бараме
половина рамноправност за Македонците и за другите. Македонците немаат ништо
запознато, освен обврски, прогонство, мачења и убиства. Грчките власти
настојуваа да ги национализираат, не признавајќи им ги ни најосновните права
дури и ни правото да зборуваат на мајчиниот јазик".
Команданотот на ДАГ за Западна Македонија, Ѓорѓи Ѓанулис во својот
дневник на 31 декември 1947 година, ќе запише: "... Треба да се додаде и тоа
дека словеномакедонскиот народ на нашата околија навистина се покажа
антифашист. НОФ го задржа славомакедонскиот народ во едно револуционерно
расположение...".
Захиријадис одговорајќи на едно прашање на 12 април 1946 година во врска
со Македонците, рече: "... Не треба да бидеме задоволни од нашата заштита на
Словеномакедонците. Треба да му обрнеме поголемо внимание на тоа прашање.
Наша задача е да го заштитиме македонското малцинство кое во минатото и во
периодот на диктатурата на Метаксас и во Албанската војна, како и во
годините на окупацијата се бореше достојно заедно со нас...".
Потпреседателот на Привремената демократска влада на Грција и член на ПБ
на ЦК на КПГ, Јанис Јоанидис, поздравувајќи го првиот конгрес на НОФ одржан
на 13 јануари 1948 година, меѓу другото, истакна: "... Од името на ПДВГ го
поздравуваме Првиот слободен конгрес на еден народ против чија слобода се
бореа сите капиталисти и надворешни империјалисти. Прашањето за
рамноправност со другиот (грчкиот) народ вие го имате решено и правото на
рамноправност со вашето војување, вашето учество во тешките и непромирливи
борби заедно со грчкиот народ...".
Во резолуцијата на четвртиот пленум на ЦК на КПГ одржан на 28-29 јули
1948 година, се вели: "Пленумот го подвлекува вонредниот прилог што го дава
словеномакедонскиот народ за општото дело на слободата. Учеството на
словеномакедонскиот народ во борбата е сеопшто и тотално. Со оваа своја
борба словеномакедонскиот народ цврсто ја гради својата слобода, својот
рамноправен живот, со крвта на своите синови и ќерки ја закрепнува и
обезбедува својата народнодемократска иднина".
Во критичката забелешка на генералниот секретар на КПГ Н.Захиријадис на
статијата на Пандо Вајна под наслов "ДАГ и Словеномакедонците", меѓу другото
се потенцира: "... Таа борба мина низ разни фази. Беше искористена од разни
реакционерни организации и партии. Но, денеска таа борба си го најде
правилниот пат и се самопотврди. И македонскиот народ денеска создава свој
национален живот и огниште и се стреми кон своето единство што го постигна
со својата крв. Македонскиот народ ќе постигне една независна единствена
држава на рамноправна позиција во семејството на слободните
народно-демократски народи на Балканот, во семејството на кое ќе му припаѓа
утре и грчкиот народ со народната република. За таква, независна,
единствена, државна и рамноправна позиција се бори денеска и македонскиот
народ од Егејска Македонија и & помага со се душа, со сите свои средства на
ДАГ, предизвикувајќи восхит со величието и посветеноста на своите
народи...".
Во Резолуцијата на петиот пленум на ЦК на КПГ од јануари 1949 година,
меѓу другото се вели: "Во Северна Грција македонскиот (словеномакедонскиот)
народ даде се за борбата и се бори со нечуен хероизам и самопожртвување, што
предизвикува восхит. Не треба да има никакво сомневање дека победата на ДАГ
и народната револуција, македонскиот народ ќе најде целосно национално
решение онака како што сака самиот, дотолку повеќе што денеска пролева крв
за таквото свое остварување...".
(Продолжува)