КОМЕНТАР

Македонски плурализам

КВАЗИПРОЕКТИ НАМЕСТО НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Интерес е на речиси сите соседи на македонската држава, централната балканска република никогаш да не закрепне, никогаш да не добие своја сопствена моќ со која ќе може да го гради просперитетот кон европските порти.
  • Среќни ќе бидеме ако утре се разбудиме во Република Македонија, ако задутре во Тетово има барем двајца Македонци, ако по една недела Танушевци остане во овој дел на граничната линија.

Првите недоразбирања и несогласувања меѓу коалиционите соработници во македонската Влада почнаа да излегуваат на виделина. Спорот лежи во минатогодишниот повод за почетокот на воените дејства, северната граница. Парафот на Договорот меѓу Скопје и Белград за конечно исцртување на граничната линија ги раздвижи радикалните компоненти на албанскиот етнос низ целиот Балкан. Последиците од тие движења ни се добро познати.

Деновиве стигнуваат новите закани од насилства, доколку почнело теренско разграничување меѓу Србија и Македонија во делот на Косово. Нов предизвик за се уште незалечената држава. Ако минатата година немаше пари за реализирање на тој Проект (околу милион марки), што по малку звучеше смешно, особено ако се има предвид дека претходната гарнитура износот би го обезбедила со два или три швајцарски контингенти со цигари или шеќер, оваа година си има сосема поинаква причина за одложување на работата. Кочницата сега е во рацете на реформираниот терорист Ахмети кој преку своите партиски продолжени раце, Арифи и Буџаку, ги поместува датумите нанапред се до оној момент кога т.н. меѓународна заедница не одлучи на актуелниот југословенски протекторат да му додели независност. Се дотогаш Скопје и Белград нема да смеат да ги поставуваат своите тимови на граничниот појас за да ги околчат меѓите кои десетина години чекаат некој да ги разграничи. Ако притоа во меѓувреме се обидат практично да го реализираат Договорот, ризикуват нов бунт на Албанците, се разбира под маската за човекови права. Белградските власти додуша не се засегнати толку со граничниот проблем, бидејќи одамна го имаат преболено своето Косово насила отстрането од срцето на Србите во деведесет и деветтата. Македонскиот случај е сосема поинаков. Тоа е уште еден тест за виталното прашање: Дали ќе ја биде оваа држава или не.

МАКЕДОНИЈА - ВЕЧЕН ЗАЛОЖНИК!

На ваков начин и со ваков пристап кон решавањето на меѓудржавните спорови албанските политички субјекти во земјава, без оглед дали припаѓаат на власта или на опозицијата, бидејќи сите без исклучок имаат истороден став, ги доведуваат во позиција на заложници македонските политички кругови кои инсистираат на што поскоро решавање на ова контроверзно и одамна надминато прашање за европските цивилизации.

Погледнато наназад, македонската држава во старото и новото време беше и останува заложник на нечии туѓи интереси и заложби. Нерешавањето на ваквите меѓусоседски проблеми и нивното одложување на неопределено време не значи ништо друго освен одложување на нашето полноправно членство во највисоките европски институции. Познато е дека Европа при себе не прибира партнери со нејасни и недефинирани позиции, со нерешен и нерегулиран внатрешен и надворешен статус. Што имаме ние од сето тоа? Што е кај нас јасно и дефинирано, решено и регулирано? Сепак, ваквото практикување на регионалните прашања и доведувања на активностите во "статус кво ситуација" некому му одговараат и стратегијата свесно се насочува во тој правец.

Интерес е на речиси сите соседи на македонската држава, централната балканска република никогаш да не закрепне, никогаш да не добие своја сопствена моќ со која ќе може да го гради просперитетот кон европските порти. Таа секогаш треба да остане зависна од некого, од соседот, од финансиските мултикорпорации, од европските тела. Не смее никогаш самата да одлучува и за најситните нешта од регионален аспект, не смее да решава за себе. Потценетата улога која од 98-та ја има оваа земја треба да продолжи и во првата декада од третиот милениум. Така препорачаа светските налогодавци во рамките на Проектот за сеопшта глобализација.

Издигнувањето на граничниот спор меѓу Македонија и српскиот протекторат Косово на ниво на регионален проблем од страна на еден комнандант на КФОР уште минатата година беше само првата фаза од серијата потези кои уследија и веројатно ќе уследат за натамошната дестабилизација на Полуостровот. Не може да се неутрализира улогата на дел од меѓународната заедница по овие прашања, бидејќи нејзини преставници кои примаат плати од ООН без оглед на нивниот ранг во хиерархијата ги поттикнуваат разјадените балкански народи на нови насилства и судири од кои губитници би биле само тие народи. Не е доволно оградувањето од изјавата на високиот КФОР-овец кој не ја призна линијата на разграничување. Некој налогодавач го насочил во тој правец за да предизвика долгорочна нетрпеливост меѓу соседите што би повлекло и подолго останување на меѓународните трупи на овие простори. Изјавата на припадникот на НАТО од 2001-та ги постигна саканите ефекти. Целата косовска власт (собранието, премиерот и претседателот) добија повод за поголема интернационализација на косовското прашање и направи обид за делегитимација на официјален Белград по прашањето на Приштина.

Вториот полн погодок од целата драма е што Република Македонија, како една од двете или сега трите страни на проблемот, свесно се насочува кон преговори со нелегитимната страна, во случајот Приштина, што еден ден, порано или подоцна, под притисок на Брисел неизбежно ќе се случи. Еден од партнерите во новоформираната македонска власт, Демократската унија за интеграција на Али Ахмети, елегантно треба да ги влече месеците, па и годините ако затреба, и никогаш да не дозволи Митрева и Свилановиќ да застанат на Кодра Фура пред уште една овој пат пирамида. ДУИ ќе направи се под покровителство на западните структури, на Кодра Фура да ги донесе Реџепи или Ругова на местото на актуелниот Свилановиќ. ДУИ го кажа своето.

"ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ!?"

На потег се оние кои ветуваа дека за Македонија ќе бидат заедно. Ќе потпаднат ли под уште еден притисок на мегаломаните? Сведоци сме на многу наивни чекори и потези на неколкуте владејачки гарнитури досега, но веќе нема простор за наивност, нема простор за отстапки и поигрување. Секој нов наивен чекор ќе значи серија губитници без можност за поправни испити, без можнст за враќање назад и трансформација на грешките.

Предизвиците се исправени пред староновите луѓе во поставата на Црвенковски. Од една страна, треба да се има и соодветно разбирање за позицијата на новата власт, бидејќи разбирливо е оти за триесетина дена не се решава ништо на спектакуларен начин, особено ако се има предвид актуелната ситуација во поблискиот регион и дома како и тестаментот што го остави претходната владејачка експедиција. Но, од друга страна, не смее да се остави ниту малку простор од народните маси за пасивност, дефанзивност и незаинтересираност за случувањата во нашето секојдневие. Секое премолчување на секој антидржавен и антинационален потег може дефинитивно да не дотолчи во амбисот во кој некој претходно не втурнал.

Како што врват работите и како што одминуваат годините, како што се менуваат генерациите, се повеќе се добива впечаток дека сликата за македонската држава е радикално изменета и дека властите мораат да наоѓаат поинакви методи на разврска на меѓуетничите клопчиња. Демографските поместувања вршат сериозни притисоци врз секоја идна гарнитура во земјава и поради тоа неизбежно е изготвување на национална стратегија со која ќе се заштитат моментно незаштитените витални сегменти за македонската претпазливост. Доколку интелектуалниот слој во државата, во институциите на системот, во МАНУ, во невладиниот сектор, го запостават овој Проект за кој секоја нормална национална држава посветува внимание и го изготвува на почетокот на своето создавање, во тој случај многу набрзо ќе ни се повторуваат и пресликуваат настаните како оној од 28 ноември годинава. Македонските Албанци го распослаа албанското знаме низ сите општини, села и градови во западниот дел како увертира во она што еден ден неминовно ќе следи, доколку се продолжи со тактизирање по овие прашања. Очигледно е дека над 90 отсто од албанската популација во државава не ја чувствува Македонија за своја татковина, ниту еднаш не го развиорила сонцето на македонското знаме кои нема ниту една етничка особина ниту национален белег за да биде пречка да биде отфрлено. Е, на овој начин не можеме да очекуваме дека скоро ќе станеме Европјани и НАТО-вци. Постигнувањето консензуси и компромиси меѓу двата етнички блока во земјава не претставува излез од турбулентниот лавиринт во кој се бркаме скоро деценија и половина. Но, тие се последица на отсуството на национална стратегија која би ги определила рамките и границите во кои би се движеле проектите и активностите на секој поединец, група или етничка заедница и народот во оваа земја.

Сепак, кога е во прашање таквата стратегија, може да се заклучи дека досега не се појави во јавноста ниту една иницијативна група за нејзино изготвување и реализирање. Најголемиот капацитет и можност за тоа постоеше во Академијата на науките и уметностите која располага со кремот на интелектуалниот кадар од повеќе генерации, зрели да проектираат модели и начини за долгорочна стабилност и просперитет на државата. Но, наместо тоа, од еден издвоен сегмент на истата Академија минатата година добивме предлог за дезинтеграција и распарчување на територијалниот интегритет на државата. Значи ли тоа дека Република Македонија во моментов не располага со вистински луѓе кои би го консолидирале јадрото на државноста и би ги зацврстиле столбовите на опстојот? Како што течат водите, можно е да е така. Стратегијата на македонската држава треба да биде насочена во правец на проектирање стабилност, развој и интегритет во наредните десет или дваесет години, за половина век.

Денешното практикување на овие елементи не ни гарантира опстојување ниту во наредните две години, што не доведува во ситуација да живееме и преживуваме од денес за утре. Среќни ќе бидеме ако утре се разбудиме во Република Македонија, ако задутре во Тетово има барем двајца Македонци, ако по една недела Танушевци остане во овој дел на граничната линија. Но, што по пет или десет години? Е, за тоа во моментов никој во државава решение нема. Проектот за национална стратегија го заменија со соодветен Рамковен мировен договор преточен во ново уставно уредување. Привремените решенија и наметнатите договори ќе ни даваат живот на рати, но само ако заслужиме. Ќе ја имаме оваа земја како наша, но само ако бидеме послушни и ако заслужиме. Во спротивно, доколку постапуваме наспроти нечии желби и интереси од домашен и меѓународен калибар, можно е некој нас да не има. По сето ова се доведуваме во ситуација секој нареден обид за изготвување стратегија од национален интерес од многу групи во земјава и надвор од неа да се сфати како Проект кој би загрозил некого. Би се искривоколчиле аргументите - фактите се со цел да се спречи консолидацијата на македонското ткиво кое е до темел раслоено.

Но, сепак, вината за се треба да се фрли врз македонските интелектуалци кои за персонални и групни интереси ги запоставија националните и државните. Дали е доцна за да се преземе нешто? Не, доколку се пристапи чесно и во духот на вистинскиот државен патриотизам.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"