Поддршка за членство на Македонија во НАТО

Македонија, заедно со Албанија, во постпрашкиот период ќе може да се потпре на лобирањето на Грција и Турција за побрза интеграција во НАТО. Во 2004 година на овие две земји ќе им се придружат и Романија и Бугарија, кои ќе го пренесат своето искуство во приближувањето до Алијансата.

Иницијатор на соработката наречена "2+2" (Македонија и Албанија + Грција и Турција) бил министерот за одбрана Владо Бучковски, кој во Прага ја добил поддршката од грчкиот колега Папантониу за ваквата идеја. По вклучувањето на Бугарија и Романија, групата ќе се трансформира во "4+2".

Во активностите за приближување до НАТО, Македонија иницира и заеднички тренинг-центар на АРМ со армиите на Хрватска и Албанија. Центарот најверојатно ќе биде под покровителство на Алијансата и ќе го сочинуваат полигони за обука во трите земји. Во Македонија ќе се користи Криволак, во Албанија излезот на море, а за полигонот во Хрватска допрва ќе се разговара. За тоа ќе се зборува на трилатералната средба на министрите за одбрана во почетокот на наредната година.

Посета на Штајнер

Мотивиран од стартот на демаркацијата на границата која испровоцира негативни реакции во Приштина, администраторот за Косово, Михаил Штајнер пристигна во Македонија. Пред посетата на Штајнер на Скопје, Владата ја активирала одлуката за отворање два нови гранични премина кон Косово, што треба да да влијаат на намалување на тензиите на Косовците кои имаат имоти од двете страни на линијата. Со ова може и да се реши проблемот со илегалното преминување што сега е масовна појава во тој реон.

Можно е и Македонија да извезувала оружје за Ирак

Според пишувањето на лондонскиот весник "Гардијан", високи западни функционери и аналитичари тврдат дека Србија и понатаму е центар на нелегалниот извоз на оружје во Ирак, во кој се вмешани најмалку седум земји од Балканот и од Источна Европа. Весникот го пренесува истражувањето на Меѓународната кризна група, во кое се наведува дека белградската фирма "Југоимпорт", посредувала во нелегалниот извоз на оружје во Багдад, не само од Босна, туку и од Украина, Русија, а можеби и од Македонија и од Белорусија.
Во Министерството за одбрана ја демантираат ваквата информација и велат дека Наменската воена индустрија целосно ги почитува меѓународните норми во производството и трговијата со оружје.

Албанските партии против демаркацијата

И политичките партии на Албанците во Македонија негативно реагираа на демаркацијата на границата меѓу Македонија, Бугарија и СР Југославија. Тие сметаат дека демаркацијата на границата со Југославија е избрзан и тенденциозен чекор што може да создаде тензии и проблеми во однос на Косово. Според нив, проблеми може да има и во албанско-македонските односи.

Според Агрон Буџаку, потпретседател на ДУИ, Демаркацијата на границата чекаше десет години и не треба да се брза со тоа, бидејќи решението може да биде извор на проблеми. Тој потенцирал дека ако се чекало десет години, и немало проблем со границата, може да се почека уште извесно време да се реши статусот на Косово, па со тамошните власти да се разговара за границата. Според Буџаку, Косово е протекторат и неговите постојни институции немаат мандат да решаваат за такви прашања, но Косово оди кон независност. За него не е доволен ни договорот за решавање на практичните проблеми со имотите на жителите од двете страни на границата, бидејќи "ако е решен тој проблем, нема потреба за забрзување на процесот на демаркација". Според Исмет Рамадани од ПДП, во разграничувањето треба да учествува УНМИК, но и косовскиот политички и државен субјект.
Во Министерството за надворешни работи не сакаат да ги коментираат ваквите изјави на Албанците и велат дека договорот за границата е меѓународно признаен и прифатен.

Идеја на Штрук за мировните сили

Според "Ројтерс", германскиот министер за одбрана, Петер Штрук изјавил дека Силите за брза реакција на Европската унија треба да одлучат дали ќе преземат команда над мировните сили во Босна, наместо да ги преземат силите во Македонија. Тој за оваа идеја разговарал со генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, кој бил заинтересиран за идејата, но не толку ревносен за да ја реализира.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"