КУЛТУРА

Ресенска керамичка колонија - И Младинска балканска керамичка работилница

СОВРЕМЕНИ ТРЕНДОВИ НА КЕРАМИЧКО ТВОРЕШТВО

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Педесетте дела го опфатија целиот опсег на уметничкото изразување: од скулптурални, концептуални или фигуративни, до класичните чинија - ориентирани.

Во Музеј на град Скопје деновиве беше отворена првата Ресенска керамичка колонија. Скопската ликовна публика има несекојдневна можност да се запознае со делата создадени на I Младинска балканска керамичка работилница, проект реализиран во рамките на Ресенската керамичка колонија чиј промотор и организатор е господинот Мите Ноневски, раководител на керамичката работилница. Ресенската керамичка колонија, во рамките на која, за прв пат беше организирана Балканска изложба на современа керамика, претставува"врв" на културните случувања во Македонија.

На изложбата презентирани се педесетина керамики од десет автори создадени во атељето на Ресенската керамичка колонија во Отешево во јули 2002 година.

ЕСТЕТСКИ ВРЕДНОСТИ

Делата на оваа изложба, одбрани според нивниот квалитет, естетските вредности и современиот пристап кон глината, го опфатија целиот опсег на уметничкото изразување: од скулптурални, концептуални или фигуративни, до класичните чинии - ориентирани. Од нив може да се "прочита" за прв пат и еден интимен поглед на самите уметници од овој регион во современите трендови на керамичкото творештво.

Проектот ги вклучува учесниците од помладата генерација керамичари од Балканските земји како и од Холандија и Швајцарија (Соња Панкова и Љупчо Гроздановски од Македонија, Бјанка Боероју од Романија, Блерина Пагрија од Албанија, Лука Ковач од Хрватска, Ајгун Динсер од Турција, Александар Вац од СР Јгославија, Даус Хукстра од Холандија, Марија Јанкова од Бугарија и Карин Лехман од Швајцарија). Уметничкиот раководител на првата сесија од оваа Работилница е професорот Михо Лазаров.

СОРАБОТКА

Идејата на самиот проект била предизвикана од потребата да започне да функционира нов процес на културна соработка, отворајќи ги границите на креативноста на учесници од различни земји, нивните цивилизации, културни наследства и традиции. Понатаму да се децентрализира и да се создаде поширок круг на естетски вредности со различни корени, школи и индивидуални изразувања. Исто така да се намалат разликите преку принципот на толеранција и да се даде можност вистинските вредности и креативен потенцијал да дојдат на површина и да се покаже колку различни, а истовремено блиски се културите на земјите - учеснички, влијаејќи едни на други преку многувековниот заеднички живот.

Во активностите на работилнцата учествувале и професорите Љубомир Цуцуловски и Ивица Џепаровски со предавањата "Конфликти во уметноста" односно "Комуникација во уметностите".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"