ИСТОРИЈА

Богоја Наумов Фотев, револуционер, претседател на Президиумот на АСНОМ

ВЉУБЕНИК ВО СВОЈАТА ТАТКОВИНА

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Историски околности го диктираат животниот пат на Богоја Фотев. Така било и со неговата одлука да се вклучи во тековите на прогресивното народноослободително движење.
  • Богоја Фотев станал член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, а како делегат учествувал во неговата работа и бил избран за член на Президиумот на АСНОМ и за поверник за финансии, при што учестувал во создавање на првите финансиски институции и правецот на фискалната политика на новата македонска држава.

Богоја Фотев е роден како трето дете во семејството на Наум и Марија Герови, на 14 август 1900 година, во селото Герман, во денешен егејски дел на Мекдонија.

Есента 1908 година, по завршената Младотурска револуција, во селото се отворило, првото училиште на македонски јазик. Во него Богоја ќе ги помине првите четири училишни години.

По завршувањето на четвртото одделение во училиштето во Герман, Богоја заминал во Охрид со цел да го продолжи своето образование во тамошната гимназија. Меѓутоа, започнатата Балканска војна набргу го вратила во неговото родно село. Потоа, семејството на Богоја под притискок на војната го напуштило селото Герман и се населило во селото Наколец, а Богоја во октомври 1913 година отишол во Битола да го продолжи прекинатото школување. Со извесни прекини, поради воените случувања во Првата светска војна, во учебната 1919/20 година го завршува V клас и го прекинува самоволно своето образование. Врз донесувањето на оваа одлука влијаела неговата возраст и неможноста да посетува редовна настава, но и тешката положба на семејството. Сепак, тој не престанал да се самообразува преку постојано читање литература, весници и списанија, покажувајќи интерес за се што се случувало во светот.

ИСТОРИСКИ ОКОЛНОСТИ...

... го диктираат животниот пат на Богоја Фотев. Така било и со неговата одлука да се вклучи во тековите на прогресивното народноослободително движење.

Во 1921 година Богоја за првпат се вработува во државна служба како книговодител во Првостпениот суд за воени штети. Ова вработување ќе му го "овозможи" и првото револуционерно калење. Неговото отворено критикување и осудување на постапките на актуелната власт ќе го доведе во Битолскиот окружен затвор во кој ќе помине околу шест месеци. Во затворот ќе "заработи" тешка форма на болеста "парализа фацијалис", која му оставила трајни последици, оштетен дух, искривена уста и губење на ориентацијата во темница, што многу му пречело за време на неговото учество во партизани во подоцнежниот период.

Во почетокот на 1923 година, Богоја бил повикан на регрутна комисија, но набргу починал неговиот татко Наум, а тој како најстар син и единствен хранител на семејството бил ослободен од обврската да служи војска. Но, заради тешкотиите да најде вработувње тој решил да замине на печалба во САД, каде што се наоѓал од поодамна неговиот постар брат Симон. По многу перипетии и двомесечно патување илегално преку Канада влегол во САД во јуни 1924 година.

И покрај тоа што печалбарскиот живот не му се допаднал многу Богоја, сепак успеал да посети повеќе места и градови во неколку сојузни држави и бил воодушевен од убавината на земјата. Како и да е, од својот печалбарски престој во САД, тој не понел некои убави спомени, со оглед на тоа што носталгијата секојдневно го измачувала, а монотонијата не можел да ја поднесе. Затоа, решил да се врати дома. Во септември 1926 година Богоја со огромен патнички брод тргнал на пат кон Европа за да се врати во својот дом.

Положбата на Македонија во кралството СХС, во овој период се карактеризира со општа несигурност на имотот и животот и со постојани репресалии врз македонското население од страна на српските власти. Положбата ја влошувале и уфрлените чети на ВМРО од Бугарија, по иницијатива на Ванчо Михајлов, кој организацијата ја става во служба на интересите на бугарските властодршци и италијанскиот фашизам.

Стегите на диктатурата ќе ги искуси и на своја кожа во 1933 година како кандидат за избор на општински одбор во селото Буково, кога на луѓето им било запретено да не гласаат за Богоја, поради неговата комунистичка определба.

Политичкото будење во овој период го предизвикуваат создавањето на Македонското народно движење (МАНАПО) во кое активно учествуваат интелектуалците и печалбарите од Битола, меѓу нив и Богоја Фотев.

ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ...

... на комунистичкото движење во Битола и Битолско на првиот Месен комитет на Комунистичката паритја во Битола е и Богоја Фотев. Но, во 1940 година членови на МК биле затворени во зградата до Околиското начелство во Битола. Богоја е осуден на петгодишна робија од страна на Белградскиот суд. Затворската казна ја издржува во Српска Митровица, од каде заедо со другите политички затвореници успева да избега и да се вклучи во партизанските одреди на Србија, како борец. При враќањето во Македонија е фатен во заседа и затворен од страна на бугарската полиција во Скопје и изведен пред суд, и заради недостиг на докази, ослободен. По враќањето во селото Бистрица веднаш се вклучува во народноослободителното движење. Неговите активности се забележани од бугарската полиција, повторно е затворен и интерниран во Бугарија. По враќањето од интернација се вклучува во партизанското движење и по задача на главниот штаб на НОВ во Македонија работи на устројството на народната власт во Дебарца. Богоја Фотев станал член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, а како делегат учествувал во неговата работа и бил избран за член на Президиумот на АСНОМ и за поверник за финансии, при што учестувал во создавањето на првите финансиски институции и правецот на фискалната политика на новата македонска држава.

Исто така, во првата македонска Влада, како министер за земјоделство и шумарство придонесува во организирањето на земјоделието и шумарството, во спроведувањето на Законот за аграрна реформа, во откупот на земјоделските вишоци и во исполнувањето на сеидбените планови.

На изборите одржани на трети декември 1950 година Богоја Фотев бил избран за народен пратеник во осмата изборна единица на Битолската околија. Но, и покрај активноста во предизборието и ангажманот како пратеник, Богоја чувствувал огромен психички притисок предизвикан од околностите кои владееле во тоа време. Неговите идеали за кои се борел во револуционерниот живот не се исполниле. Елиминирањето на Методија Андонов - Ченто од политичката сцена во Македонија, судирот меѓу Советскиот Сојуз и Југославија, затворањето на неговите воени соработници и пријатели, како и неговото испитување пред Политбирото на ЦК на КПМ, се дел од причините кои влијаеле врз неговата психичка положба и стабилност.

Притиснат од повеќето страни, во момент на депресија, во својот стан зад Женската гимназија во Скопје, Богоја Фотев посегнал по својот живот, со револвер пукајќи во својата глава. За среќа поминал без некои сериозни последици по здравјето, иако од аспект на политичкиот живот, тоа значело крај на неговата политичка кариера.

Од тие причини, во почетокот на 1951 година, заедно со сопругата Тодора го напуштил станот и се вратиле во својот дом во селото Бистрица, додека нивните деца останале во Скопје.

По враќањето во Бистрица Богоја Фотев бил политички изолиран и не му преостанувало ништо друго, туку да се посвети на земјоделските работи за да обезбеди животна егизстенција.

Богоја Фотев доживеал длабока старост, починал на 27 јануари 1993 година. Последните години од животот ги поминувал во Бистрица, работејќи во помошната селска задруга. На својот 90-ти родеден, во 1990 годна ја прифаќа партиската рехабилитација и станал член на обновениот СКМ-ПДП. Починал мирно бидејќи го дочекал исполнувањето на неговите идеали - слободна и независна Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"