Македонија во антитерористичка коалиција

Македонија е подготвена да учествува во трансформацијата на Алијансата и така да помогне во борбата против тероризмот и оружјето за масовно уништување. Оваа порака ја искажа претседателот Борис Трајковски на самитот на НАТО во Прага.

Ахмети ја освојува и Источна Македонија

Во Кочани е промовиран огранок на ДУИ кој има 21 член. Берово и Кратово се следните два града во Македонија во кои наскоро може да се најдат истомисленици на кочанчанецот Венцо Арсов.

ДУИ бара да се вклучи во преговорите за името

ДУИ бара во преговарачкиот тим со Грција за името што ќе го предложи шефот на државата да има и еден Албанец, пишува весникот "Факти". Барањето на ДУИ е во време кога постои недоразбирање на релацијата Претседател - Влада околу составот на преговарачкиот тим. Од Трајковски исто така се бара виза за предлогот Агрон Буџаку и вицепремиерот Муса Џафери да бидат членови на државниот Совет за безбедност.

Ексминистерот Ѓорчев на големо давал закупи

Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Марјан Ѓорчев му дал под закуп земјоделско земјиште со површина од 38 хектари на струмичкиот митрополит Наум. Ексминистерот го користел струшкиот модел за закуп и во Струмичко.

Отчет за имотот

Сите оние што биле носители на јавни функции кога Законот за спречување на корупцијата стапил во сила на 30 мај, без оглед дали се уште ја вршат функцијата, имаат обврска да го пополнат анкетниот лист. Претседателот на Собранието, Никола Попоски на јавноста ќе & го обелодени својот имот.

Афера за претседателот Трајковски

Претседателот Борис Трајковски ги негираше шпекулациите изнесени во медиумите дека наредил прислушкување на луѓе од своето најблиско опкружување, меѓу кои и една интимна пријателка, со зборовите дека таквите шпекулации не & служат за доброто на Македонија и се под секое човечко достоинство.

НИП-от и понатака во штрајк

Словенците од "Југ услуги" се закануваат дека ќе го раскинат купопродажниот договор за НИП "Нова Македонија", ако во наредните 30 дена државата не ги исполни обврските, согласно потпишаниот договор. Газдите бараат од "Нова Македонија" да бидат отпишани, односно државата да ги преземе сите долгови што НИП-от ги има кон државата.

Возовите во прекин

Транспортниот и патничкиот железнички сообраќај е во прекин. Борче Георгиевски, претседател на штрајкувачкиот одбор, вели дека штрајкот на двата синдиката ќе трае додека раководството на Македонски железници не ги исплати платите за септември и октомври. Штрајкот на железничарите трае веќе втор месец.

Напнатост помеѓу средношколците во Струга

По безредијата и тепачките во Струга помеѓу средношколците Албанци и Македонци, напнатоста се уште е присутна. Професорите велат дека наставата треба да продолжи, но стравуваат од можни нови инциденти со уште поголеми размери.

Кардиологија предозирана со пејсмејкери

На Клиниката за кардиологија во Скопје требало да & биде испорачана голема пратка пејсмејкери, "тешка" повеќе од 400.000 евра, но директорот на Клиниката, д-р Сашко Кедев ја одбил пратката, бидејќи имало нарачано повеќе отколку што треба. Со апаратура се подновила и Клиниката за неврохирургија каде бил испорачан ултрасоничен апарат за операции на мозок што чини 150.000 евра. Скапи медицински апарати биле испорачани и на неколку други клиники - за гинекологија, урологија и гастроентерологија, со вкупна вредност од 250.000 евра.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"