ри дена по одржувањето на
пленумот на КПГ, односно на 3 февруари 1949 година, Захиријадис на вториот
пленум на ЦС НОФ, го рече и следното:
"... На конгресот треба да се разјасни националното прашање на
македонскиот народ, кој со своето учество во денешната борба врви кон
создавање на независна македонска држава во рамките на балканската
федерација".
Политичкиот комесар на ГШ на ДАГ и член на ПБ В.Барџотал на ЦК на КПГ на
20 март 1949 година го истакна и следното:
"Словеномакедонските борци и офицери се едни од најдобрите борци на ДАГ.
Тие се бореа и се борат јуначки. Тој херојски народ даде се од себе, ги
жртвуваше своите деца, својот имот, своите куќи. Секоја куќа има по еден
ранет или загинат...".
Истите тие раководители кои дадоа високи оценки и признанија за
придонесот на организацијата на НОФ и Македонците во заедничката борба со
грчкиот народ, по два месеца истата организација НОФ ја окарактеризира за
агентурска, контрареволуционерна и голем број Македонци за агенти и
контрареволуционери и против нив прездеоа едни без преседан репресивни мерки.
КПГ за да ги вклучи Македонците масовно во борбата пееше славопојки за нив,
а кога поразот на таа борба се наѕираше и беше неизбежен, Македонците ги
обвини за таквиот исход на истата.
ХАЈКА ПРОТИВ МАКЕДОНЦИТЕ
За секој неуспех, пораз на ДАГ беа обвинувани Македонци. Ќе наведеме
неколку примери:
Во нападот на Лерин на 13 февруари 1949 година, ДАГ имаше големи загуби
во мртви, ранети и заробени. Поразот на Лерин многу негативно се одрази врз
моралот на борбеноста на борците на ДАГ. Се појавија повеќе случаи, на
напуштање на редовите на ДАГ и преминување во Југославија. Раководството на
КПГ-ДАГ во обидот да ја симне од себе одговорноста и да внесе страв, презеде
репресивни мерки. Имено, во мај 1949 година органите на безбедноста на ДАГ
ги уапси Јане Папазов, Ставрула Симова, Вајовски Андон Вајовски, Алеко
Гаркинов, сите Македонци од село Буф, Леринско.
Обвинението ги товареше дека вршеа шпионска дејност против ДАГ во корист
на непријателот, организираа и поттикнуваа дезертерства на борци од редовите
на ДАГ кон монархофашистите и Југославија и сл. По нечовечки измачувања, со
што од обвинението е добиено бараното признание, тие беа дадени на Прекиот
воен суд на ДАГ на Х дивизијата, кој ги осуди на смрт со стрелање.
Органот на ГШ на ДАГ "Прос ти ники" од 15 јули 1949 година во врска со
случајот пишува: "Стрелани се агентите Папазов Јане и неговите тројца
соработници".
Со одлука на Привремената демократска влада на Грција одбиена е молбата
за помилување на Јане Папазов, Алеко Гаркинов, Ставрула Симова и Андон
Вајовски, сите од село Буф, Леринско, осудени на смрт од Прекиот воен суд на
Х-та дивизија на ДАГ. Папазов и другите се обвинуваат дека беа врбувани од
монархофашистите да организираат шпионска мрежа во редовите на ДАГ, да
организираат дезертерства на Македонци борци кон монархофашистичка Грција и
Југославија".
Во април-мај 1949 година раководството на КПГ-ДАГ, како што приведовме,
во залудните напори за решение на резервите на ДАГ, се впушта во уште една
авантура. Имено, нареди регрутација на деца од детските домови во
источноевропските земји во возраст до дури на 13-15 години. Мајките од
неколку села во Костурско и Леринско остро протестираа, барајќи ултимативно
да се повелче одлуката, односно децата да се вратат во домовите или да им се
вратат на родителите.
Службата за безбедност на ДАГ извлече заклучок дека акцијата на мајките
била организирана и раководена од агенти на Југословенските известителни
служби. Конкретни беа обвинети и апсени македонските активисти на НОФ Шанев
и Петровски. Воениот суд на ДАГ им изрече строги временски казни.
Неединството и ривалските борби во раководството на НОФ му овозможија на
Захиријадис и на неговите органи да продрат до највисоките кругови на
организацијата и да ги претворат во информатори. Така на пример, првиот
човек на организацијата на НОФ Паскал Митревски, со писмо до членот на ПБ на
ЦК на КПГ Јанис Јоанидис, од 2 април 1948 година, го информира дека другите
два члена на главното раководство на НОФ и АФЖ Махаило Керамитчиев и
Евдокија Баљова-Вера го користат Атанас Макриев за илегална работа, односно
за илегална врска со југословенските известителни служби. Имено, Макриев
илегално преминува во Битола каде добива директиви и задачи за што приложува
изјава на Ламбро Митанов во која ги потврдува неговите наводи. Изјава за
известителната дејност на Макриев приложи уште една од 23 март 1948 година.
Врз основа на горе споменатите и други изјави, Службата за безбедност на ДАГ
на 13 мај 1949 година го апси. Воениот суд на ДАГ го осуди на смрт и беше
префлен во логорот наречен "логор на идните смртници" организиран на
албанската територија, во близината на грчко-албанската граница, во Леринско
- Преспа.
На 13 мај 1949 година Службата за безбедност на ДАГ презеде широка акција
против таканаречените "титови агенти" при што беа фатени повеќе Македонци и
Македонки активисти на организацијата НОФ и АФЖ, меѓу кои: Христо Дојчинов,
Борис Раковски, Трендафил Боглев, Ангелина Волчидова, Јорданка Поповска,
Куцуков Видо и др.
Сите тие, според наводите на обвинението, наводно признаа дека вршат
известителна агентурска дејност во корист на југословенските известителни
служби. Сите тие беа осудени на смрт и префлени во споменатиот логор во
Албанија.
"ЛОГОР НА ИДНИТЕ СМРТНИЦИ"
На 31 мај 1949 година, по провала органите на безбедност на ДАГ го фатија
уфрлениот агент на известителната служба на ЈНА Мичо Марковски и неговиот
соработник Методи Параскевов од реонот на Африка. Митре Марковски успеал да
избега од затворот.
Наредниот ден односно на 1 јуни 1949 година беа фатени Елена Григориева,
Пандо Царцев, Стати Капетановски, Ставре Капетановски и Антула Параскевова.
Сите тие беа обвинети дека беа оранизирани во "шпионска" група која
дејствувала во корист на југословенските известителни служби, а против ДАГ.
Прекиот воен суд ги осуди на смрт со стрелање. И тие беа префлени во
споменатиот "логор на идните смртници".
На 12 јуни 1949 година беа фатени Петре Ефтимов, од с. Косинец,
Костурско, Тодор Гиков од с. Оровник, Преспанско и Ситев Јане од с.
Забрдени, Леринско. Сите тие беа обвинети за агентурска дејност во корист на
југословенските известителни служби и обид за бегство во Југославија.
Воениот суд на ДАГ ги осуди на смрт.
Приведовме само еден мал дел од Македонци и Македонки кои беа жртви во
пресметката на политиката на грчките и југословенските комунисти. Списокот
на настраданите е доста долг поради што бара подолга елаборација, кои
навистина го заслужуваат.
Грчките комунисти во хајката против Македонците осомничени за агентурска
дејност во корист на Југославија, отидоа уште подалеку. Имено, Службата за
безбедност на ДАГ по повод престојната офанзива на владините сили на
подрачјето на Вичо, на 24 јуни 1949 година побара согласност од ПБ на ЦК на
КПГ да организира изолационен логор за "докажани" и осомничени приврзаници и
агенти на атинскиот режим и на Југославија. Со оваа мерка се вели во
писмото, ќе се осуети агентурската, диверзантската и друга непријателска
дејност на тие агенти.
За да се види во каква состојба беа доведени Македонците го приведуваме
во целост писмото на службата за безбедност до раководството на КПГ.
Во слободен Вич има еден број луѓе од разни села, кои кога ќе почне
битката на Вичо, ценејќи врз основа на досегашниот нивни однос, многу е
веројатно да направат поголема штета од досегашната, во заднина на ДАГ и
тоа: "Да нанесат штета на разни институции, или да поттикнат други да го
сторат тоа. Давајќи гостопримство и поголема помош на непријателски агенти
(на монархофашистите) кои не успеаја да се инфилтрираат во заднината со цел
да прибираат информации, да вршат диверзии, или да служат како јавки, фрлање
на разни разбивачки пароли.
Бегајќи кон непријателот (монархофашистичка Грција и Југославија) некои
од нив беа фатени од народната милиција и потоа амнестирани. Поттикнување на
борци на ДАГ кон дезертерство. Многу што извршија такви дела беа дадени на
воен суд од причини кои налагаа да се применува објаснувачка воспитна
работа, а не казна, или заради тоа што недостигаа можности (слабости и
тешкотии) за секој правен случај да се направи од нас што го бараше судската
служба (изјави, признанија), за да се формира судско дело во Воениот суд,
кое ќе се судеше пред народот. Поради тоа бевме ограничени во давање на
совети и следење, или ценејќи ја одговорноста во конкретните услови, лицето,
сокривањето на разузнувачот, и заклучувајќи дека штетата од неговата дејност
нема да биде голема, се определуваме за друга мерка, место да му суди
Воениот суд.
Поради сето горенаведеното, се предлага да се соберат сите тие луѓе
(речиси сите наведени во Билтенот) и да им се одреди принудна работа
органичувајќи ја можноста за нивно бегање кон непријателот (Тито), соодветно
чување, употребувајќи наши луѓе меѓу нив за контрола и инфорамации и
изолирајќи ги далеку од фронтот.
Така, до еден голем степен се елиминира опасноста од нивното
непријателско делување, а едновремено придонесуваат; ако ги изолираме во
затвор, ќе ја лишиме ДАГ од една работна сила.
Овој предлог се дава бидејќи сите тие елементи во текот на операциите на
Вичо ќе се активираат преземајќи посилни акции, давајќи му на непријателот
уште поголема помош.
Бидејќи пограничниот сектор на станицата на народната милиција во
с.Герман е голем соодветно на силата на станицата (35 милицајци) предлагаме
да се употребат и други помошни средства, особено минирање на границата,
кучиња, пратки, клопки и сл...".
Предлогот на службата за безбедност беше прифатен и беше организиран
логор во реонот на Преспанско, во близина на албанско-грчката граница. Од
сочуваните досиеа на изолираните што имавме можност да ги консултираме,
констатиравме дека осомничени и изолирани Македонци имаше од повеќе села од
Костурско и Леринско. Од проверката што ја направивме констатиравме дека
повеќето од нив имаа свои синови, ќерки и браќа кои служеа во ДАГ. Таа беше
и главната причина поради што органите за безбедност не презедоа поостри
мерки врз нив. Тие под строга контрола и специјален режим обавуваа разни
физички работи (градење на одбранбен и други објекти, пренос на материјали и
сл.). Трагедијата на тие луѓе е уште поголема ако се знае дека тие веруваа
дека тоа што го работат е во интрес на борбата.
Изолираните Македонци во логорот со започнување на офанизивата на
владините сили на Вичо, на 10 август 1949 година, беа евакуирани во Албанија
каде им се придружија и другите бегалци.
(Продолжува)