Изложби

Лесново 2002

Пробиштип, 21 ноември.

Во изложбениот салон на Домот на културата "Злетовски рудар" во Пробиштип беше отворена изложба на слики од ликовната колонија "Лесново 2002", а во свечената сала беше реализирана традиционалната "Поетска средба на млади поети од Македонија", и промовирање на поетскиот алманах на поетскиот клуб "Процвет".

Крик

Скопје, 25 ноември.

Во Музејот на современата уметност е отворена изложба од Славица Јанешлиева. Под наслов "Крик", претставена е просторна инсталација - два болнички кревети. Проектот е на Биеналето на млади, кое минатата година се одржа во МСУ.

Слики од репортерски записи

Скопје, 26 ноември.

Во Културно-информативниот центар беше отворена изложба на слики од Војкан Јовановиќ. Во неговите дела самиот дава ликовни решенија на своите репортерски записи.


Книги

Портрети

Скопје, 21 ноември.

Во Салонот 19.19, во Културно-информативниот центар, беше промовирана книгата "Портрети" од Иван Ивановски. Промоцијата се одржува во организација на Културно-информативниот центар и книгоиздателството "Македонска книга". За најновото остварување на Ивановски говореат Васил Тоциновски и Русомир Богдановски.

Поетска ризница

Струга, 26 ноември.

Неодамна од печат излезе книгата "Македонска народна поетска ризница" чиј приредувач е Петко Домазетовски. Во книгата се збрани народните песни на исламизираните Македонци од Југозападниот дел на Македонија.

Делото е во издание на Друштвото за наука, култура и уметност "Браќа Миладиновци" од Струга.

Кумановско во НОВ

Скопје, 27 ноември.

Книгоиздателството "Ми-Ан" од Скопје ја издаде втората книга на Јордан Цеков - Доне, "Кумановско во НОВ (1941-1945)". Книгата всушност говори за историјата на Куманово и Кумановско.

Творештвото...

Скопје, 28 ноември.

Во просториите на НУБ "Св. Климент Охридски" беше промовирана книгата "Творештвото на Стојан Ристески" од Васил Дрвошанов. Промотор на книгата беше академик Блаже Ристовски.


Театар

Унко во Белград

Белград, 25 ноември.

Слободан Унковски имаше премиера во Белград. Тој и овој пат работеше за Југословенско драмско позориште, а премиерата се одржа во театарот "Бојан Ступица". Овојпат Унко за ЈДП работеше текст на Милена Марковиќ, насловот е "Шина". Марковиќ е претставник на младата генерација драмски писатели во Србија, ова е нејзин втор текст, првиот на конкурс во Виена е прогласен за најдобар.

Монодрамски маратон

Скопје, 28 ноември.

Актерот Мите Грозданов го започна монодрамскиот маратон во кој во текот на два дена ќе одигра шест претстави. Последната претстава "Портрет на авторот" ќе биде премиерно изведена. На 30 ноември истиот актер ќе ја одглуми монодрамата "Којне" од Миле Поповски, а на 2 декември ќе настапи со "Дај му на човекот" од Мирјанка Ристевска. Сите претсатви ќе бидат одиграни во Културно-информативниот центар.


Музика

Балканска филхармонија

Скопје, 21 ноември.

Во Универзалната сала, во организација на Македонската филхармонија и Дирекцијата за култура и уметност, концерт одржа Балканската филхармонија во која настапија музичари од повеќе балкански земји, како и два хора од Југославија и од Бугарија. На концертот, под диригентство на Милен Начев од Бугарија, настапија и солистите Марија Белчева - сопран, и Стефка Минева-мецоспоран од Бугарија, а беше изведена Симфонија бр.2 во ц-мол од Густав Малер. Со концертот на Балканската филхармонија се затвори годинашното издание на манифестацијата "Есенски музички свечености" и се одбележа 58 годишнината од постоењето на Македонската филхармонија.

Во чест на Шпато

Скопје, 25 ноември.

Во салонот на МНТ се одржа авторска вечер посветена на творештвото на легендата на македонската забавна и џез музика Драган Ѓаконовски-Шпато. Концертот го одржа ревискиот оркестар при МРТВ, под диригентска палка на маестро Кире Костов со своите солисти и со дел од некогашните и сегашни ѕвезди на македонската забавна музика како Драган Мијалковски, Марјан Стојановски, Томислав Маниќ, Сашо Гигов-Гиш, Верче Пандиловска, Марија Димитриевиќ-Ѓоргиева, Виолета Томовска, Ванчо Тарабунов...

Македонскиот фолклор во Франција

Битола, 26 ноември.

Фолклорниот ансамбл "Стив Наумов", од битолското село Логоварди, деновиве се врати од десетдневната турнеја во Франција каде одржа неколку концерти во Париз и Руен. Турнејата ја организира здружението на Македонците во таа земја.

Французите биле одушевени од сплетовите "Пирин", "Егеј", "Жетварка", "Битолчанка", "Калајџиско", "Седенка" и други.

Турнеја на Тоше

Скопје, 26 ноември.

Поп-ѕвездата Тоше Проески со промотивен концерт на новиот албум наречен "Ако ме погледнеш во очи", кој го одржа во првата хала на Скопското сајмиште, ја започна долгонајавуваната турнеја. Гости на концертот беа турската музичка атракција "Харем", балетската група "Ребис" и малиот Дарко Цветковиќ, кој ја отпеа песничката "Како Тоше", изведена на минатогодишното издание на фестивалот "Златно славејче". Турнејата ќе опфати седум града низ Македонија, а концертната програма во секој град каде што ќе настапи ќе биде различна.

Камерно дуо

Скопје, 26 ноември.

Во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар, се одржа концерт на камерното дуо Љубиша Кировски, виолина и Маја Шутевска-Кировска, пијано. Беа изведени дела од В. Николовски-Ѓумар, С. Прокофјев и К. Шимановски.

Есма и Калиопи со почесни титули

Скопје, 26 ноември.

Есма Реџепова-Теодосиевска и Калиопи, во хотелот "Александар палас", беа именувани за почесни претставници на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) за 2002-2003 година.

Оваа титула ја добиваат за активната заложба за надминување на проблемите на раселените лица и бегалците.


Филм

Документарен филм

Битола, 26 ноември.

Деновиве заврши снимањето на документарниот филм за легендарниот македонски алпинист Димитар Илиевски - Мурато. Филмот е насловен како "Од Пелистер до Монт Еверест", во продукција на битолската телевизија "Орбис". Тој е првиот и единствен Македонец кој се качил на Монт Еверест, меѓутоа неговиот живот трагично завршува токму на таму.


Светски интерес за "Прашина"

Филмот на Милчо Манчевски, "Прашина" што беше прикажан на фестивалот "Саут Јара" во Мелбурн, Австралија, поради големо интересирање на публиката, организаторот вклучи две вонредни проекции.

На крајот на ноември "Прашина" ќе биде прикажан и на филмскиот фестивал во Братислава, Словачка. Деновиве "Прашина" излезе и на видео во Русија. Рускиот дистрибутер за мото на филмот го избрал слоганот "Хероите не умираат". Филмот исто така на видео ќе излезе и во Велика Британија во јануари-февруари следната година, и тоа со слоган "Живеј си ја својата живеачка оти си ја умираш својата умирачка". Инаку, неколкупати досега дистрибутерите во разни земји го менувале и името на филмот. Така, на пример, во Шпанија филмот одеше како "Пепел и прав", а во Бразил, на фестивалот во Сао Паоло, како "Прашина на времето".

Следната, 2003 година, "Прашина" ќе почне да игра и во кината во Полска и САД.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"