ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

НОВИНАРИТЕ - ШПЕКУЛАНТИ ВО ФУНКЦИЈА НА ДОМИНАНТНИОТ КАПИТАЛ

Гог ма Гог

Знаете ли со какво објаснување, Сојузот на Новинарите на Хрватска и ја додели престижната награда за најдобро перо на државата, ланската година, на Јелена Ловриќ?

"... Беше точна и никого не повреди. А, нејзините коментари киптеа од критики, но не беа отровни. На Хрватска вакви новинари многу и помагаат!"

Јелена Ловриќ е необично скромна и тивка жена. Таа не дојде ни да го прими големото признание, не затоа што го потцени, туку затоа да не се наметни. Од своето перо, кое кога пишува цврсто го држи во раката и не и дозволува да избега од контрола, но прави - политика. Се сеќавам на една средба во Љубљана, одамна кога пишуваше за некогашниот неделник "Данас". Разговараме колку новинарот треба да биде во "близина на власта?"

"Толку блиску колку да ја дознае веста, а потоа толку далеку колку да не биде заробен од власта во понудените превилегии".

Кај нас кроки скицата на еден новинар е апсолутно спротивна. Во Мариово велат: "Уште не роден Петко, на капата политика му пишуваат". Цела Македонија се "слади" со ренгенските снимки на Мирка, контра - Гордана. Што е ова луѓе што ни се случува?

Гордана уште незагреана, ја распнаа на МРТВ - крстот, а оној Јакимовски го "пуштија" да си оди од тронот, од кој царуваше бетер него Артур V.

Во Македонија, адресата на грешните одамна е - загубена. Дали тоа нарочно се прави, или "од главата си патиме", не знам. Знам само дека новинарството е опасна професија.

Овие денови, едно младо девојче со штотуку завршен новинарски факултет, ми вели: "Во студентските клупи не учеа да пишуваме кратко, јасно, ударно и што поефективно!"

Со девојчето тро појчке помуабетивме. Те разбрав за краткото, јасното и ударното пишување, но никако не те разбирам за ефективното!? Девојчето се збуни, потоа брзо се снајде. Ефективното пишување е тиражот, рече!

Аха, затоа значи весниците ни се полни со интерпукциски знаци, отколку со стилски фигури. Од кога тоа во нашето новинарство шпекулациите станаа "доминантен капитал" ?

Да се предизвикува власта е најблагородната работа и задача на новинарството, велеше Волтер Липман. Но, предизвикот не го упатувај да ја понижиш, туку да и - помогнеш. Така се останува во нејзината близина доволно дистанциран.

Во македонското новинарство ќе најдете куп живи примери за многу блиски, необично блиски врски на власта со новинарите и обратно. Тоа и едните и другите го сметаат за врв на - соработка. Одеднаш, големата "љубов" прераснува во голема омраза.

И, кој губи? Македонија, сто посто! Излезете во чаршија, не сакам да кажам, направте анкета, и прашајте, кој е виновен за оваа небулозна ситуација во државата, како од пушка ќе ви речат мнозинството: Вие новинарите!

Новинарите не можат во никој случај да бидат виновни за националните, политичките, економските и други контраверзи во Македонија. Зошто на пример, Собранието истрча да ја назначи Гордана Стошиќ за прв човек на МРТВ, а не побара од неа да изготви проект како таа ќе ги надмине "јакимовските дубиози" ? Не оти Гордана тоа не може да го направи, ами за јавниот сервис како ќе ја опслужи македонската јавност, треба да знае самата - јавност!

Вака нека се седнат Никола како претседател на Собранието и Бранко како претседател на Влада и нека си кажуваат тоа што треба на Македонија да и го прераскаже - Гордана... Јас знам дека оваа Влада работеше и се уште работи со "воденички камен" околу вратот, но нема оправдување за повторување на грешките од старата Влада. Македонија е истовремено и единствената и конфликтна земја, во која ние признале или не, има повеќе култури кои меѓу себе не се слушаат... Новинарството е должно, тие култури коректно да ги опслужува!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"