| |
ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА
Собор на Свети Архангел Михаил и останатите Бестелесни Небесни Сили
ДА СТОИМЕ СМЕРНО ПРЕД НАШИОТ СОЗДАТЕЛ
Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА
- Тие се: шестокрилни Серафими, многуочни Херувими и Богоносни Престоли,
Господства, Сили и Власти, Началства, Архангели и Ангели. Секој од овие
чинови врши посебна служба. Пониските ангелски чинови се послушни на
повисоките.
- Бог го поставил Свети Архангел Михаил за началник и војвода на сите
девет ангелски чинови. Светата Православна Црква од Светото Писмо и
Светото Предание ги дознала имињата на началниците на Ангелските сили, а
тие се: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Салатил, Јегудил, Варахил, Еремил.

Собор на Светите ангелски бестелесни сили
Г осподи, Создателе на светот!
Целата земја нека Ти воскликне, да Ти воздаде слава и похвала. "Целата земја
нека Ти се поклони и да Ти пее, да Му пее на Твоето име, Севишни. Дојдете и
видете ги делата Божји..." Господ го создал духовниот свет (ангелите) уште
пред да го создаде материјалниот свет ( земјата, ѕвездите, човекот и т.н.).
Зборот ангел значи весник, гласник. Тие се верни Господови гласници кои ги
пренесуваат Божјите заповеди и пораки. Затоа на фреските и на иконите се
претставени со крилја. Ангелите се бесмртни бестелесни духови. Луѓето за да
можат полесно да си создадат претстава за нив, тие се насликани во човекова
форма. Од Светото Писмо дознаваме дека бројот на ангелите е необично голем и
дека тие го слават Бога. Многубројно небесно воинство го славело раѓањето на
Господ Исус Христос велејќи : " Слава на Бога во висините, а на земјата мир
и меѓу луѓето добра волја!"
ВЛАСТ НАД СМРТТА
Свети Дионисие Ареопагит, во книгата “За Небесната Ерархија”, ги опишал
деветте ангелски чинови. Тие се: шестокрилни Серафими, многуочни Херувими
и Богоносни Престоли, Господства, Сили и Власти, Началства, Архангели и
Ангели. Секој од овие чинови врши посебна служба. Пониските ангелски
чинови се послушни на повисоките. Бог го поставил Свети Архангел Михаил за
началник и војвода на сите девет ангелски чинови. Светата Православна Црква
од Светото Писмо и Светото Предание ги дознала имињата на началниците на
Ангелските сили, а тие се: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Салатил, Јегудил,
Варахил, Еремил. Свети Михаил на еврејски јазик значи: кој е како
Бог, или кој е рамен на Бога? Тој е Првоангел Божји, Архистратиг, Чудотворец,
голем Чиноначалник (Старешина) на Небесните Сили. На иконите е претставен
како војвода кој во десната рака држи копје, а во левата палмова зелена
гранка. Со копјето го допира Луцифер, сатаната. На врвот на копјето има
панделка со црвен крст. На некои икони е претставен со терезија во едната
рака и огнен меч во другата рака. Светиот Првоврховен Архангел Михаил
поседува необична духовна сила и има власт над смртта. Тој е најголем борец
против верските ереси и најголем чувар на православната вера. Се спомнува во
Стариот и во Новиот Завет. Во книгата на пророкот Данаил, Св. Архангел
Михаил е опишан како покровител на Еврејскиот народ. Во Откровението на Св.
Јован Богослов е опишан како верен и храбар Архангел Божји. Кога сатаната
Луцифер од завист кон Бога, горделиво посакал да биде еднаков со Бога и се
откажал од Бога, отпаднал од Бога и со себе повлекол и дел од ангелите.
Тогаш настанало страшна војна на небото. Архангел Михаил, храбро застанал на
чело на целиот Собор од ангели и извикал: "Да внимаваме! Да застанеме добро,
да застанеме со страв. Да стоиме смерно пред нашиот Создател и да не
помислиме на тоа што е спротивно на Бога!". Тогаш заедно со него, сите
небесни ангелски војски громогласно ја запеале торжествената песна која низ
сите векови и ден денес се пее во Светата Црква : "Свет, Свет, Свет, Господ
Саваот! Полни се небесата и земјата со Твојата слава; "Поради тоа што
ангелите сложно и едногласно запеале славејќи го Света Троица (Отецот и
Синот и Светиот Дух), таквото соединување на сите свети ангели добило назив
Собор на ангелите. Значи, на 21 ноември, за спомен на овој Собор е
востановен овој празник, со кој им се оддава слава на сите небесни војски.
ОГАН БОЖЈИ
Св. Јован Богослов ја опишува борбата на Св.Архангел Михаил со ѓаволот :
"И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот,
а змевот и неговите ангели војуваа против нив; И беше исфрлен големиот змев....сатана,...беше
соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени". Св.
Архангел Гаврил значи-крепост Божја. Тој е благовестител на тајните
Божји. Св.Рафаил значи-исцеление Божјо или Бог исцелител. Тој е
исцелител на болестите. Св. Урил на еврејски значи-оган Божји или
светлост Божја. Тој е служител на Божествената љубов. Ја распламтува во
срцата љубовта кон Бога. Св. Салатил значи –молитвеник Божји. Св.
Јегудил значи-славител Божји. Св. Варахил значи-благослов Божји.
Св. Еремил значи-возвишување Божјо. Сите ангели се природа разумна,
обдарени со ум и слободна волја, во служба на Бога и спасение на човештвото.

Свети Архангел Михаил
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд
|