СПОРТ

Две наши репрезентации на меѓународна сцена

ИСПИТ ЗА ДОКАЖУВАЊЕ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Во периодов кој престои свое учество во квалификациите за Европското првенство ќе имаат машката кошаркарска репрезентација на Македонија и женската ракометна репрезентација во квалификациите за Светското првенство.

Во периодов кој следува две наши репрезентации ќе се појават на меѓународна сцена во квалификациите за настап на големите натпреварувања во нивните спортови.

Имено, во периодов кој престои свое учество во квалификациите за Европското првенство ќе имаат машката кошаркарска репрезентација на Македонија и женската ракометна репрезентација во квалификациите за Светското првенство. Натпреварите за двете репрезентации се од исклучителна важност затоа што од успехот на натпреварите во овој циклус на квалификации многу ќе зависи дали македонскиот спорт ќе биде застапен на големите светски натпреварувања помеѓу европската и светска елита. Токму преку овие квалификации нашите кошаркари и ракометарки можат да докажат дека нивното место е токму помеѓу најдобрите европски и светски репрезентации.

КОШАРКА

Македонската кошаркарска репрезентација го продолжува циклусот на натпревари за претстојното Европско првенство. Во досегашниот тек на квалификациите мора да се каже дека не поминавме резултатски најдобро. Имено, по првиот циклус на квалификации имаме две победи и три пораза. Ако поразот од Хрватска беше очекуван и ако можевме да очекуваме дека може да изгубиме и од Германија која на последното светско првенство го освои третото место, секако многу боли неочекуваниот, но за жал заслужен пораз од анонимната репрезентација на Ирска, кој може да биде и фатален за нашиот пласман на Европското првенство. Велиме фатален затоа што претходно веќе бевме во една таква незгодна ситуација, кога доживеавме еден сосема неочекуван и непланиран пораз од Белгија, во изминатите квалификациони циклуси за ЕП. Затоа сега со посебно внимание се очекува овој циклус кој е и решавачки за тоа дали ние ќе одиме на Европско првенство или не. Селекторот многу амбициозно најави дека во преостанатите пет средби ќе оди на минимум три победи кои според него ќе бидат доволни за пласман на нашата репрезентација на Европското првенство. Секако дека најважен натпревар ќе биде натпреварот против Хрватска од кој многу ќе зависи дали ќе треба да одиме на победа во Германија . Исто така првиот натпревар против Хрватска е мошне значаен и поради тоа што од тоа сигурно ќе зависи и мотивацијата на нашите репрезентативци за понатамошните натпревари. Селекторот најавува сигурни победи на натпреварите против Ирска, Кипар и Босна во БИХ, и со победата против Хрватска сигурно ќе го освоиме и ќе го визираме патот на Европското првенство.

ПРОЦЕНА

Надежите посебно се подгреваат поради фактот што овој пат нашата репрезентација ќе биде засилена на нашата најслаба позиција, а тоа е позицијата на центар каде што се прават напори да се ангажира американецот Кенион Џонс, кој со своето присуство треба да помогне да се постигне очекуваниот резултат. Со Кенион Џонс на центар и со одличната бековска линија можеме реално да очекуваме дека предвидувањата на селекторот за четири победи и еден пораз ќе се оставарат, а со тоа и ние ќе се квалификуваме на Европското првенство, што би било наше второ учество по Франција во 1999 година, каде ги освоивме симпатиите.

Значи и во кошаркарската репрезентација се испробува методот да се натурализира некој странец за да се постигне успех. Овој метод се покажа доста успешен во ракометот, а за делумно успешен можеме да го сметатме во фудбалот, но токму во кошарката со натурализирањето на Шливањчанин овој метод не успеа. Дали ангажирањето на Шливањчанин беше само погрешна процена на нашиот стручен штаб, погрешна процена или гаф, па сега можеме да се надеваме дека со Кенион Џонс ќе се постигне вистинскиот ефект. Најискрено се надеваме дека Македонија ќе успее да се квалификува на Европското првенство и со тоа ќе ги победеме сите оние кои досега зборуваа за рапидно опаѓање на квалитетот на кошарката во Македонија.

РАКОМЕТ

Женската ракометна репрезентација во значително подмладен состав и со отсуство на ракометарките кои досега го сочинуваа костурот на тимот влегува во квалификациите за Светското првенство. Ова воедно ќе биде и промоција и прв официјален натпревар на новиот селектор Зафир Куновски кој ете ја имаше честа да ја води македонската репрезентација кога играчки значително е ослабена и кога сите од него очекуваат да преземе чекори за смена на генерациите. Предводник на оваа генерација ќе биде Тарчуловска, а малку поискусни во играњето за репрезентацијата се уште се и Ристеска, Андреева и Велкова. Сите други репрезентативки се со скромно искуство или ќе дебитираат во националниот состав токму сега.

Во една таква ситуација со малку сомнеж ги испраќаме нашите репрезентативки на овој квалификационен циклус. Се надеваме дека ќе ги побијат сите наши сомнежи и дека токму на овие квалификации ќе докажеме дека Македонија негува добра ракометна школа. Пласманот во баражот ќе преставува голем успех за овој млад тим.

Она што загрижува е што нашата реперезентативка и предводник на овој тим Тарчуловска која најавува повлекување од репрезентацијата. Ваквата најава се надеваме дека е поради тоа што на популарната Вале и е понуден австриски пасош. Сите се надеваме дека Вале ќе ја смени или нема да ја донесе одлуката за повлекување од репрезентациајта, затоа што сите очекуваме дека токму таа ќе биде предводникот на оваа репрезентација и со своето искуство ќе биде неопходната алка за побезболно да помине смената на генерации.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"