ПОЛИТИКА

Киднапираните и протераните Македонци во неизвесност и со новата власт

МАКЕДОНСКИ БЕБИЊА ПОД ТУЃ ПОКРИВ!

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Роднините на киднапираните не можат да се помират со молчење и заборав за нивните најблиски за кои повеќе од година дена не се знае ништо!
  • Реконструкцијата на домовите ќе заврши среде зима, голем број од протераните лица сепак и оваа зима ќе ја презимат во прифатните центри.

Иако во државава имаме социјален колапс, сепак не можеме да заборавиме дека од новата власт покрај другото се очекува конечна разврска за судбината на 12-те киднапирани Македонци како и безбедно враќање и обнова на домовите на протераните Македонци.

Пред изборите очите на многу луѓе беа вперени во новата власт од која очекуваа разврска за своите проблеми. За последниот план на македонските власти за враќање на полицијата во кризниот регион, Меѓународната кризна група вели дека е на ОБСЕ, иако ОБСЕ учтиво тврди дека е на МВР, додека пак за "Лавовите" на Бошкоски оценува дека се многу способни за провоцирање на албанските екстремисти и за вознемирување на Македонците, но сосема бескорисни во изведување операции. За ОБСЕ и Агенцијата за реконструкција на ЕУ се вели дека се толку лошо координирани што парите што им беа доделени за обнова и за програми досега ги искористиле само половично, префрлувајќи ја вината од едни на други. МКГ за американските политичари вели дека се толку алергични на продолжувањето на мисијата на НАТО, што даваат контрадикторни и апсурдни аргументи за и против престојот на НАТО во Македонија.

Вистински башибозук, додека во прифатилиштата дечињата почнаа да подзабораваат на изгледот на нивните домови, но и под туѓ покрив да се раѓаат бебиња за кои е прашање дали првите чекори ќе ги направат на татковото огниште.

СРЕДБА

Иако за досието со 12-те киднапирани Македонци нема ништо ново, сепак роднините на киднапираните се повикани на средба кај премиерот Бранко Црвенковски. Роднините се веќе отрпнати од вакви и слични средби, но кај нив сепак останува силна вербата дека сепак вистината еден ден ќе излезе на виделина и дека нивните најблиски се живи.

Нема ништо ново. Се стои во место. Една Комисија за киднапирани лица чие седиште беше во Сараево, сега отвори своја канцеларија во Скопје. Останува да контактираме со неа и да видиме дали може да ни помогне. Не планираме ништо ригорозно од типот на блокади и штрајкови. Нема за кого тоа да го правиме, кога Владата не се осврнува на рударите кои гладуваат 800 метри под земја, а камо ли за нас, ни изјави Војо Гоговски, роднина на еден од киднапираните.

Според изјавите во јавноста презентирани од поранешен функционер на ДБК, шестмина од киднапираните се ликвидирани, а шестмина се наоѓаат на Косово. Комисијата за киднапирани и исчезнати лица што ја раководеше шведскиот амбасадор во Македонија, Ларс Вахулд, потврди единствено дека Македонците биле киднапирани во подрачје каде што имало воени судири. Од страна на некои роднини се шпекулираше и за наводна корумпираност на странските претставници, бидејќи Комисијата почнала успешно да работи, но наеднаш застанала! Во еден од ретките извештаи за минатогодишните киднапирања се потврдува дека тројца жители конкретно од Непроштено биле ликвидирани. Станува збор за Васко и Цветко Михајловски, како и за нивниот соселанец Крсто Гоговски. Според извештајот од Комисијата, од 23 до 27 јули минатата година околу 60 македонски жители од Непроштено биле одведени од "ОНА" во куќа, наводно поради нивна безбедност. Во оваа група биле Васко, Цветко и Крсте. Оттогаш тие повеќе не се видени. Комисијата констатирала дека некојси таканаречен командант Зеќирија и командант Сафет биле одговорни за операцијата "етничко чистење на Непроштено". За споменатите тројца непроштенчани се претпоставува дека биле однесени од селото, убиени и закопани на некое место.

ВИСТИНА

За вистината велат дека каде и да биде закопана, секогаш излегува на виделина. За жал, вистината за 12-те киднапирани Македонци веќе дваесетина месеци не се обелоденува. Роднините беа на разговори кај сите политички фактори во државава, престојуваа со недели во собраниските простории, организираа блокади, најавуваа штрајкови со глад, но се беше залудно. Сите им ветуваа, но никој ништо конкретно не направи, односно не ја кажа голата вистина. МВР исто така распиша привлечна награда за информација во врска со киднапираните, но и тоа беше без резултати. На роднините не им е јасно зошто меѓународниот фактор не може да изврши таков притисок за да се открие разврската со судбината на киднапираните. МВР се произнесе со информација дека Џемалудин Нухиу, командант Џими и Даут Реџепи, алијас командант Лека се луѓето кои директно командувале со киднапирањето на најголемиот дел од исчезнатите Македонци. "ОНА" е виновникот кој правеше етничко чистење во Македонија, а иронијата ни наметна токму екс-амнестираните терористи да ни се "наместат" во законодавната и извршната власт во државава. Вистината сепак е или црна или бела. Едната која роднините не ја посакуваат говори дека нивните најблиски се убиени, а втората вели дека тие се живи и се наоѓаат некаде на Косово.

ОБНОВА

Во минатогодишната војна се уништија и оштетија многу домови. Подолг период трае реконструкцијата и изградбата на она што беше разрушено, но досега многу домови не се довршени. Македонците од Непроштено не се задоволни од обновата на нивните куќи и стравуваат дека оштетените домови, кои сега ги гради холандската фирма ИМГ, ќе останат недовршени. Според договорот куќите ќе треба да бидат завршени до 25 декември. Но, градбата била прекината и дел од семејствата дошле да ги прашаат градителите зошто е тоа така, но безуспешно. Холандската фирма ги обновува оштетените куќи од четврта категорија, додека за тие од прва, втора и трета категорија била задолжена италијанската фирма "Мовимондо" од чија работа Македонците од Непроштено исто така не се задоволни. Со други зборови, куќите ќе бидат целосно готови на сред зима, а дотогаш домаќините нека му мислат.

Од друга страна, пак, во државава се уште имаме протерани Македонци сместени во колективните центри. Нивниот вкупен број изнесува 9.442, а најмногу од нив се сместени во студентскиот дом "Стив Наумов" во Скопје, вкупно 547. Околу 2.115 семејства живеат во стеснет простор, со еднолична исхрана повеќе од една година и како што велат заборавени се од сите. За протераните Македонци со сигурност се знае дека ќе зимуваат во прифатните центри. Здравје, велат тие, дури на пролет како ластовичките ќе се вратат на родните огништа, ако државата им ја гарантира безбедноста. Материјалните штети од минатогодишната војна, сепак, може да се надоместат. Но, кој на напатените страдалници - Македонци ќе им надополни за претрпениот стрес, очај, неизвесност, бедата чии последици вечно ќе останат изгравирани во нивната меморија?

На Македонија минатата година & се случуваше етничко чистење, а денес тоа некои меѓународни, но и домашни субјекти сакаат да го премолчат. Но, доказите не можат да ги замолчат. Роднините на киднапираните и протераните Македонци се тука да потсетуваат за суровата реалност што ја атакуваше Македонија!


Средба

Роднините на 12-те киднапирани Македонци остварија средба со премиерот Бранко Црвенковски, во присуство на првиот полицаец Хари Костов. Според изјавите на роднините, тие ја имаат поддршката од новата Влада, но случајот започнува од почеток, бидејќи во МВР недостигаат голем број документи во врска со истрагата за киднапираните. Премиерот и министерот за внатрешни работи побарале 30 дена да преземат конкретни активности за расчистување на случајот, а роднините конечно се согласиле да дадат крв за анализа.

За случајот киднапирани било разговарано и на средбата со генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, при што било побарано од Алијансата активно да се вклучи во истрагата за пронаоѓање на киднапираните.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"