ЕКОНОМИЈА

Штрајк со глад на рударите од "Саса"

НАЈГОЛЕМАТА БИТКА ЗА ОПСТАНОК НА РУДНИКОТ

Пишува:Рената МАТЕСКА

  • Штрајкот со глад продолжува се додека рударите не ги добијат трите заостанати плати и средства за репроматеријали.
  • Според Министерот за труд и социјална политика Јован Манасиевски, Владата сочувствува со проблемите на рударите и упатува апел да се прекине со штрајкот.

Повеќе од 320 рудари од рудникот "Саса", во јамите на рудникот веќе втора недела штрајкуваат со глад поради неисплатените плати и необезбедените средства за набавка на репроматеријали, најавите за крај на штрајкот се се понеизвесни, како и здравјето на рударите!

Вториот по ред штрајк со глад на рударите од "Саса" предизвика сериозни здравствени проблеми и последици на околу стотина рудари кои завршија во болница, или се наоѓаат на домашно лекување.

На 22 овој месец на сметка на рудникот "Саса" пристигнаа 17 милиони денари за исплата на една плата на 1.100 вработени, но тоа не беше доволно рударите да излезат од јамите на длабочина од 800 метри и да престанат со гладот кој трае веќе втора недела. Состојбата на рударите од ден на ден е се покритична.

Според Димче Стојменовски, претседател на Синдикалната организација, рударите донеле едногласна одлука тие 17 милиони денари да се потрошат за купување на репроматеријали, а не за плата за што ги наменила Владата на Република Македонија. Според Министерот за труд и социјална политика Јован Манасиевски, основниот проблем е тоа што она што го произведуваат рудниците, сега Топилницата не го купува. Отука, објасни Манасиевски, давањето средства би немало никаква економска логика, затоа што само би се зголемувале веќе постоечките огромни залихи. Владата нема намера и не може да врши перманентна алиментација на загубарите и интензивно работи на изнаоѓање краткорочно решение како да се продадат 9.000 тони залиха концентрат. Со тоа би се добиле средства доволни за исплата на платите, како и долгорочно решение кое мора да се бара во пакет што ги опфаќа рудниците "Злетово" и "Саса" и МХК "Злетово".

РЕПРОМАТЕРИЈАЛИ

Ќе набавиме репроматеријали зашто сакаме да си го спасиме рудникот од можната голема хаварија. Ние баравме 50 милиони денари за две плати и за репроматеријали, но добивме многу помалку, поради што го продолжуваме штрајкот. Нам не ни е јасно, ние штрајкуваме, а Владата исплатила 15 милиони денари на рудникот "Злетово", иако таму не се штрајкува. Се сомневаме Министерството за финансии да не ја побркало сметката. Сепак, одлуката да не го прекинуваме штрајкот ќе трае докрај, се додека не добиеме 50 милиони денари, изјави синдикалниот лидер на "Саса", Стојменовски по добиените 17 милиони денари.

Загрижувачки е фактот дека никој од "политичарите" не најде време и начин да ги посети рударите во рударските јами. Според Стојменовски рударите ги посетил само претседателот на Гранковиот синдикат Пеце Ристевски, додека сите други како што вели синдикалниот лидер на "Саса" заборавиле на чесните луѓе кои во нехумани услови ја бијат најголемата битка за личен опстанок, како и за опстанок на нивните семејства.

ОПАСНОСТ

По повеќе од еднонеделен престој во темница, влага, недостиг од кислород здравјето на рударите сериозно е нарушено. Според лекарите скоро сите штрајкувачи се истоштени, а меѓу нив има и лица со висок крвен притисок, но и лица со енормна хипергликемија, односно покачен шеќер во крвта. Животот на овие луѓе е во сериозна опасност. Но, рударите се на констатација дека доколку "Саса" не проработи цела Македонска Каменица треба да се исели оти сите семејства лебот го вадат токму од рудникот. Како што велат рударите тие не штрајкуваат само поради неисплатените плати, туку и поради создавањето на услови за да опстане работата во рудникот "Саса". За нив рудникот има голем потенцијал и мора да продолжи да работи. Досега немаат добиено три плати кои во просек се по 14.000 денари. За Рудникот и за вработените е битно да не замрзнат машините и лентата за транспорт на рудата. Ако тоа се случи, нивното покренување напролет ќе биде невозможно. Упатените велат дека во окната на рудникот имало богатство што може да направи уште два града како Делчево и Каменица. Она што ги иритира рударите е фактот дека со богатството што го поседуваат, жално е она што се прави со рудникот. Тие би се согласиле рудникот да биде затворен во случај да немало руда и перспектива за успешна иднина.

НАЈАВА

Триесетина наши рудари се на болничко или на домашно лекување. Секој ден по пет-шестмина изнесуваме од окното за на свеж воздух да се повратат од големиот шок кој го доживуваат во нехуманите услови. На таквите и ние како синдикално раководство и лекарските екипи кои дежураат на излезот од рудникот, им советуваме да си одат во своите домови, ама рударите не не слушаат и по неколкучасовен престој на отворено, пак се враќаат кај своите колеги. Оваа рударска и човечка драма мора да се реши, власта мора да покаже поголем слух за барањата на рударите, за да не ни се случи катастрофа да ни отиде некој од рударите, изјави Стојменовски.

Позитивни најави доаѓаат и од страна на генералниот директор на "Саса", Филип Петровски, кој на оваа функција е пред два до три месеци. Според Петровски од Министерството за економија добиле надежна информација што ветува дека што поскоро може да прекине штрајкот на рударите.

Разговаравме со одговорни луѓе во Министерството за економија и тие ни рекоа дека на виделина е позитивна разврска на големиот проблем. Имено, Министерството преговара со раководството на топилницата во Велес за таа да ги откупи нашите 9.000 тони концентрат во вредност од 1,4 милиони долари, што е лагерувана во кругот на рудникот. И ние цениме дека на овој начин треба да се реши проблемот што ќе придонесе рударите да го прекинат штрајкот, а "Саса" да почне да работи зашто овие пари ќе бидат доволни и за две плати и за репроматеријали, вели Петровски. Сепак Владата засега нема позитивна разврска за рударите.

Незадоволните 1.100 рудари оправдано се плашат од лошата иднина и социјалниот опстанок на населбата Македонска Каменица што е формирана поради "Саса" и која егзистира од рудникот.

Македонска Каменица преживува тешка трагедија, ќе биде повеќе од среќа ако се се заврши добро, без човечки жртви и ако рудникот продолжи да работи продуктивно.


Најави за расплет

Владата и Штрајкувачкиот одбор на "Саса" сепак остварија средба на која е постигнат договор за прекин на штрајкот. Откако ќе легнат на сметката на рударите парите што владата им ги ветила за откуп на концентратот се очекува рударите конечно да ги напуштат јамите. Преговорите за владиниот предлог за прекин на штрајкот траеле околу три часа. Крајниот договор е ветувањето на владата за 800.000 долари за откуп на 4.000 тони олово-цинков концентрат. Ако се биде како што е ветено, тоа ќе значи крај за рударската голгота која сериозно го наруши здравјето на голем број рудари.


Поддршка

Поддршка за остварувањето на своите цели рударите имаат од Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите, а нивниот претседател, Пеце Ристевски целосно го оправдува нивниот револт кон Владата која за 150 илјади евра неопходни за рестартирање на рудникот "Саса" е подготвена да ги жртвува рударите.

Ако времено процесот на флотација на рудникот застане, обновувањето на производството ќе биде тешко и ризично, а поради застарената рударска опрема и инсталацијата ќе бидат потребни и дополнителни трошоци за негово рестартирање, вели Ристевски и додава дека богаството на оловоцинковата руда во "Саса" е од светски ранг, рудникот е петти од овој вид во светот, во Европа втор, но поради неговото лошо стопанисување е доведен пред пропаст.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"