ДАРБА
Музичкиот талентот го наследува, како што вели и самиот, од неговиот
прадедо Огнен, кој бил одличен свирач на кавал, но и од неговиот дедо кој
исто така свирел на кавалче, а и од татко му кој бил прочуен гајдаџија.
Прво почнав на дајре да свирам, но набргу потоа продолжив со кавалче.
Татко ми беше, слободно можам да кажам, најдобар гајдаџија, вели
господинот Огненовски. Кога свирев сите ме гледаа во прстите и велеа што
е ова чудо, да не има струја во прстите кога така брзо свири. Свирев во
многу културно-уметнички друштва: "Мирче Ацев", "Владо Тасевски", "Кочо
Рацин", "Гоце Делчев", "Танец"... Покрај кавалчето и кларинетот, свирам и на
саксофон, зурла, обоа, гајдарка, фагот и на тапан. Нема дувачки инструмент
на кој неможам да свирам.
Во светската музичка историја за Тале Огненовски е запишано дека тој е
еден од најиновативните и најважни светски водечки инструменталисти и
најголем кларинетист на сите времиња. Својот талент господинот Огненовски го
има презентирано низ целиот свет почнуваќи од Романија, Албанија, Бугарија,
Швајцарија..; но, највечатлив е настапот во "Карнеџи хол" во Њујорк, во
1956 година заедно со ансамблот "Танец" каде господинот Огненовски ја
воодушевил публиката со неговото супериорно музицирање. Навистина, за да се
настапи во престижниот "Карнеџи хол" е голема чест и признание за квалитет
затоа што тука настапувале само големи уметници како Луис Амстронг, Бени
Гудман, Тина Тарнер, Едит Пјаф, Елтон Џон, Стиви Вондер ... За овој настап
следниот ден се обелодениле само позитивни критики. Самите музичари од цел
свет му честитале на воодушевувачкиот настап. Зборовите "извонредна
музика на стандардни и нестандардни инструменти:рапавото и незаборавно
кавалче" напишани од Џон Мартин во весникот "Њујорк тајмс" говорат за
настапот на Тале Огненовски како солист на кавалче и кларинет. Господинот
Огненовски ги отсвирил македонските народни ора; "Невестинско оро", "Чупурлика",
"Шопска подрипнувачка", "Копачка", "Овчарско оро", "Соборски игри"... Во
скоро секоја критика во весниците за македонското народно оро "Шопска
подрипнувачка" биле напишани најголеми пофалби. Стјепан Пуцак од весникот "Нова
Македонија" во тоа време ќе запише; "'Шопска подрипнувачка" беше дури и
повторена, а повторувањето на американските сцени е навистина редок и
исклучив настан". Господинот Огненовски покрај тоа што бил солист на
кларинет во изведбата на "Шопска подрипнувачка", тој истовремено бил и
аранжер на музиката, бидејќи тој додал свои сопствени импровизации. Тоа било
случај и со другите ора.
ВИРТУОЗНОСТ
Во своето компонирање господинот Огненовски ги применува сите музички
стилови и жанрови; македонски ора, класична и џез-музика. Комбинацијата на
овие три музички жанрови е единствена во светот која е прифатена насекаде.
Кој било, која било нација да запее, македонскиот виртуоз Огненовски веднаш
го меморира и на негов начин го импровизира и интерпретира. Покрај 150-те
компонирани македонски ора, а бидејќи е љубител и на класичната музика, тој
сериозно и самостојно учел да свири сериозна музика со кларинет. Оттука
произлегува и компонирањето на најтешкиот концерт на класична музика.
Концерт кој го имам јас напишано, компонирано, насловен е како "Тале
Огненовски за кларинет Бр.1", вели господинот Огненовски. Во
далечната 1952 година во придружба на одличниот пијанист Нино Ципушев го
изведовме и класичниот концерт "Концертна полка за кларинет" од Милер Бела
во "Домот на милицијата" во Скопје со голем успех.
Овој класичен концерт од Милер Бела содржи виртуозни делови со многу
каденци кои се тешки за изведба. Со прекрасно изведениот концерт Тале
Огненовски стана првиот солист на кларинет што извел класичен концерт за
кларинет во Република Македонија.
Има снимено 11 лонгплеј плочи, исто толку аудио касети, десетина синглови,
една видеолента, објавени под етикетите на ПГП - РТБ, "Југотон" и
музичко-касетната продукција на МРТ. Неговите снимки за Радио-телевизија
Белград, "Југотон", Македонска радиотелевизија се уникатни компзиции,
испирирани од македонската фолкорна музика со мали влијанија од ориенталната,
џез и класичната музика, со највисоки комлексни ритмички примери и
атрактивна мелодија со голема сложеност што неможе да се споредува со ниту
една денешна музика. Во филмот "Ритам и звук" снимен во 1955 година,
годподинот Огненовски го изведува македонското народно оро, "Женско чамче"
кое почнува со технички многу комлицирани соло виртуозни имровизации кои не
егзистираат во оргинална верзија на ова оро. Исто така едни од најважните
достигнувања во кариерата на Тале Огненовски биле и неговите настапи како
солист на кларинет во телевизиски пренесуваните концерти на Македонското
радио и телевизија; "Моцартовиот концерт за кларинет К.622" и "Вагнеровиот
Адаџо за кларинет" во кои покажал брилијантна техника.
Добитник е на голем број награди и признанија, почнувајќи од "Прва
награда за кларинет" на првиот Македонски фестивал за народни игри и песни
во Скопје, 1948 година, "Прва награда на Југословснкиот фолклорен музички
фестивал во Опатија, Хрватска, 1951 година, "Естрадна награда на Југославија",
највисока награда во поранешна Југославија и.т.н... Меѓутоа, за жал,
талентот и творењето на господинот Огненовски повеќе се ценети надвор од
Македонија отколку тука во родната земја. Неговиот син, Стеван Огненовски
вели дека не му е јасно најдобариот инструменталист над сите
инструменталисти, човек кој постигнал светски успеси да не може да добие
државната награда за животно дело "11 Октомври".
Како и да е музичкиот гениј Тале Огненовски иако има 80 години, со широка
насмевка и полн со енергија подготвен е и понатаму да твори. И покрај се,
неговите дела сепак ќе остават белег и ќе бидат дел од богатата македонска
музичка ризница.