СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

АНТИЧКО-МАКЕДОНСКИТЕ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОР СЕ НАСЛЕДСТВО ОД АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ, А НЕ ИЗБЛИК НА "РОМАНТИЗАМ" ВО 19 ВЕК!

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Сите мотиви од антиката стигнале до денешниве Македонци преку наследството од античките Македонци!
  • Зошто еден украински фолклорист се обидува да ни ги направи поблиски будистите, отколку античките Македонци?

Во сегашниве услови мислам дека појавата на постоење на македонски народни творби, посветени на античките Македонци, треба посериозно и посмело да се обработува, наместо досегашниот понижувачки и потценувачки однос, диктиран не само од страна на дневно-политичките потреби на идеологијата на екстремните пан-слависти, туку и од страна на странските шовинистички пропаганди, кои и самите тврдат дека денешните Македонци наводно немаат никаква етничка и културна врска со античките Македонци. Се разбира дека над сето тоа треба да биде силата на аргументите, а примерите што ги приложуваме во овој труд, претставуваат повеќе такви аргументи, кои едноставно можат да се формулираат и како едно единствено прашање, кое гласи: доколку денешните Македонци немаат никаква етничка и културна врска со античките Македонци, тогаш како да се објасни појавата на македонски народни творби во денешниот македонски фолклор, во кои се споменуваат античките Македонци како наши предци? Пак ќе повториме дека фолклорот на секој народ во најголема мера ги влече своите корени од етничкото минато на истиот тој народ. Значи, Македонците од 19 и 20 само ги наследиле фолклорните творби (обичаи и сл.) од своите предци. Тие, пак, ги наследиле од своите и се така до античките времиња на пра-настанокот на овие мотиви. Впрочем, за ова јасно сведочеле и браќата Хаџи Секови кои за песните за царот Каран изјавиле дека (цитат): "...биле пеени од нашите татковци и дедовци, та и ние сме ги научиле од нив да ги пееме.'" Браќата Хаџи Секови не изјавиле дека овие песни биле "измислени откако на туѓ јазик некој од нив го прочитал романот 'Александрида'" или нешто слично, туку тие јасно потенцирале дека песните им останале како наследство уште од старите времиња. Ваквите сведоштва мора сериозно да се земаат предвид и тие имаат далеку поголема тежина од фантазијата на споменативе современи екстремни панслависти.

ЗОШТО НЕМА МАКЕДОНСКИ УМОТВОРБИ ЗА СЛОВЕНИТЕ?

А сега, откога го објаснивме ова, предлагам да поставиме едно друго прашање во врска со некои од етно-културните мотиви во нашите народни творби. Сите приврзаници на теоријата за исклучивото задкарпатското потекло на денешните Македонци треба јавно да посочат барем една единствена македонска народна творба во која е опишан животот на Словените во нивната наводна прататковина зад Карпатите. Но, попусто ќе се трудат затоа што такви творби во нашиот фолклор - нема! Поради тоа, се поставува прашањето: доколку денешните Македонци се чисти задкарпатски Словени, зошто тогаш нема ниту една македонска народна творба за нашиот наводен живот "зад Карпатите"? И не само тоа. Дури и самиот етноним Словени, но и придавките што произлегуваат од него речиси и не постојат во македонските народни творби, за разлика од етнонимот Македонци (и придавките што произлегуваат од него). Во "Зборникот" на браќата Миладиновци ниту еднаш не е спомнат терминот Словени, а така е со уште десетици други збирки со фолклорни умотворби. Од илјадници македонски народни творби што досега сум ги прочитал, само во две песни го имам сретнато етнонимот Словени. Едната е претходно споменатата песна што ја запишал Французинот Сипријан Робер, во која е спомнат етнонимот Словени, но како народ, кој бил ист со античките Македонци! Втората, пак, е познатата народна песна со потекло од Битолско, во која ергенот оди во Битола за да најде работа, при што на улица среќава една мома Еврејка. Последните стихови на песната гласат: Там си сретнав мома Еврејка/ со коси растурени/ И је реков по славјански/ Да се стори Славјанка... Поради одредени сегменти од мелодијата, оваа песна несомнено дека е од понов датум, а спомнувањњто на градот Битола, со сигурност значи дека етнонимот "Славјанка" во оваа песна не потекнува од времето на нашиот живот зад Карпатите (Битола не се наоѓа зад Карпатите, зарем не?).

И што сега? Како ќе го објаснат овој емпириски факт приврзаниците на исклучивото задкарпатско потекло на македонската нација? Се надевам дека нема да тврдат дека нашиот народен гение бил во заблуда штом не создал ниту една творба за наводниот задкарпатски живот на нашите предци, а за разлика од тоа создал бројни творби за нашето античко-македонско потекло. Напротив, докажано е дека македонскиот народен творец брилијантно умеел да ги детерминира нашите предци низ историјата, од кои, впрочем, и самиот потекнувал.

САМУИЛ ОПЕАН КАКО МАКЕДОНСКИ ЦАР!

За чувството на ваквото брилијантно детерминирање на вистинските македонски предци и цареви од страна на македонскиот народен пеач ќе посочиме еден интересен пример. Имено, постои македонска народна песна во која, како македонски цар, е опеан царот Самуил (а за легендите од неговото време и да не зборуваме). Оваа песна е настаната околу илинденскиот период и во неа народниот пеач се повикал на традицијата на Самуиловото Царство:

"... Нека разбере цела Европа,

па ако сака и сам султанот:

Тука живеат се Македонци,

на Самуила славни потомци...

И ново царство ќе основаме

над таа клета тиранија."

Гледаме дека во свеста на македонскиот народен пеач од илинденскиот период сосема јасно Самуил бил сметан како македонски цар, а Македонците како негови потомци. Од друга страна знаеме дека денешната големобугарска пропаганда го присвојува царот Самуил, прикажувајќи го како бугарски цар кој, наводно, само ја наследил круната на неговите наводни претходници: Борис, Симеон и Петар. Но, до големобугарските пропагандисти се поставува прашањето: ако царот Самуил бил "бугарски цар", како можело да се случи, од сите тогашни бугарски цареви, единствено тој да биде опеан од македонскиот народен пеач? Зошто не постои ниту една македонска народна творба за неговите (според бугарската пропаганда) претходници - Борис, Симеон и Петар, но и за неговите наводни наследници - средновековните бугарски цареви Асен, Петар, Калојан, Шишмановци и другите? Значи, еве со колкава прецизност македонскиот народен творец ги детектирал нашите вистински предци.

Па, зошто тогаш го нема животот на Словените зад Карпатите во македонските народни творби, а има елементи од културата на античките Македонци? Практично, приврзаници на пан-славистичката теорија за исклучивото заткарпатското потекло на денешната македонска нација, од една страна не убедуваа дека македонските народни творби со античко-македонска содржина наводно биле "производ на романтизам", а од друга страна молчеа пред фактот што не постои ниту една македонска народна творба посветена на наводниот живот на нашите предци зад Карпатите, иако доселувањето на Словените од зад Карпатите временски е многу поблизу до нашево време отколку опеаните антички Македонци.

БУДИСТИЧКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПРИКАЗНИ?

Артикулациите на поедини наши, но и странски, фолклористи понекогаш ја минуваа границата на добриот вкус. Така, на пример, украинскиот научник Михаил Драгоманов во својата книга: "Славјански сказанија за пожртвувание собствено дете", (СбНУ 1, 1889, стр. 65-96, цит. според Кирил Пенушлиски, цит. дело, с. 95) пишува за приказната запишана од Кузман Шапкарев (што веќе ја споменавме) во која бог му ја исполнил желбата на некој човек, а потоа отишол да го посети преправајќи се како болен старец, кој ги натерал домаќините да си го отепаат детето, кое потоа го оживеал. Иако наведовме докази според кои основните мотиви на оваа приказна ги имало во античката митологија и како такви нашиот народ ги наследил преку културата на античките Македонци (кои ја практикувале оваа митологија) украинскиот историчар Драгоманов, верувале или не, тврди дека оваа приказна имала "будистичко потекло" (!?). Во врска со толкувањето на овој мотив од страна на Драгоманов, д-р Кирил Пенушлиски пишува:

"Во своето компаративно истражување на трите варијанти на оваа легендарна приказна Драгоманов смета дека таа има будистичко потекло и дека се наоѓала во муслиманските легенди во "Арапското евангелие за детството на Христос". (цит. дело, стр. стр. 95).

Не ми е јасно како успеал Драгоманов да замисли дека овој "будистички мотив" стигнал до Македонците од 19 век? Зарем некој може да замисли будистички свештеници со бричени глави како шетаат полуголи во 19 век низ Македонија и на некој далечен азиски јазик им ја раскажуваат оваа приказна на нашите (главно неписмени) предци, кои потоа му ја прераскажале на Шапкарев? Навистина, поинаку не ми е јасно како можел овој "будистички мотив" да дојде до Македонците од 19 век. Посебно ако се знае дека таквиот мотив постоел и во културата на античките Македонци и многу понормално е да се тврди дека истиот бил преземен токму од нив. Значи сешто се измислуваше само за да не се спомнат античките Македонци. Дури и будистите ни беа претставувани како "поблиски" од античките Македонци. (Овде нема да се оддалечувам од темата и да спомнам дека денес познати индиски историчари, како што е д-р Ранаџит Пал, јасно пишуваат дека врз будизмот огромно влијание своевремено одиграла токму културата што Александар Македонски ја пренел во Индија, за што повеќе детали има во мојата претходна книга "Уделот на Македонците во светската цивилизација". Значи, токму било обратното - во антиката Индијците биле тие кои примиле значителни културни белези од Македонците).

Слична е и состојбата со култот за змиите за кој веќе пишувавме. Факт е дека е забележан истоветен однос кон змијата (како магиско животно) и од страна на античките и од страна на современите Македонци. Но, наспроти тоа, некои наши фолклористи сметаат дека верувањата во магиската моќ на змиите "ги донеле Словените од својата прататковина зад Карпатите" (!?). Како прво, за ваквото тврдење тие не нудат никакви докази, а како второ, минималното познавање на зоологијата покажува дека змиите многу повеќе живееле (и живеат) во потоплите македонски краеви отколку во посеверните задкарпатски предели.

Има и други слични примери. Еден наш фолклорист пишува дека мотивите на некои од приказните за Итар Пејо биле преземени од ликовите на (цитат): "Баронот Минхаузен, Тил Олјеншпигел и Бетолдо" (!?). Барем јас никако не успевам да си ги замислам нашите мариовци од 19 век, како го читаат романот за германскиот фолклорен јунак Тил Олјеншпигел, а потоа мотивите од тој роман ги фалсификуваат и ги прикажуваат како мотиви со Итар Пејо. Истиот фолклорист наоѓа и мотиви во македонски народни приказни за кои смета дека биле преземени од книгата за "Синтипа филозофот" (која тогаш исто така била преведена на бугарски и на српски).

Се надевам дека читателите нема да ми забележат на сиот досегашен (оправдан) цинизам, но целта ми беше да укажам до каде се не одеше нашиот сопствен мазохизам во негирањето на вистината за нашите етнички корени. На бројни наши учени воопшто не им пречеше тоа што други народи (без никакви аргументи) го присвојуваа Александар Македонски како свој, а кога исконската сила и историско помнење на нашиот народен гение им понуди докази дека античките Македонци се нашите предци, тогаш тие, не само што ова не го прифатија, туку дури и се обидоа да ги забошотат ваквите чисти докази со своите бесмислени толкувања за наводниот "романтизам" кај нашиот народ. Не знам дали кај некој друг современ народ постои ваков мазохизам.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"