ИНТЕРВЈУ

Доцент д-р Татјана Петрушевска од Катедрата за меѓународно право и меѓународни односи при "Правниот факултет" во Скопје

ВО МАКЕДОНИЈА ОТСУСТВУВА АВТЕНТИЧНА НАДВОРЕШНО-ПОЛИТИЧКА ИНИЦИЈАТИВА

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • Од признавањето на Тајван па наваму, во основа РМ нема единствена надворешна политика, ниту во смисла на стратегија, ниту во смисла на тактика. Надворешната политика на државата беше препознатлив конгломерат од проблематични по опстанокот на државата партиски ставови што на меѓународната сцена ги пласираа партиските војници кои во конкретниот момент стоеја на чело на централните органи на власта.
  • Што се однесува до РМ, не само кога станува збор за нејзиниот прием во НАТО, туку, пошироко и во ЕУ, причините за актуелното отсуство на интерес кај овие институции за вовлекување на РМ во нивната архитектура, пред се мораме да ги бараме на нашата страна, со цел прецизно да ги дефинираме и потоа со нив ефикасно да се справуваме.

МС: Д-р Петрушевска, лидерите на земјите-членки на НАТО решија да ги прошират границите на Алијансата, но РМ ја оставија да чека, без попрецизна гаранција за нејзин прием. Дали навистина нашата држава ги нема исполнето стандардите за прием во НАТО, или, пак, во прашање е нешто друго?

ПЕТРУШЕВСКА: Актот на проширување на НАТО што се случи на, воопшто, првиот состанок на Северноатланскиот совет на Алијансата одржан на просторот "од онаа страна на Берлинскиот ѕид", всушност, во главниот град на една од државите кои станаа членки на Сојузот во исклучително контроверзната година за него, имено во 1999, кога НАТО ја нападна СРЈ, без претходна авторизација од страна на Советот за безбедност на ООН – Прага, Чешка, е значаен поради мноштво причини, од кои, во оваа прилика ќе подвлечам само две: прво, станува збор за импозантно широк круг на проширување, кој опфаќа вкупно седум држави. И без поодделното именување на секоја од нив, нивниот збир, самиот по себе, е претпоставка за надградување на постоечката институционална основа, на сега веќе огромната евроатланска зона на мир, безбедност и стабилност, за проширување на опфатот на државите кои ќе делат истоветни, веќе утврдени вредности со докажана некаква функционалност, всушност, за понатамошен тек на процесот на евроатланското интегрирање во воено-политичката сфера. И второ, доколку навлеземе во извесни спецификации, никако не смее да се пренебрегне фактот дека НАТО веќе ги опфаќа и двете, споредбено опсервирано, во значителна мера проблематични држави кои се наоѓаат или во непосредното, или во поширокото опкружување на РМ - Бугарија и Романија. Од гледна точка на интересите на старите членки на Алијансата, приемот на овие држави може да биде аргументиран и како драматичен, и како извонредно ризичен. Но, сепак, од аспект на долгорочните интереси на регионов, и особено поаѓајќи од нужноста РМ во соседството да има стабилни политички и економски целини, упатно е на овој факт да се гледа како на понатамошен поттик на процесот на стабилизирање на демократијата и на слободниот пазар во Источна Европа. Што се однесува до РМ, не само кога станува збор за нејзиниот прием во НАТО, туку и пошироко во ЕУ, причините за актуелното отсуство на интерес кај овие институции за вовлекување на РМ во нивната архитектура, пред се мораме да ги бараме на нашата страна, со цел прецизно да ги дефинираме и потоа со нив ефикасно да се справуваме. Мораме да бидеме длабоко свесни за пораките што секојдневно несвесно ги рефлектираме кон партнерот кон чие друштво вербално се стремиме. Да не заборавиме, во РМ, во текот на минатата година се одвиваше вооружен конфликт, кој по дефиниција е и жесток и крвав. Неговите последици се уште се кошмар за многумина граѓани на оваа држава. Се уште со запрепастувачка леснотија се подигнува рака, се повлекува оружје кон суштества од различна етничка припадност. Се уште не постои фактичка контрола врз целокупната државна територија. Се уште еден дел од вкупната гранична линија на РМ со соседите не е демаркиран. Да не зборувам за проблемите кои во континуитет ги влечеме во сиот постсоцијалистички период: кумулирани економски дубиози; отсуство на демократска практика, (иако постојат демократски институции, тие остануваат на површината неисполнети со демократска содржина); невладеење на правото; социјални потреси; широк замав на корупцијата; дискутабилно оживотворување на основните слободи и човекови права, (и покрај нивната гаранција и во Уставот и во законските акти). Конечно, задоволувањето на овие општи претпоставки мора да биде надополнето и со исполнување конкретно-специфични критериуми, функционални од аспект на членство во НАТО: сведување на припадниците на активниот воен состав на 12. 000, на припадниците на резервниот состав на 48. 000, намалување на офицерскиот кадар за околу 700 лица, на цивилните лица во служба на армијата за околу 1000 лица, справување со тенковите Т-55 и со авионите Сухој-25. Сепак, да бидеме реални. Приемот во членство често и не мора да значи апсолутно дисциплинирано задоволување од страна на кандидатот на сите поставени услови (на пр. Романија се уште се бори и со корупција, и со сиромаштија, генерално, со неуспешни економски реформи, па сепак, во институционална смисла нејзината положба е многу поповолна од онаа на РМ). Меѓутоа, ваквите случаи имаат врска со актуелната проценка на државите-членки на Алијансата кои имаат најголема фактичка моќ, не само на тековните, туку и на долгорочните интереси во однос на конкретна држава, или на регионот во кој таа функционира. Се разбира, кога е во прашање РМ, во моментов овој дискурс е помалку релевантен, или да не претерувам, но во секој случај не е доминантен. Тој би имал големо значење во евентуалните проценки за кој круг проширување би требало да се подготвува РМ, но дури откога успешно ќе се справи со бројните тешкотии за кои претходно говорев.

ОБВРСКИ

МС: Барањата на НАТО горе-долу ни се познати. Што ќе добие РМ ако поради барањето на НАТО жртвува дел од воениот и човечкиот потенцијал? Какви правни, политички и воени обврски ја очекуваат РМ?

ПЕТРУШЕВСКА: Обврските што претходно ги изнесов се идентични за сите држави-кандидати за членство во НАТО. Само за споредба, на пример Романија, во периодот од 1989 до денес мораше да "жртвува" воена машинерија од 200 000 лица (иако, за жал, се уште троши многу поголем процент од сопствениот бруто-домашен производ за одбрана од која било западно-европска држава, дури 2.4%). Во секој случај, како принципиелно прашање, секогаш кога се работи за утврдување бројки тие би морале, на страната на РМ да бидат искристализирани врз основа на сеопфатна анализа на структурата на војската, и да се планираат барем среднорочно (значи за петгодишен или подолг период) и врз основа на неа да се гради преговарачката позиција со Алијансата. Во досегашната постапка, бројката на редукција на активниот и на резервниот состав веќе е договорена, а онаа на офицерскиот кадар се уште е на маса. Инаку, обврските за РМ се бројни: воени (прифаќање на Стратешкиот концепт и на Воената доктрина на НАТО; трансформација, реорганизација и стандардизација на вооружените сили и на воените системи во согласност со НАТО-стандардите; воспоставување контрола на органите на државната власт врз вооружените сили; создавање специјални одделенија во воените институции за усогласување на дејствијата со Воената команда на силите на НАТО во Европа; усогласување на воените буџети со стандардите на НАТО и планирање во рамките на државните буџети, или на буџетите за одбрана на долгорочни програми за купување оружје од западно производство; преориентирање на одбрамбената индустрија на западна технологија и на цивилни програми на производство; реконструкција и стандардизација на инфраструктурните објекти што НАТО може да ги користи за подобрување на своите стратегиски и тактички потреби; оспособување на вооружените сили за учество во воените вежби за оперативна и борбена готовност на вооружените сили на НАТО во мировни операции и во други мисии и обврски на НАТО; зголемување на бројот на официри и генерали кои ќе се обучуваат во образовните центри на НАТО итн...). Политички: (почитување на нормите на меѓународното право, Повелбата на ООН и документите на ОБСЕ; воздржување од закана со сила, или примена на сила во решавањето на меѓудржавните спорови; добросеседски односи, почитување на меѓународните обврски во поглед на разоружувањето и контролата на вооружувањето; соработка со НАТО во решавањето на општоевропските проблеми и поддршка на неговите ставови и воени и политички мисии; демократија, правна држава, човекови права) и економски (идентични со оние што ги бара ЕУ, но, во овој контекст како материјална подлога на сеопфатниот процес на приспособување кон НАТО стандардите). Сувопарното набројување на обврските дава одговор на пршањето што добива РМ? Добива можност макотрпно да работи на достигнување на високопоставените западноевропски критериуми. Нивното задоволување во содржинска смисла отвора простор и за институционално санкционирање на фактичката положба преку можноста РМ да учествува во НАТО како инструмент за регулирање на кризите во, условно говорејќи, новиот поредок, како камен-темелник на системот на колективна безбедност во Европа, како контролен механизам на разоружувањето и.т.н...

Фактот дека РМ е составен дел од големото подрачје на сигурност, понатаму несомнено ќе има влијание и врз нејзината перцепција од страна на факторите кои донесуваат одлуки дали да влегуваат во неа со инвестиции или не.

МС: Според најновиот извештај на Меѓународната кризна група за опстанок на Владата е потребен мир, особено во кризните региони. Каков е Вашиот став за него?

ПЕТРУШЕВСКА: Претпоставувам дека ве интересира предлогот што МКГ го изнесе во Извештајот под наслов: "Македонскиот пат кон одржливост, нов безбедносен приод кон НАТО и ЕУ", од 15.11.2002, во врска со гаранциите на НАТО во однос на зачленувањето на РМ. Очигледно, МКГ релативно коректно го вреднува исклучителниот придонес што РМ го имаше во многу пресудни моменти по регионот во целина ("Косовската криза, бегалската криза, мисиите" на територијата на РМ). Како опипливо признание во споменатата насока предлага токму РМ да стане центар за регионална безбедносна соработка. Меѓутоа, добар дел од она што го предлага во врска со обврските на НАТО кон РМ е обично "бла-бла", повторување на општи места што и на најмалку упатените во оваа проблематика им се добро познати, а за НАТО се одамна преземена (практично од почетокот на деведесеттите кога започна процесот на трансформација на НАТО) генерална обврска кон сите кандидати за членство. На пример, предлогот, НАТО да се обврзе на давање "безбедносна и обучувачка помош" за да го овозможи процесот на квалификување на РМ за прием во членство. Впрочем, и во Завршниот документ на Самитот во Прага Алијансата изразува подготвеност да го продолжи процесот на помагање на РМ, како акт на охрабрување на напорите на РМ за реформа, а во функција на "останување на РМ во седлото" т.е. "останува предвид за разгледување за идно членство".

МС: Борис Трајковски побара нова мисија на Алијансата во РМ. Но, притоа и ЕУ изрази подготвеност да ја преземе воената операција, се разбира, под соодветни услови што би ги диктирала Алијансата. Дали сметате дека ваквата мисија е најдобра за РМ?

ПЕТРУШЕВСКА: Всушност, РМ "побара" понатамошно присуство на странски сили на нејзината територија, кои исто така би имале воена компонента, но според составот и, особено, според намалените задачи би биле поинакви од претходните две мисии на НАТО. Овојпат нивниот мандат би се состоел во давање техничка помош на македонските безбедносни сили во процесот на реинтегрирање на територијата која беше зафатена со војна, во процесот на набљудување на западниот и северниот дел од граничната линија и во процесот на достигнување на стандардите на НАТО. Мандатот исто така ги "покрива" и припадниците на ОБСЕ, односно, ќе подразбира и заштита на странските цивилни мисии што функционираат во се уште неинтегрираните региони. Но, кој субјект би ја испратил мисијата? РМ остави простор заинтерсираните (НАТО и ЕУ) меѓусебно да се договорат. Што е неспорно? Дека на РМ & е неопходна мисија на странски сили. Дека со оглед на деликатноста, обемноста и интензитетот на активностите што допрва ќе мораат да ги преземат безбедносните сили на РМ, им треба техничка помош од искусна, докажана, ефикасна странска воена сила. Во моментов, без оглед каква вредносна оценка му даваме на овој факт, такви се силите на НАТО сојузот, со сите консеквенции што од тој факт произлегуваат – доминантност на стратешките интереси на една држава-членка – САД во физиономирањето на односите со трети држави. Од друга страна, Европските сили поради интересите на државите што стојат позади нив, како и поради нивното разбирање на и позиционирање во однос на случувањата во регионов, во извесна смисла би можеле да бидат третирани како поблагопријатни, но нивната ефикасност допрва би морала да се докажува токму на РМ. За жал, Европските сили се уште се во мошне болната и противречна фаза на воспоставување. Денес е јасно дека поради противењето на Турција на пристапот на овие сили кон информативната и логистичката инфраструктура на НАТО, тие нема да бидат подготвени за преземање на мисијата пред 15.12.2002. Во секој случај, кога веќе РМ мошне лежерно остави можност други субјекти да одлучуваат за нејзин интерес (како впрочем многупати досега), тогаш секако интерес на Македонија е барем НАТО и ЕУ да се договорат за субјектот на испраќањето и при тоа новата мисија да не биде преседан невтемелен врз заклучоците на Конференцијата посветена на односите НАТО – ЕУ. Понатаму, РМ не смее да дозволи новата мисија да биде преседан во смисла на сили со самостоен мандат. Несомнен интерес на РМ е да има мултилатерални сили, а не сили во кои би партиципирале само две-три држави.

УЦЕНИ

МС: РМ, СРЈ и РБ во неделата ја поставија тромеѓната гранична пирамида. Дали со тоа ќе се намали политичкиот притисок за остварување на идејата за независно Косово? Постои ли опасност по овој акт повторно да имаме терористички акции кои наликуваат на настаните по потпишувањето на Договорот за разграничување меѓу СРЈ и РМ?

ПЕТРУШЕВСКА: Процесот на "извлекување" на покраината Косово од суверенитетот на СРЈ не е поврзан со проблемот на делимитирање и на демаркирање на меѓудржавната граница меѓу државите што се во прашање. Имено, прашањето за етаблирање на Косово како независен субјект беше поставено многу порано, во поинаков, политички и економски контекст. Но, Договорот за разграничување меѓу СРЈ и РМ, политички, не и меѓународно-правно ги отвори "дилемите" за валидноста на едниот субјект на неговото склучување – СРЈ. Она што се случи во неделата е само почеток на долготраен и објективно тежок процес на фактичко повлекување на граничната линија на теренот. Тој самиот по себе нема моќ да влијае врз исчезнување на стремежите за независност. Дополнително, компаративното искуство не учи дека демаркационите постапки се per definitionem долготрајни активности што дури и кога ги спроведуваат држави во многу помирно опкружување, со многу поголеми финансиски можности траат со години. Веројатно оптимистичката варијанта во нашиов случај би била најмалку година-две. Сепак, дури и конечното ставање на последниот маркер, самото по себе, нема да влијае врз обескуражување на напорите на Косово за независност. Од друга страна, овој факт набљудуван не само изолирано, туку особено во комбинација со други факти (пред се поврзани со неспособноста, или несакањето на релевантните фактори на меѓународната сцена да дејствуваат превентивно) има капацитет да активира нови крвопролевања. Во оваа смисла добро би било новите странски сили на територијата на РМ, меѓудругото, да се искористат во насока на постигнување интероперативност со македонските органи за безбедност.

МС: Уште колку време ќе ни задава главоболки нерешеното прашање за Косово?

ПЕТРУШЕВСКА: Не би рекла дека се работи за нерешено прашање. Прашањето за статусот на Косово е решено со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН, од 10.06.1999. Според неа Косово е дел од СРЈ во кој беше "воспоставено меѓународно цивилно и безбедносно присуство". Меѓутоа, главоболките произлегуваат прво, од (не)соодветноста на решението, од неефикасноста на самото присуство, и секако од одбивањето да се прифати таквото решение. Од каде е впечатокот кај обичниот човек дека косовското прашање е нерешено? Оттаму што имплицитно самото решение е привремено. За волја на вистината овој факт не го констатира самата Резолуција со дефинирање на временската рамка во која таа би важела, туку заклучокот се наметнува од логиката дека меѓународните присуства на определена територија, дури и кога траат многу долго, не се воспоставуваат со намера да траат вечно. Следствено, на долги патеки статусот на Косово повторно ќе биде отворан. Доколку се толкуваат изјавите во врска со статусот на Косово stricto sensu што во последно време пристигнуваат од релевантните центри на моќ, тогаш би можело да се препознае расположение таквото отворање да не се случи пред истекот на следната деценија до кога се очекуваат, можеби не дефинитивни, но, во секој случај, извесни разбиструвања на политичката, економската, социјалната, воената и меѓународно-институционалната позиција на некои од субјектите во регионов. До тогаш "во игра" се, практично, сите субјекти, сите фактори, во најразновидни улоги, и како промотори и како носители и како поддржувачи и како остварувачи на неколкуте можни сценарија. Значи, од бесконечно долго одржување на актуелниот статус на меѓународно протектирање во рамките на СРЈ (Србија), преку лабава федерација на Косово и Србија во постоечките меѓународно-правни рамки, до етаблирање на Косово како независна држава.

МС: Проблемот со името покажа дека меѓу новата влада и Претседателот има дисонантни тонови. Колку ваквата поделеност влијае врз македонската надворешна политика?

ПЕТРУШЕВСКА: Несомнено, влијае многу. Бездруго, делува мошне негативно. Од признавањето на Тајван па наваму, во основа, РМ нема единствена надворешна политика, ниту во смисла на стратегија, ниту во смисла на тактика. Надворешната политика на државата беше препознатлив конгломерат од проблематични по опстанокот на државата партиски ставови што на меѓународната сцена ги пласираа партиските војници кои во конкретниот момент стоеја на чело на централните органи на власта. Следствено, односот на меѓународниот фактор кон РМ кој толку често ги разжестува до солзи нејзините граѓаните, е над се наметнат од отсуството на автентична надворешно-политичка иницијатива на нашата страна.

МС: Во оптек се уште е двојната формула за решавање на спорот со Грција. Колку идејата е позитивна или негативна?

ПЕТРУШЕВСКА: Крајно условно говорејќи, двојната формула е поповолната варијанта. Значи, само релативно, со оглед на околностите на случајот. Најнеповолната варијанта би била да се прифати сите држави во билатералните односи, или на мултилатерално ниво на РМ да и се обраќаат под име кое би било договорено со РГ. Но, и покрај изнесената ограда, речиси неизлечивата неповолност за РМ се состои во фактот што, воопшто РМ изразила согласност да преговара за нешто што и припаѓа како природно право, со самиот факт дека е држава во меѓународно-правна смисла. Да потсетам, РМ прифати да преговара за "разликите околу името", односно, прифати со политички методи – преговори во комбинација со посредување, да разреши спор кој објективно е правен т.е. може да биде разврзан врз основа на примена на релевантни правила на општото меѓународно право. Дали тоа значи дека има простор за активирање на Меѓународниот суд на правдата како арбитаер во евентуална постапка пред него покрената? Да, само под точно определени услови кои во моментот не се задоволени. Да не ве оптоварувам со технички податоци, доволно е ако кажам дека РМ не упатила до Генералниот секретар на ООН декларација со која би ја прифатила задолжителната надлежност на Судот. Сепак, постои правна можност за активирање на постапка пред Судот за давање советодавно мислење во врска со правната заснованост на приемот на РМ во членство на ООН под услов на исполнување дополнителни претпоставки за членство надвор од оние предвидени со член 4 од Повелбата на ООН. Се разбира, и за нејзиното активирање, како и за се друго потребно е дефинирање на политичка волја и нејзино "вбризгување" во дипломатските и правните канали на ООН.

МС: Каков е Вашиот коментар за уцената што пристигна од Хашкиот трибунал, по што Македонија мора да ги предаде "петте случаи"?

ПЕТРУШЕВСКА: РМ има несомнена правна обврска да соработува со Трибуналот во сите фази од постапката. Тоа значи да одговара на неговите барања за прибирање доказен материјал, за сослушување сведоци, осомничени лица и вешти лица, за идентификација и пронаоѓање лица и за доставување документи, како и да ги спроведува налозите на Трибуналот за апсење, екстрадиција и слично. Сериозен, одговорен и дисциплиниран однос на РМ кон оваа институција е нејзин темелен интерес. И од многу други постапки, но секако и од квалитетот на односот Скопје-Хаг, меѓународниот фактор ќе ја оценува зрелоста на државата, приврзаноста кон европските стандарди во материјална смисла, и соодветно ќе ја вреднува.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"