ПОЛИТИКА

Протест за ослободување на Мирко Христов

СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!?

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Мирко Христов не е криминалец, ниту терорист и неговото ослободување нема да претставува никава закана за безбедноста во РМ. Тој во животот никого не повредил. Мирко Христов не го нарушува уставниот поредок, туку се уште стои на позиците на претходниот устав кој каков таков беше донесен на легален начин. Тој што го наруши уставниот поредок сега е партнер на Владата, изјави Жарко Јорданоски, член на Иницијативниот одбор за ослободување на Мирко Христов.

По притворањето на Мирко Христов, кој како што самиот изјави ја фрли бомбата пред македонскиот Парламент и пукаше во законодавниот Дом, Иницијативниот одбор за негово ослободување, предводен од Жарко Јорданоски, веќе неколку дена протестира пред Парламентот, со барање тој да биде ослободен. Во Истражниот затвор во населбата Шуто Оризари, каде што Христов, ја издржува мерката притвор од 15 дена, прогласи целосен и бескомпромисен глад. Штрајкот со глад, како што изјави Јорданоски, може да заврши или со негово ослободување, кое би се случило по барање на македонскиот народ, или пак со негова смрт.

Мирко Христов не е криминалец, ниту терорист и неговото ослободување нема да претставува никаква закана за безбедноста во РМ, изјави Јорданоски.

Тој додаде дека Христов може да се ослободи само со протести на кои граѓаните ќе бараат негово ослободување. Во спротивно Христов може да биде осуден на многу години затвор, бидејки се товари за нарушување на јавниот ред во државата, како и нарушување на уставниот поредок.

Но, Мирко Христов не го нарушува уставниот поредок, туку се уште стои на позиците на претходниот Устав кој каков таков беше донесен на легален начин. Тој што го наруши уставниот поредок сега е партнер на Владата, изјави Јорданоски и посочи дека истрелите кои ги испука Мирко Христов не биле насочени кон кој било човек, ниту кон Буџаку, како што струјеа информации во јавноста. Тој не пукал во афектна состојба, туку сосема свесно да му покаже на овој народ дека сочувствува со нивните проблеми, дека е против составот на новата Влада и против Охридскиот договор. Јорданоски упати апел за ослободување на Христов, за посета на протестите, бидејќи молчењето ќе го смета како против негово ослободување.

Христов ќе го тера штрајкот со глад до смрт. Неговата смрт нека биде на товар на тие што ќе седат дома, потенцира Јорданоски.

Тој во една прилика го прочита писмото кое Христов го испратил на неговото семејство. Во него Христов му порачува на семејството, ако не биде ослободен, да ја напушти Македонија, да замине во која било земја и да се пријават како бегалци од мртвата земја Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"