а 24 ноември оваа година,
министерката за надворешни работи на Република Македонија Илинка Митрева,
министерот за надворешни работи на СР Југославија Горан Свилановиќ и
бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Јордан Петров, свечено ја
открија тристраната пирамида на тромеѓето меѓу Македонија, СР Југославија и
Р. Бугарија. Овој чин, како што изјави шефицата на македонската дипломатија
Илинка Митрева, е многу значаен чекор и претставува почеток на
имплементацијата на Договорот за опис и протегање на границата, склучен
помеѓу Р. Македонија и СР Југославија во февруари 2001 година. За овој
проект предвидени се трошоци од македонска страна во износ од околу еден
милион долари, средства што треба да ги обезбеди РМ, но има индиции дека во
овој проект ќе биде вклучена и Европската комисија. За потребите на
граѓаните од двете страни на границата се предвидени и привремени гранични
премини.
Заклучивме дека границите на Балканот треба да бидат отворени за
комуникација меѓу граѓаните на нашите држави, но исто така ќе треба да бидат
непремостливи за организираниот криминал, за трговијата со оружје, дрога и
човечки суштества. Ваквиот приод е можен само преку силна владина соработка
за која што гледам темелна и сестрана подготвеност кај моите колеги,
изјави Митрева.
СРЕДБА
Трилатералната средба во манастирските конаци на "Св. Јоаким Осоговски",
на која се приклучи и бугарскиот министерот за надворешни работи, Соломан
Паси, всушност претставува продолжување на средбата на ЦЕИ која се одржа во
Скопје.
Митрева посочи дека средбата во "Св. Јоаким Осоговски" е посветена на
продолжување на започнатите разговори околу регионалната соработка на која
што трите министри, држави и придаваат особено значење.
Честитајќи му ја поканата на бугарскиот министер за надворешни работи
Соломан Паси, за прием на неговата земја во НАТО, Митрева потенцира:
Треба, да испратиме порака дека Балканот не е повеќе место на кое што
му се наметнува регионалната соработка, туку напротив дека регионалната
соработка е извор на потреба на балканските држави во чекорењето кон
евроатланските интеграции кон регионалната соработка и добрососедството.
Југословенскиот министер за надворешни работи Горан Свилановиќ, кој цело
време на новинарите им се обраќаше на македонски јазик, потенцира дека ова е
значајна средба, која доаѓа еден ден по Прашкиот самит и од која Македонија
и СР Југославија испраќаат заедничка порака дека посакуваат мирен и
просперитетен регион. Честитајќи го приемот на Бугарија во НАТО, тој додаде
дека тоа значи надеж за порано асоцирање на Бугарија во ЕУ, каде што ќе ја
следат и СРЈ и Македонија.
Демаркацијата значи окончување на процесот на некогашното заедничко
живеење, но и нов почеток на новите интеграциони процеси меѓу балканските
земји, изјави Свилановиќ.
Бугарскиот шеф на дипломатијата Соломан Паси изјави дека самиот по себе е
противник на границите и на актот на демаркацијата, кој за него не значи
одвојување. Посакувам, како што рече тој, нашите држави еден ден
да живеат на полуостров без граници и се надевам дека тој ден ќе дојде што
поскоро. Сметам дека нашата покана за членство во НАТО е добра не
само за Бугарија, туку и за нашите соседи затоа што безбедноста на соседите
како што покажува историјата е безбедност за самите нас.
Паси, потенцира дека најенергично треба да се спротивставиме на поделбите
од типот на Источен и Западен Балкан, зашто Балканот претставува една целина.
Тој вети дека ќе помага во приближувањето на Македонија во НАТО и на
Југославија во Партнерството за мир.
На новинарското прашање како ќе се одвива демаркацијата на границата во
делот кон Косово, Митрева изјави:
Подготвени сме за соработка со времената администрација на ООН на Косово,
УНМИК, се разбира во договор со Белград во согласност со Договорот за опис и
протегање на границата и во согласност со Резолуцијата 1244.
На прашањето како ги коментира разните изјави на албанските лидери на
Косово, но и на Македонија, за кои договорот за границата со СРЈ е
нелегитимна и бараат ревизија,Свилановиќ изјави:
Ако е мотивацијата да се отвори прашањето за статусот или за
суверенитетот на Косово, не сме подготвени да разговараме, друго е прашањето
ако станува збор за прашања кои се однесуваат на потребите на граѓаните.
СОРАБОТКА
Митрева посочи дека со создавањето на временските услови мешовитите
комисии ќе започнат со работа на теренот, а најоптимален период е мај-
ноември наредната година. Таа најави дека идната пролет ќе биде одржана
конференција за безбедноста на границите на Балканот.
Во оваа пригода министрите за надворешни работи на трите земји разменија
мислења за можностите за унапредување на меѓусебната соработка во регионална
и европска перспектива. Беше договорено да биде воспоставен континуиран
дијалог за натамошно градење на добрососедските односи и соработката меѓу
нив и во регионот на Југоисточна Европа, со цел за постигнување долготрајна
стабилност, безбедност, економски просперитет и демократија.
Министритите го поздравија конституирањето на Еврорегионот Скопје- Ниш-
Софија, во Скопје на 26 октомвври 2002 година, и го нагласија значењето од
неговото функционирање, со цел за проширување на прекуграничните контакти и
развивање на соработката меѓу локалните власти, јавните и приватните
институции, малите и средни претпријатија. Ваквиот начин на соработка ќе
придонесе за унапредување на еколошката заштита на природните богатства,
економскиот развој, развојот на инфраструктурата, образованието, културата и
спортот.
Министрите ставија посебен акцент на унапредувањето на економската
соработка, особено потребата за склучување и имплементација на договорите за
слободна трговија во Регионот. Воедно се заложија за отстранување на
пречките за инвестирање и создавање услови за привлекување на инвестиции од
домашни и странски извори. Во овој контекс се договорија да ја зајакнат
соработката на полето на регионалниот транспорт и инфраструктурата и да
работат заедно на промоција на конкретни меѓународни проекти во регионот,
како што се Коридорите 8 и 10.
Министрите за надворешни работи се договорија за одржување натамошни
редовни триратерални средби, а наредната да биде одржана во СР Југославија,
во првото тромесечје на 2003 година.