ИНТЕРВЈУ

Мато Симовски, раководител на Одделението за комуникација со медиуми при ССМ

ПОВЕЌЕ НЕМА ОДЛУКИ ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ

Разговарала: Билјана ГИЛЕВСКА

  • Законот треба да биде изготвен од струкутурите на Владата, а ние ќе учествуваме во подготовката на предлог-текстот. Преговорите со ММФ и Светската банка ќе одат тешко, но и тие треба да сфатат дека социјалната сигурност на вработените е тешка, инаку ќе има силни немири.
  • По конгресот во март ССМ почна да претрпува промени.Реформите започнаа. Се формираат шест одделенија меѓу кои одделение за комуникација со медиуми, училница за едукација на кадри, одделение за правна заштита, одделение за мобилизација и зачленување на нови членови. Правиме напори за што повеќе се доближиме до работниците...

МС: На средбата со Премиерот беа направени повеќе отстапки на предложените закони, освен на Законот за загубари. Зошто беа направени тие и дали ССМ не требаше да биде поцврст во своите ставови?

СИМОВСКИ: Поаѓајќи од нужноста за пресврт во вкупните економски социјални состојби, развојот на демократските односи, социјалниот дијалог и социјалното партнерство, согласно европската практика и традиција, подобрувањето на квалитетот на живеењето и достоинството на трудот, Сојузот на Синдикатите на Македонија подготви текст на Социјален договор кој беше доставен до Владата на РМ, со цел истиот да биде потпишан.

Предлог-текстот ги содржи сите прашања што Владата овие 4 години треба да ги решава. Поддршката на Законот за загубарите е главниот приоритет. Сега е најважно да не се проширува списокот на загубари од првобитно направениот. Првичната бројка беше 7.290 вработени во овие фирми, денес е 5.011 и очекуваме уште да се намалува со реактивирањето на работата на одредени загубари. На пример, доколку Југохром се активира ќе се реши статусот на 1.000 вработени. Затоа бројката е менлива и дискутабилна во оваа ситуација.

Законот треба да биде изготвен од струкутурите на Владата, а ние ќе учествуваме во подготовката на предлог-текстот. Преговорите со ММФ и Светската банка ќе одат тешко, но и тие треба да сфатат дека социјалната сигурност на вработените е тешка, инаку ќе има силни немири.

МС: Проблемот со загубарите никако да се помести од мртва точка. Синдикатот поддршката на овие избори ја даде токму на оваа Влада. Што доколку таа не го реши проблемот со загубарите, дали ќе им ја откажете довербата?

СИМОВСКИ: Тоа зависи од самата Влада и текот на остварувањето на договорите кои таа ги има со Синдикатот. Сега за сега имаме секојдневни преговори со ресорниот министер и неговите колеги, средби со Премиерот, а се формирани и работни групи. Меѓутоа, се уште нема несогласувања, иако очекуваме во иднина да има, бидејќи Владата секогаш најстојува да е покомотна во своите одлуки, а ССМ ќе ги бара правата на своите работници како нивна организација. Доколку барањата не ги добиеме, нас секогаш на располагање ни стојат методите на синдикалната борба за притисок на Владата за да поминат овие проекти. Владата мора да сфати дека ССМ е нејзин партнер. Притоа, Црвенковски потенцира дека Социјално-економски совет мора да профункционира. Сите проекти кои треба да ги усвои Парламентот од социјалната сфера ќе поминат низ овој Совет. Него ќе го сочинуваат Стопанската комора, ССМ и Владата. Ова веќе добро фунционира во Словенија, Полска и Чешка.

МС: Вашиот став за намалувањето на бројот на вработени во јавната администрација. Како тоа ќе се одрази на невработеноста во државава?

СИМОВСКИ: Ова прашање е многу експлоатирано. Минатата власт вработи многумина во администрацијата. Само во периодот од месец ипол пред транзицијата на власта, во јавната администрација имаме пораст на вработеноста од 6.000 до 8.000 работници. ССМ сега е меѓу чеканот и наковалната. Тие не се наши членови, но со вработувањето бараат пристапница. Бидејќи се луѓе кои по 10 – 15 години чекале вработување, тие не може да бидат избркани. Сепак, треба да се изготват критериуми и според нив да се изврши селекција, а оние кои ги исполнуваат условите да им се најде соодветно работно место. ССМ ќе има многу работа по овој случај, а државата ќе има проблеми со превработеноста. ММФ и Светската банка и пред новите вработувања кај нас констатираа вишок на вработени во јавната администрација која се движи од 20 до 30 проценти. Треба да се најде решение кое ќе биде во согласност со европските стандарди.

РЕВИЗИЈА

МС: Во преговорите со Владата и донесувањето на Социјалниот договор, кои се приоритетите на ССМ?

СИМОВСКИ: Се што е над 25 години подлежи на критериумите утврдени во Законот. За другите сеуште треба да се утврди преквалификацијата, доквалифиацијата, вработувањето во други организации и заедно со Владата ќе бараме соодветни решенија за решавање на нивниот статус. ММФ не сака ниту дел од Буџетот да се одвои за решавање на ова прашање. Затоа ќе биде борба, но се надеваме дека Законот ќе биде донесен до крајот на декември или почетокот на јануари, дури и во скратена верзија. Со ова се надеваме дека барем малку ќе ја ублажиме социјалната беда во државава и тешката социјална и материјална клима која во моментов владее кај нас.

МС: Кое е Вашето мислење за отпуштањето на 3.000 вработени во ЕСМ. Како ќе се борите за нивните права?

СИМОВСКИ: Бројката секојдневно варира и се уште званичен број нема. Сигурно ќе дојде до преструктуирање на ЕСМ. Во тој процес ќе учествува и нивниот соодветен гранков синдикат кој ќе утврди критериуми по кој основ би требало да се замине од ЕСМ. Правило кое досега не се почитува, кој последен е дојден прв мора да си оди. Но, некогаш добар инженер треба да се отпушти за да остане некој од кого нема потреба. За тоа сигурно ќе се води сметка и тие кои ќе останат без работа ќе потпаднат под законските регулативи. Ние ќе се бориме што помалку луѓе да останат без работа. Сепак прво треба да видиме каков став ќе заземе Владата за статусот кој ќе го има ова Јавно претпријатие.

МС: Случајот со НИП “Нова Македонија” се уште е без решение. До кога вработените ќе бидат во неизвесност!?

СИМОВСКИ: Владата има став дека ќе има ревизија на приватизацијата. Централниот депозитар бара средба со ССМ и со гранковиот синдикат на НИП-от за да се утврди кој е навистина сопственик. Според информациите на нашиот синдикат во НИП-от, оваа фирма е формирана во Словенија еден месец пред продажбата, а најверојатно е купена со парите од четирите неисплатени плати на вработените. Нашата правна служба секојдневно е таму, а стручните служби работат интензивно и на Синдикатот му даваат помош. Мислам дека деновиве ќе започне разврската. Владата идната недела треба да им исплати барем една плата на тие луѓе. Мислиме дека ова е класичен случај на криминал во претпријатието.

МОБИЛИЗАЦИЈА

МС: Кое е Вашето размислување за дефинирање на нови цели или дополнување на старите во работењето? Кои се Вашите идни правци во развојот на работата и можноста за нивно остварување?

СИМОВСКИ: По конгресот во март месец годинаваССМ интензивно да се преструктуира. Реформите започнаа. Учиме и од други синдикати кои веќе постојат со долгогодишна традиција, како што се Германскиот, Американскиот и Англискиот синдикат. Се формираа шест одделенија меѓу кои одделение за комуникација со медиуми, училница за едукација на кадри, семинари за нашите раководства како да комуницираат со новинарите. Не едуцираат колеги од Хрватска и Швајцарија.

Значи правиме напори за што повеќе да се доближиме до работниците. Да ги почувствуваат придобивките и да добијат повеќе од она што до сега го правевме.

Повеќе нема одлуки зад затворени врати. Ова беше случај и со одлуката за поддршката на коалицијата “За Македонија”. Имавме критики и од други помали политички партии, но сепак тие конструктивно ни пријдоа. Тогашната позиција не успеа да ни достави програма, а СДСМ и коалицијата доставија и ни обезбедија учество низ Македонија. Тоа го потврдија наши 5000 анкетирани членови.

Имаме одделение за правна заштита кое го сочинуваат адвокати со положен адвокатски испит. Дежурната служба работи од 7 до 19 часот, и работниците на кои им е потребна помош тоа одделение ќе им излезе во пресрет.

Постои и одделение за мобилизација и зачленување на нови членови. Сега имаме зголемен број на членови, значи 4000 нови лица, од кои 2000 се Албанци. Се зачленија кога увидоа дека само со заедничка борба може да се остварат правата, а не водејќи се од социјалната и националната припадност.

Имаме 34 регионални општински синдикални организации и 3.500 основни организации во претпријатијата. Мислам дека сме најдобро организирани во државава, иако некои мислат дека нашата голема инфраструктура може да ни создава проблеми. Сепак треба многу да работиме, бидејќи поверениците, претставниците на основните организации многу малку внимание им посветуваат на нивните работници (членови).

МС: Имате ли контакт со Комисијата за инвалидска пензија. Луѓето се жалат дека ги исполнуваат условите за инвалидска пензија, но сепак се одбиени од Комисијата?

СИМОВСКИ: За Комисијата има доста озборувања и сето е јавна тајна. Ние бараме комисиите постојано да се променливи. Треба да се подложни на морално-етички норми, па дури и на нивната лојалност кон Фондот. Ние реагиравме до Претседателот на Собранието, до Премиерот и цела коалиција. Секаде во светот тие кои ги финансираат Социјалните фондови треба да учествуваат во нивното управување, да имаат контрола врз работењето на фондот. Кај нас тоа е исклучок. Мора да се повикаме на европските стандарди. Законот е пречка, но тој може да се смени.

Дури и Фондот за здравство е конструиран од политичка партија. Испративме писмо до Никола Поповски ова да се смени, да се разгледа составот на овој Одбор и да се направат измени. Не сме против тие луѓе лично, но треба и ние да сме приклучени во социјалните фондови каде што нашиот работник ќе има контрола на трошењето на средствата.

МС: Веќе рековте дека почнавте со реформите и процесот на преструктуирање. Дали располагате со нови методи за поефикасно спроведување на одлуките во работењето?

СИМОВСКИ: Да! На секоја седница на гранковите синдикати ги усогласуваме одлуките и за секоја нова од нив правиме анализа како таа треба да се спроведе, зашто не може да се спроведе во практиката, или делумно е спроведена.

Конкретно, Социјалниот договор е утврден од нашето раководство, а претходно сите гранкови синдикати ги утврдија своите приоритети. Сега се утврдуваат фази за остварување на прашањата кои би требало да се одвиваат во одредени рокови од четири години. Доколку Владата не ги испочитува овие рокови или ги пречекори за повеќе од еден месец, нас секогаш на располагање ни стојат општите методи на синдикална борба, Штрајк.

Нашите работни групи ќе го подготвуваат предлог- текстот за Законите, во кој ќе се бараат поголеми права за работниците. Нашиот член мора да ја почувствува нашата организација. Тие ни даваат доверба која мораме да ја оправдаме.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"