| |
Хисни Шаќири- потпретседател на Собранието?
Хисни Шаќири, според информациите на " Дневник" најверојатно ќе стане
потпретседател на Собранието на Македонија. Демократската унија за
интеграција непопустливо застанала зад кандидатурата на Шаќири, со
образложение дека другите предлози би биле уште помалку прифатливи за
коалицијата "ЗА".
Неофицијално се дознава дека СДСМ и ЛДП биле подготвени да ја "проголтаат"
кандидатурата на бившиот командант на ОНА. Претседателот на Собранието,
Никола Поповски, во саботното интервју за Радио-Скопје изјавил дека
кадровскиот предлог на ДУИ за потпретседател ќе биде "болен за јавноста". Во
политичките кругови таа изјава се толкува како блага подготовка на граѓаните
за седницата што ќе се одржи на 4 декември, на која треба да се изберат
двајцата собраниски потпретседатели.
Ахмети ќе се појави во Собранието идната недела
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, најверојатно
идната недела ќе се појави во Собранието на Македонија, тврдат партиски
извори за "Вест". Неофицијално, во ДУИ тврдат дека партиски став било дека
сега е вистински момент Ахмети да се појави на собраниската седница која
спикерот Никола Поповски ја закажа за четврти декември. Ахмети сега може да
биде посигурен дека нема да му се случи нешто, бидејки веќе има нова влада
во која партиципира неговата партија. Првпат во Собранието со Ахмети како
новоизбрани пратеници ќе влезат и Г'зим Острени и Фазли Велиу.
Поголема плата за новите министри
Новите министри размислуваат за начините како да си ги зголемат платите
како еден од начините за одбрана од корупцијата,
изјави новиот портпарол на Владата, Сашо Чолаковски и додаде:Тоа е засега
само идеја, која не е приоритетна, и нејзиното остварување ќе зависи од
разговорите со мисијата на ММФ. Свесни сме за состојбите во државата и ова
не е во преден план на активности и засега само се размислува. Според
него, сегашната просечна плата на министрите од околу 28.000 денари не е
доволна како брана за обидите на корупцијата на кои министрите можат да
бидат изложени.
Самитот во Прага-почеток на проширувањето
Вратата е ширум отворена. Се ќе зависи од нас дали ќе се решиме да
направиме чекор напред и да влеземе во клубот кој сега брои 26 члена. Иако
декларативно немаме дилеми околу потребата да се членува во НАТО-алијансата,
во изминатите четири години, реално не направивме ништо сериозно за тие наши
декларативни намери да ги преточиме во сериозно подобрување на нашата
позиција. Треба да бидеме објективни да признаеме дека не само кризата, туку
и анти НАТО-хистеријата која кулминираше за време на кампањата за
парламентарните избори, што ја предводеше поранешниот премиер Георгиевски,
во многу ги поматија шансите на Македонија и сега да котира подобро меѓу
членките на НАТО, вели министерот за
одбрана на РМ, Владо Бучковски во интервјуто за Утрински весник.
Од Македонија не се барат војници за интервенцијата во Ирак
Владата, ниту формално, ниту неформално нема разговарано и одлучено како
Македонија да се вклучи во антитерористичката коалиција во разрешувањето на
проблемот во Ирак, затоа што тоа од неа никој досега не го побарал. Но, и да
се вклучи, како што пишува Утрински весник, тоа ќе биде скромен придонес,
кој во себе нема да ја има воената компонента. Меѓународната заедница или
сојузниците, прв пат по 11 септември, се поделија по прашањето на
евентуалниот напад на Ирак. САД силно притискаат, без разлика на
Резолуцијата на ООН, сојузниците да се подготват за напад на Ирак, веројатно
кон средината на февруари.
Бистата на Јонузи не е помрдната
Владата и понатаму не може да го реши проблемот со училиштето во Шемшево,
и покрај изјавите дека бил постигнат компромис наместо "Даме Груев" или "Јумни
Јонузи" училиштето да се вика "Шемшево" и најавите дека Македонците неделава
ќе почнат со настава. Според Сашо Чолаковски, портпарол на Владата, работата
ја кочат "мала група насилници што не дозволуваат да се премести бистата на
Јонузи од дворот на училиштето".
Хаг ќе ги добие предметите што ги бара
Основниот суд 2 во Скопје ќе ги препушти во надлежност на Хашкиот
трибунал предметите што ги бара тој суд. Во текот на неделава кривичниот и
истражниот оддел во Судот на заедничка седница ќе донесат решенија за
отстапување на надлежноста на секој предмет поединечно. Станува збор за
судскиот процес против 23 лица, од кои двајца се во притвор, обвинети за
малтретирање на градежните работници на "Маврово", за истрагите против
лидерите на ОНА и против лицето што ги затворило вентилите на браната на
Липковско Езеро и за случаите Љуботен и Непроштено.
Судот мора да донесе одлука да ги предаде предметите во надлежност на Хаг
бидејќи не може да го одбие барањето на Трибуналот поради нерегулирани норми
за соработка со овој меѓународен суд. Судот сам требаше да се снаоѓа како
тоа да го изведе, бидејќи државата ниту донесе закон за соработка со Хашкиот
трибунал ниту спроведе одредби во Законот за кривична постапка со кои
постапката би се регулирала - вели судијата Владо Џивлиџиев, задолжен за
односи со јавноста.
Богатството на вмро-вците, службена тајна
Пратениците на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, ќе го пријават
својот имот во анкетните листови, но најверојатно нема да го следат примерот
на членовите на Владата и јавноста да ја известат каква е нивната имотна
состојба. Потпретседателот на партијата и координатор на пратеничката група,
Марјан Ѓорчев, вели: Анкетниот лист, според Законот за спречување на
корупцијата, има својство на службен документ, па податоците внесени во него
треба да се третираат како службена тајна се додека надлежните институции не
утврдат дека имотот е стекнат на нерегуларен начин. Но, ако некој од нашите
пратеници реши да ја обелодени својата имотна состојба, ние нема да му
правиме проблем.
|