а нема забуна: не сме тоа ние, "Македонско
сонце", иако и нас македонските влади не "отпишуваат" на свој начин, оној
најударниот, оставајќи не без средства како сираче, ами директно "Нова
Македонија", најстариот и најпознат македонски весник.
Овие денови околу "Нова Македонија" се случуваат драматични настани, не
по тоа дали ќе ја има или ќе ја нема, туку како ќе ја - нема... Очигледно,
на оваа држава и на овој читачки народ како да му "габардиса" постоењето на
една институција која почна самата себе да си противречи, зашто така беше
проектирана.
Каде е сега Наполеон да заштити еден весник на кого му признаваше "поубоита
општествена моќ" од неколку негови добро обучени и уште подобро опремени
дивизии? Наполеони не живеат повеќе на Балканот, а во Македонија и ги
- немало!
Историјатот на паѓањето на НИП-от, како што некогаш во своите колумни
жестоко ја карикираше Ѓорѓи Маријановиќ "Нова Македонија", датира одамна,
многу одамна, со извитоперената уредувачка политика, како основна
конструкција за "градежната стабилност" на еден весник. Она што
социјалистичките весници, поточно нивните уредници, не можеа да го научат,
беше да престанат да & се бендисуваат на власта оти таа е ненаситна кога
бара верност и лојалност.
Светот знае да си ги чува своите весници, оти му требаат. Кај нас е
поинаку: ние знаеме и весниците и историјата да си ги уништиме. Не оти "Нова
Македонија" е незаменлива, или оти им припаѓа на "комуњарите" како што
милуваа да зборуваат далдисаните ВМРО-вци, туку затоа што едноставно таа е
наше македонско минато, со сите се разбира неплатени сметки за своите
гревови.
Бизмарк за весниците велеше дека треба да бидат "камшик што ќе швркаат и
лево, и десно и во центарот...". Да, ама бизмарците во Македонија не сакаат
камшици. Тие како руската царица Катерина, сакаат потемкинови села и градови,
да си владеат среќно и да си живеат.
Оттаму, судбината на весниците не ја пишуваат политичарите, туку нивните
автори со своите потписи... "Нова Македонија", ако сакате, и никогаш не била
"владин весник". Со исклучок на некои куси периоди кои блескаво покажале
дека и Македонија може да има "слободно, независно и вистинско новинарство",
се друго е "информативна граница" во која сите крави изгледаат - црвени!
Секое распаѓање стасува одвнатре. Стар пријател ми вели: "... Греота е 'Нова
Македонија' да ја нема!". Оти, му велам? "Така, легната ми е некако на срце,
не сакам да исчезне".
Исчезнувањето на "Нова Македонија", ако треба да се случи, ќе го
предизвикаат агенси на одмаздата, омразата и злобата. Тие не живеат "далеку
од нас" и не се непрепознатливи, оти секое спомнување на името на "Нова
Македонија" кај нив разбудува најлоши емоции, и бара линч на весникот,
веднаш и - сега. Зошто е тоа така мора да има причини, но не толку големи да
му се посакува се најлошо на еден весник.
"Нова Македонија" падна на најниски тиражни гранки. Сопствениците на
борделите, во такви прилики, не ги менуваат креветите, туку - проститутките...
А, можеби токму тоа го сакаат: да го затворат "борделот"!?
Продажбата на НИП-от не беше продажба на весникот, туку на импозантната
зграда, таканаречениот "споменик на социјализмот". И не треба многу ум, само
едно прашање: секаде во светот, владите имаат најмалку по еден свој весник,
да им ги изразува официјалните ставови. Нека каже Љубчо Георгиевски кој &
беше официјален весник на неговата влада, за да ја продаде "Нова Македонија"?
Или подобро нека не кажува... Македонските влади имаат свои "службени
весници". Затоа можеби за "Нова Македонија" велат дека е весник што не го
сака ниту една влада!