Демант на ДУИ

По неодамнешната статија во весникот "Дневник" за наводното "врбување" на Македонци во ДУИ, портпаролот Агрон Буџаку одржа прес-конференција во која најави дека ДУИ ќе поведе судска постапка против истоимениот весник. Буџаку демантираше дека тие им плаќаат по 2.500 евра на новите членови - Македонци. "Да имавме пари, ќе ги вложевме во нешто рентабилно, а не во нови членови" - изјави Буџаку. Имено за ДУИ се интересираат Македонци од Струмица, Виница, Берово, Гевгелија и од Пробиштип.

За време на пресот имаше неколку ситни расправии помеѓу новинарите од македонска и албанска националност, поради фактот што Буџаку им дал предност на новинарите Македонци.

Солана не заборава на Рамковниот договор!

На неодамнешниот традиционален молитвен појадок во Брисел, Солана побарал од Трајковски повторно да организира средби на четворицата лидери на политичките партии, на кои редовно ќе се следи и поттикнува спроведување на одредбите од охридскиот Договор. Во овој процес, според Солана, улогата на Борис Трајковски е неминовна и витална.

"Претседателот е централна точка во изградбата на Рамковниот договор чие спроведување не е завршено" - изјавил Солана. Што се однесува до ЕУ и Македонија во неа, Солана изјавил дека вратите на ЕУ остануваат отворени за петте земји од Западниот Балкан и по проширувањето кое ќе се случи во 2004 година.

Мирко Христов на слобода!

Со одлуката на Основниот суд Скопје 1, струмичанецот Мирко Христов, кој пред петнаесетина дена пукаше во македонското Собрание, е ослободен од притвор во Истражниот затвор "Скопје" во Шуто Оризари. Христов изјави дека свесно пукал кон Собранието, но дека немал намера да го повтори делото, доколку му биде укината мерката притвор. Стручниот тим од Центарот за ментално здравје потврди дека Мирко Христов не е психотична или невротична, туку стабилна и пресметлива личност.

Бизнис со посвојувањето бебиња

Посвојувањето бебиња во Македонија е област во која владее вистински хаос. Министри, пратеници, директори на јавни претпријатија и други високи државни функционери, како што пишува "Дневник", вршат притисоци врз центрите за социјална работа бебињата да ги доделуваат на нивни пријатели. Според некои непотврдени наводи, се споменува дури и тарифа од 5.000 евра по глава на здраво бебе. Извори на овој весник велат дека во посредувањето се вмешани главно луѓе блиски до директорите на центрите за социјална работа, но во сето тоа добро бил упатен и поранешниот министер за труд и социјална политика, Бедредин Ибраими. Тој ги демантира обвинувањата и вели дека сето тоа се шпекулации на новата, немоќна власт, која не знае што да работи и од каде да почне.

Прекршување на царинските квоти!

Владата на својата последна седница утврди неправилности во доделувањето на квотите и контингентите за увоз на различна стока. Министерот Филиповски тврди дека ќе овозможи зголемување на бројот на правните субјекти кои ќе тргуваат по основа на квотите. Филиповски, исто така, инфомираше дека укинал и неколку решенија за увоз и транзит на акцизни стоки низ Македонија. Најголеми неправилности се утврдени во увозот на чадено свинско месо од Словенија каде квотата е пробиена за дури 4.500 тони, потоа скопски "ОХИС" ја пробил дозволената квота за 1000 тони итн...

Проценката на Владата е дека над 20 фирми увезувале разни производи без доделена квота и уште толку фирми ја пробиле квотата што им била доделена.

Осквернавени црквите во Сетоле и Отуње

Демолираните цркви во селата Сетоле и Отуње викендов повторно биле осквернавени. Светите предмети во храмовите во неделата биле најдени расфрлани. Сетолчани доживеале и дополнителен шок, откако откриле дека било провалено во две куќи во селото. Во едната биле оштетени вратите и прозорците донирани од германската хуманитарна организација "АДРА".

Војник се пресметал со вооружени напаѓачи

Припадник на воената полиција на АРМ, В. Ј. од Македонска Каменица, храбро се пресметал со четворица насилници од албанска националност кои во четвртокот минатата недела го нападнале на Камениот Мост во Скопје, заради наводна одмазда. Еден од напаѓачите му го вперил пиштолот, а друг извадил нож, но војникот успеал да му го одземе сечилото, му го ставил под грло и го турнал на земја пиштолџијата, па побегнал. Еден од напаѓачите го стасал, но по куса пресметка војникот го онеспособил напаѓачот и заминал кон касарната "Илинден".

Поништена распределбата на социјални станови

По неодамна извршениот увид во документацијата на распределените станови, утврдени се низа неправилности при доделувањето на истите. Имено, станува збор за некомпетентно доделување на станови, без исполнување на основните обврски - доставување на документи: венчаница, доказ за невработеност, економски статус на семејството и слично.

Како неправилност се констатира и самиот начин на огласување на распределбата со тоа што конкурсот бил објавен само во еден дневен весник, а не во повеќе медиуми. Становите биле доделувани на државни службеници, на вработени во царина, во здравствени организации, како и на директори на фирми. Поради ваквите и слични недоследности, Владата ги поништи огласите за распределба на социјални станови.

На повидок ново Шемшево

Драмата со училиштето во Шемшево се уште не е завршена, а на повидок се јавуваат нови промени на имиња на училишта во Тетово и Тетовско. Станува збор за промена на имињата на шест училишта меѓу кои "Кирил и Методиј" во Глоѓи за кое Албаниците тврдат дека во него учат 480 Албанци, а само шест Македонци, потоа училиштето "Братство" да се преименува во "7 март" (денот на албанските наставници), тетовската гимназија во "Џон Бузуку" итн.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"