ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Света Пречиста-Воведение на Пресвета Богородица

ВЕЧНО ДА ЖИВЕЕ ВО АНГЕЛСКА ЧИСТОТА И ДЕВСТВЕНОСТ!

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Го исполнувам пред Господа заветот кој го искажа устата моја во тагата моја...
  • Радувајте се со мене сите, бидејќи денес се покажав и како мајка и како родителка, донесувајќи ја Ќерката своја, не на царот земски, туку на Бога, Царот Небесен

Поминаа повеќе од дваесет векови, а ние сеуште го слушаме тој силен повик на Ана кон Бога : "..Господе, Кој на Сара во староста си и дал првенец, погледни сега на мене и слушни ја молитвата моја! Тоа што ќе го родам ќе Ти го принесам Тебе на дар!...". И додека таа ридала, Архангелот Гаврил ја известил : " Ана, Ана! Услишена е молитвата твоја!... твоите солзи паднаа пред Бога! Гледај, ќе забремениш и ќе родиш преблагословена Ќерка! И ќе и дадете име Марија!". После девет месеци, Ана родила Ќерка, на Која Бог, заради Нејзината чистота и смиреност, ќе ја издигне над сите ќерки на светот, Дева, на Која Бог ќе ја возвеличи над сите човечки суштества. Родителите на своето Девојче и дале име Марија, што на Еврејски значи-Возвишена, Возвеличана Госпоѓа.

АНГЕЛСКИ ХОРОВИ

Малата Марија растела во топлата прегратка на родителите. Ја воспитувале во побожност. Кога Дева наполнила три години, Јоаким и Ана решиле да го исполнат ветувањето пред Бога. Со својата Ќерка, роднини и пријатели, свечано тргнале на пат од Назарет за Ерусалим. Најнапред оделе девици во бела облека. Во рацете држеле запалени свеќи и образувале "венец од сјајни звезди". Пееле песни од псалмите на Пророкот цар Давид. По нив, заедно со своите родители, кои ја држеле за раце, чекорела убавата, нежна мала Марија, "украсена со царска облека и украси како прилега на Царева Ќерка, Невеста Божја". Зад нив оделе роднини и пријатели. Невидливо ги придружувале и ангелските хорови. Патувале три дена. Стигнале во Ерусалим. Се упатиле кон Ерусалимскиот храм. На неговиот влез, со црковни песни ги пречекал Светиот првосвештеник Захариј, заедно со свештениците. Тогаш Ана, извикала: "Го исполнувам пред Господа заветот кој го искажа устата моја во тагата моја,...Радувајте се со мене сите, бидејќи денес се покажав и како мајка и како родителка, донесувајќи ја Ќерката своја, не на царот земски, туку на Бога, Царот Небесен". Родителите ја подигнале Марија на првата скала. Но, Таа сама брзо ги поминала сите скали и стигнала до петнаесетта, последната скала. Захариј ја зел за рака и по Божја промисла, за големо чудо, ја вовел не само во Храмот, туку и во неговото најсвето место, во "Светиња над Светињите", таму каде што се чуват најсветите тајни, (ковчегот на заветот, жезалот, маната, златната кадилница), таму каде што се крие тајниот живот на Живиот Господ Исус Христос. Таму можел да влезе првосвештеникот и тоа само еднаш годишно. Во Божјиот Храм ја вовел Небесниот Цар, Утешителот, Духот на вистината. За тоа ни сведочи Светата Православна Црква преку песната : "Во Светињата над Светињите се воведува со Светиот Дух Светата и беспрекорна".

СПАСЕНИЕ НА СВЕТОТ

За спомен на овој необичен настан на воведување, Светата Црква го востановила празникот "Воведение на Пресвета Богородица", кој уште се нарекува "Света Пречиста" и се празнува на 4 декември. Со нејзиното воведување во Храмот се раѓа надежта за доаѓање на Царството Божјо, мирот и љубовта во светот, преку Нејзиниот Син Исус Христос, Кој ќе ја победи смртта и ќе најде излез за спасение на светот "излез од робувањето на времето и смртта во слобода на животот и љубовта". Затоа во една од Црковните песни на празникот се пее: "Денес е почеток на Божјата милост и на проповедта за спасение на луѓето. Во Храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите Го предвестува. Нејзе и ние велегласно и извикуваме: Радувај се, исполнување на промислата на Создателот!". Јоаким и Ана принеле жртви и дарови на Бога, според Законот, и се вратиле во Назарет. Тие често ја посетувале Марија. Но, родителите на Марија се упокоиле. Нејзиното срце било рането. Меѓутоа, Бог не ја оставил никогаш сама. Бдеел над Неа со сета Своја милост. Најчесто ја придужувале ангелите. Престојувајќи заедно со Светите Ангели во најсветото месо на Храмот, (до својата дванаесетта година), во Дева Марија се раѓа силна желба: "вечно да живее во ангелска чистота и...девственост". Но, Еврејскиот закон не го дозволувал тоа. Затоа свештениците ја однеле кај Јосиф од Назарет, старец од 80години, нејзин роднина,"како свршеница да живее во девственост", да ја исполни својата желба и привидно да го задоволи законот. Преку Неа во светот ќе зацари Дете, кое засекогаш ќе го победи злото. Дева Марија го родила Божјиот Син, што значи раѓање и обнова на нов живот во светот.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"