ајсилните и најубедливи докази за
врските помеѓу денешната македонска нација и античките Македонци ги нудат
антропологијата и генетиката. Овде ќе спомнеме еден податок кој во времето
на едноумието воопшто не беше експлоатиран во нашата поширока јавност. Овој
податок е уште поинтересен, бидејќи е даден од страна на грчки научник!
Имено, грчкиот научник Пуљанос (инаку член на ДАГ) по т.н. Граѓанска војна
во Грција, заедно со мнозина Македонци и Грци заминал во тогашниот СССР. Во
педесеттите години во Ташкент и Чирчик овој научник вршел компаративни
антрополошки истражувања помеѓу тамошните Македонци (бивши борци на ДАГ) и
античките Македонци (до чии податоци доаѓал преку архивите во СССР).
Резултатите од тие истражувања биле сензационални. Пуљанос докажал дека
антропологијата на античките Македонци била фрапантно идентична со
антропологијата на Македонците во СССР. Можеби денес изгледа парадоксално,
но тогашната грчка влада со радост ги прифатила овие наоди. Кај нив тогаш
превладувала логиката дека ако денешните Македонци имаат идентични
антрополошки црти со античките Македонци (кои според нив биле "Грци"), тогаш
и денешните Македонци се потомци на Грците. (подетално кај: Христо
Андоновски: "Јужна Македонија од античките до денешните Македонци",
Скопје, 1995).
ГЕНЕТСКИ ДОКАЗИ
Што се однесува до генетските истражувања, не така одамна (од времето на
пишувањето на овие редови) група шпански генетичари (во соработка со свои
македонски колеги) спроведоа генетски истражувања над современите Македонци,
при што докажаа дека Македонците се еден од најстарите народи во Европа.
Имено, група истражувачи од Одделот за имунологија и молекуларна
биологија, Х. 12 де Октубре, на Универзитетот Комплутенс од Мадрид (Шпанија)
и Установата за лабораториско испитување на ткивата и крвна трансфузија од
Скопје (Република Македонија), спроведоа генетско истражување врз Македонци
чии резултати ги споредија со истражувањата спроведени врз други
медитерански народи. Групата од десет истражувачи (Арнеиз-Вилена А,
Димитровски К, Пачо А, Москосо Ј, Гомез-Касадо Е, Силвера-Редондо Ц, Варела
П, Благоевска М, Здравковска В, и Мартинез Ласо Ј.) беа вклучени во
истражувањето со цел да се открие придонесот на Македонците и Грците во
денешниот генетски влог меѓу медитеранските народи. За таа цел за прв пат
меѓу Македонците беа проучени ХЛА (Антигени од човечки бели крвни клетки)
класа 1 и класа 2 ДНК (Дезоксинуклеинска киселина).
Студијата "ХЛА гени кај Македонците и под-сахарското потекло на Грците"
е објавена во угледното данско медицинско списание "Тишју Антиџенс"
во февруари 2001 година (книга 57, издание 2, страници 118-127). Резултатите
од овие истражувања ги пренесоа и неколку македонски печатени медиуми ("Утрински
весник" од 08. 03. 2002, "Македонско сонце" и други, а за
потребите на овој труд се користиме од написот во "Македонски гласник"
на организацијата "Обединети Македонци" (Торонто, Канада,
ноември-декември 2001). Како резултат на сите овие истражувања, добиени се
следниве заклучоци:
1) Македонците припаѓаат на постарата медитеранска основа, како
Иберијанците (вклучувајќи ги и Баските), северно Африканците, Италијанците,
Французите, Критјаните, Евреите, Либанците, Турците (Анатолијанци),
Арменците и Иранците;
2) Македонците не се сродни со географски блиските Грци, кои не припаѓаат
на постарата медитеранска основа;
3) Грците имаат значителна сродност со под-сахарскиот (етиопски) народ,
кој ги разделува од другите медитерански групи.
За време на истражувањето биле испитувани гените од 172 етнички Македонци
(кои не биле роднински поврзани); 98 Мароканци; 98 Бербери; 94 марокански
Евреи; 176 Шпанци; 80 Баски; 228 Португалци; 179 Французи; 102 Алжирци; 91
Сардинци; 284 Италијанци; 80 ашкеназиски Евреи; 80 не-ашкеназиски Евреи; 135
Критјани; 85 Грци од Егејот; 95 Грци од Атика; 101 Грк од Кипар; 59 Либанци
од Ниха ел Шуф; 93 Либанци од Кафар Зубиан; 100 Иранци; 228 Турци; 105
Арменци; 101 Египјанец од Сива; 83 Оромонци; 98 Амхаранци; 38 Фуланци; 39
Римеибанци; 42 Мосијанци; 77 Сани (Бушмени); 192 Сенегалци и 86 црнци од
Јужна Африка.
Во Студијата, врз основа на резултатите, истражувачите констатираат дека:
"Ова ја поткрепува теоријата дека Македонците се еден од најдревните
народи кој постои на Балканот, изгледа долго пред доаѓањето на микенските
Грци околу 2.000 години пред Христа".
Според резултатите на овие истражувања Грците имаат генетска сродност со
под-сахарските етнички групи кои сега живеат во Етиопија, Судан и Западна
Африка (Буркина-Фасо), а Македонците се блиски со Критјаните.
Навистина, пред аргументите и боговите молчат. Факт е дека постојат
историчари кои сметаат дека творците на Микенската култура се Пелазгите (древен
народ кој живеел и во Македонија). Ваквата можност е спомната и во
енциклопедијата "Енкарта" (наслов: Црете и Пеласгианс). Но, за
ова поопширно во некоја следна прилика.
ПОТОМЦИ НА АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ
Врз основа на сите досега изнесени податоци за огромниот крвен и културен
удел на античките Македонци во денешната македонска нација, воопшто не е
чудно што голем број Македонци во поблиското минато себеси се декларирале
како потомци на античките Македонци, а истото тоа го тврделе и поедини
странски авторитети.
Наспроти сите антимакедонски пропаганди, античко-македонското етничко
потекло масовно било прифаќано од страна на Македонците во 19 и 20 век. Оваа
тема делумно ја има обработено академик Блаже Ристовски (во своите дела: "Портрети
и процеси И", Скопје, 1989 год. и "Македонија и македонската
нација", Скопје, 1995 год.), па во продолжение ќе се послужиме со цитати
од неговите истражувања во врска со ваквите пројави, надополнети со моите
дополнителни истражувања во оваа насока. Притоа, податоците преземени од
книгите на академик Ристовски ќе ги означиме посебно од останатите, со
напомена дека оригиналните извори за нив можат да се сретнат во овие книги.
Посебно е важен фактот дека за чувството за античко-македонското етничко
потекло на Македонците од 19 и 20 век, сведочеле и еминентни странски дејци,
кои во тоа време престојувале во Македонија. Да наведеме извесен број
примери во врска со ова.
Веќе го спомнавме францускиот барон Франсоа де Тот, кој работел во
Цариград во 18 век (конкретно од 1768 до 1775 година) како главен изведувач
на градбите на важни објекти каде имал ангажирано поголем број работници
Македонци. Во своите "Спомени" тој запишал:
"Прибрав и сместив покрај работните места 1500 Македонци...".
Во продолжение тој пишува дека Македонците биле неуморни во работата и
дека затоа им дал слободни ден. Потоа тој пишува како некои од нив отишле во
една кафеана и почнале да пеат песни за победите на Александар Македонски,
па вели:
"Дваесет и двајца Македонци,секој со пушка на рамо,дојдоа тука и
собрани во една крчма пееја песна за победите на Александар ".
Во продолжение читаме дека еден од Македонците излегол од кафеаната и
налетал на група од деведесет турски морнари. Франсоа де Тот во продолжение
пишува:
"Еден од моите работници ги напушти своите другари и отиде да подиши
воздух, се проближил до брегот каде ги видел новоистоварените вооружени до
заби. Еден од нив горд на бројноста што неговата војска му ја обезбедуваше,
се приближил до Македонецот и му удрил шлаканица со сета сила. Овој без
оружје за да се одмазди за својата навреда и ненавикнат на турскиот јазик,
му дал само знак на шампионот кој го нападнал за да го почека бидејќи
требало да се врати. Тој се вратил во крчмата, не им рекол ни збор на своите
другари, си ја зел пушката без тие да го забележат и се вратил на брегот
каде што Турците се уште се наоѓале. Таму го препознал својот противник и
покажувајќи му го својот образ му дал знак повторно да почне. Но, Турчинот
кој веќе имал пиштол в раце, испукал од непосредна близина, меѓутоа не го
погодил Македонецот, а овој за час му ја ставил цевката од пушката на
стомакот и пукнал, но и самиот загинал од 80 куршуми што ги испукале другите
Турци. Ова пукање го привлекло вниманието на останатите дваесет и еден
Македонец. Виделе дека недостасува еден од нивните другари. Се вооружиле и
се стрчале кон брегот. Пристигнувајќи таму, го виделе својот другар спружен
крај еден Турчин и без распрашување ги нападнале непријателите, убиле
деветмина на самото место, а другите ги потиснале кон морето со таква брзина
што еден дел избегал со чамец, а друг пливајќи. Така, овие "храбри луѓе"
дошле до бродот, го пресекле јажето и се спасиле, бегајќи во морската шир.
Двајца Македонци беа пратени кај мене и ме известија за ова. Тргнав веднаш
кај првиот министер, каде што се јавив како тужител во врска со навредата
нанесена на работниците на замоците".
Во продолжение читаме дека везирот се налутил и рекол дека загинале девет
муслимани, а само еден неверник и дека тоа биле многу жртви. Франсоа де Тот
сепак инсистирал да се обезбеди сигурноста на работниците, на што везирот
смеејќи се, му рекол:
"Добро. Со Вашите 1500 Македонци вие би ја освоиле земјата. Вашиот
начин да се чувате зарем не вреди повеќе од оние кои јас би можел да ви ги
пружам?" ("Мемориес ду барон де Тотт сур лесТурцс ет лес Тартарес",
Амстердам, 1784, стр. 197-198, цит. според академик Александар Матковски
"Македонија во делата на странските патеписци" цит. дело).
Гледаме дека во описот на овој настан Франсоа Де Тот своите работници
секаде ги именува како Македонци. Фактот што тие пееле песни за победите на
Александар Македонски е силна индиција за нивната етничка свест, а во прилог
на ова оди и шеговитата забелешка на везирот според која Франсоа де Тот со
своите Македонци сакал да го "освои светот" (што може да биле
алудирање на античките Македонци од времето на Александар Македонски).
(Продолжува)