ПОЛИТИКА

Јане Сандански не бил Мајка Тереза!

БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МУ "ВРЗА ШЛАКАНИЦА" НА ТРАЈКОВСКИ

Пишува: м-р Ицо НАЈДОВСКИ, Австралија

  • Ако претседателот Трајковски е горд со узурпирањето на македонската историја, Македонците од Австралија со пониженост и горчина ја примија таквата изјава на македонскиот Претседател.
  • Реакцијата беше особено, силна од Управата на МКУД "Јане Сандански" од Мелбурн и нивното членство. Тие велат дека за џабе го носеле името на Јане Сандански повеќе од 20 години во Австралија низ чии редови поминале повеќе од 3.000 играорци кога може "баш" Претседателот на државата да даде изјава дека Сандански бил визионер и хуманист.

Прогласувањето на македонскиот револуционер Јане Сандански од страна на претседателот на Република Македонија за голем визионер и хуманист кој се борел за Европа без граници не доведува до констатација дека не се зборува за револуционер за слобода на својата татковина, туку за лице кое го посветило својот живот на едно визионерско хумано поле равно на хуманистката Мајка Тереза!

Нашиот Претседател наместо да се срами од својата "паушална" изјава дека Сандански бил хуман човек, напротив тој бил горд што ја имал честа со бугарскиот Претседател да се поклони и да положи цвеќе пред неговиот споменик!

ЏАБЕ

Ако претседателот Трајковски е горд со узурпирањето на македонската историја, Македонците од Австралија со пониженост и горчина ја примија таквата изјава на македонскиот Претседател. Се уште ни се свежи изјавите на Иван Сингартијски од Пиринска Македонија кога не информираше за бруталноста на бугарската полиција врз Македонците кои сакаа да им се поклонат на гробот на македонскиот револуционер Јане Сандански во манастирот Рожден.

Реакцијата беше особено силна од Управата на МКУД "Јане Сандански" од Мелбурн и нивното членство. Тие велат дека за џабе го носеле името на Јане Сандански повеќе од 20 години во Австралија низ чии редови поминале повеќе од 3.000 играорци кога може "баш" Претседателот на државата да даде изјава дека Сандански бил визионер и хуманист. Претседателот на друштвото "Јане Сандански" изјави дека смешно е да се рече дека Јане бил хуманист кога Америка, Австралија, Бугарија и цела Македонија добро знае и денес за киднапирањето на Американката Мис Стон. За тоа дело Јане бараше пари од Јенките за да ја откупат Мис Стон, а Јане за возврат да може да набави повеќе оружје за неговата чета за борба против бугарските врховисти и ослободување и обединување на поделена Македонија.

ПАЗАР

Додека Македонија се наоѓа во состојба на распродажба и отстапување од својот идентитет, територија и историја, претседателот на Бугарија вешто го искористи моментот да констатира дека Македонците и Бугарите имаат заедничка историја и дека истата треба да се чита и разбира разумно. Згора на тоа и да не обединува.

Како може да се меша вода со масло? Како бугарскиот Претседател знаеше да му "врзе шлаканица" преку носот на неговиот колега Трајковски, а овај не знаеше да каже дека Сандански е дел од македонската историја и револуционер, борец за слобода на својот народ! Не смее и не може еден претседател на Македонија да не си ја знае својата историја! Дури и да не знае тој има еден куп советници околу него кои требаше бргу, бргу да реагираат, или претходно да му одржеа час по историја на Претседателот кој е и што правел Јане Сандански до неговата смрт.

Вака останува да тврдиме, ако не е поинаку, дека станува збор за уште едно деградирање на Македонија, македонскиот народ и неговата етничка татковина. Продолжување на распродажбата од сите страни како што ќе рече еден постар наш битолчанец, кој пред неколку дена се врати од Битола: "Македонија денес изгледа како на времето битолскиот Маспазар. Таму секој можеше да земе што сака и да ја промени тезгата. Таква е и Македонија денес. Се менуваат устави, се цртаат граници, се пука и убива секојдневно, потоа локални самоуправи, јавен обвинител, образование, промена на војската, растурање на безбедносниот систем, протерани Македонци и негрижа за нив, распродажба на сите државни имоти итн... Секој зема по нешто, секој се грижи и интересира за Македонија, само Македонците не! Нашите лидери како на Маспазар распродаваат, зборуваат, лажат, крадат се само со една цел: слава и фотеља. За гладниот и напатен, предаден и изневерен македонски народец нив баш уво ги боли. А, пак дека Јане Сандански бил македонски револуционер "ич" не им е гајле оти тоа беше одамна. Македонците не си ја познаваат својата историја. А, тие што не си го знаат минатото, никогаш нема да имаат ни иднина".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"