ојот дедо пред триесетина години
со тажни зборови рече: "Внуци мој, јас паметам кога имавме македонски народ
и македонски јазик, а немавме држава. Но, лошо ќе биде ако вие дочекате да
имате држава, а да немате македонски народ и македонски јазик". За наша
вистина, за наша судбина, минатото може само да се награди, да се збогати,
но не и да се измени. Вистината колку и да се брише, колку и да се
присвојува и негира, таа сепак има свои белези, свои корени и своја вечност.
Душата на еден народ е во неговиот јазик, убавината во неговата песна и
традиција, а силата во неговото перо, во неговата мудрост. Сите македонски
генерации длабоко се вдахнувале и живееле од убавината на македонскиот јазик
низ векови и секогаш успевале да го сочуваат она што е во него најубаво,
најсилно и чувствително - неговата древност и чистина. Токму овој дух во
Дебар во месец август тоа го имаше, душа на еден македонски печалбарски
народ, кој не заборавил на своето огниште, на својот јазик и својата песна,
на своите древни корења да се присети и тивко да заплаче. Еден печалбар од
Река весело ќе запраша: "зарем ова не е мијачија во мало, зарем оваа не е
празник на македонската душа". Од "коде" толкава сила на овие печалбари, што
дошле од странство во оваа "пустелија". Лани не дојдовме, заради војната во
Македонија, но оваа година не можеше ништо да не спречи да дојдеме, да ги
видиме нашите родни краеви, нашите најблиски, нашите пријатели. Дебар ова
лето, а особено во август, вриеше од македонски печалбари, со чист
македонски збор, кој исконски ги красеше дебарските сокаци, дебарските
кафулиња, дебарските огништа, кој повторно стана лулка на македонскиот џагор,
на македонскиот непокор.
Се проценува дека од Дебар, до Река, од Жупа има околу три илјади
печалбари, а ова лето ги имаше околу две илјади, кои весело крстареа по
дебарските улици, кои живнаа како некогаш, кога не се знаеше ни за печалба
ни за отселување од родното огниште. Дојдоа по звукот на дебарскиот тапан и
зурла да прослават со своите најблиски, да омажат, да оженат, да не
заборават на верските обреди, и што е најважно да останат што подолго во
родниот крај. Но, тажната реторика се повторува како злокобна судбина што
надвиснала над овие македонски простори. Се сретнуваа пријатели и роднини и
секогаш се прашуваа: кога дојде и кога ќе си одиш и дали ќе ја земеш
фамилијата во Италија. Секаде ги има, во Тревизо, во Венеција, во Римини, во
Равена, во Тренто, во Мјештре и каде се не и секогаш со багажот на својта
носталгија, со плисокот на радичките води заминуваат, со надеж дека можеби
еден ден повторно ќе се вратат, на своето родно огниште, повторно да
прошетаат низ тесните сокачиња, и да запеат убава македонска песна.
"Тешко ни е враќањето назад во туѓина, но верувај, мора некако да се
преживее, да се издржува фамилијата, бидејќи овде во Македонија нема работа,
и незнам што би правеле ако не е оваа Италија која не прими не вработи и
едноставно ни го врати нашето економско достоинство. Со таа Италија ние
направивме убави куќи во нашето село, помогнавме во многу комунални проблеми
со кои се соочуваше нашево село" - Ќе забележи еден печалбар од Скудриње,
кој веќе осум година работи и живее во Италија.
"Овде ни е многу добро, но најубаво ни е дома. Децата ни учат по
италијанските училишта на италијански јазик, за што верувајте немаме ништо
против, но не плаши, просто не убива, помислата да не го заборават својот
мајчин македонски јазик. Се уште во својата семејна средина ние зборуваме на
македонски, но времето си го прави своето. Јас сум десетина години во
Италија, но не паметам да некој од Македонија покренал мала иницијатива за
воведување на факултативна настава на македонски јазик, иако ние овде еднаш
пред неколку години подигнавме иницијатива за изучување на македонскиот
јазик на овие простори, но верувајте, останавме не сфатени. Овде има
десетици, а можеби и повеќе наставници или професори кои аргатуваат во
Италија, кои би можеле да бидат искористени токму за таа пригода, да ги
подучуваат нашите деца, идните македонски генерации"- малку нервозно ќе
проговори еден виден печалбар од Жупа, пиејќи го своето утринско кафе, во
дворот на својата куќа, во кругот на својата фамилија.
Но, дај боже нека ова остане само констатација и моментална состојба која
врмето ќе ја излекува, ќе и даде поубава иднина за сите македонски генерации,
кои по корка леб зачекорија во туѓи простори, по туѓи дворови и секогаш со
мислите кон својата татковина - Македонија. Затоа, не случајно е кажано дека:
јазикот е душа на секоја татковина, глас на твојата мајка, порака по многу
библиски генерации, столб на едно постоење, белег на едно живеење.