поред најновите податоци во
Република Македонија живеат пет лица болни од сида, а уште18 граѓани се
носители на ХИВ вирусот.
Од 1987 година кога за прв пат во нашата земја беше регистриран првиот
случај на "чумата на векот" како што ја нарекуваат оваа болест, досега се
заболени 64 лица од кои 41 лице веќе починале. Болеста е распространета во
сите делови од земјата, а се инфицирани луѓе од сите националности.
ИДЕАЛНИ УСЛОВИ
Многу лошата економска и социјална ситуација во РМ, како и состојбата во
регионот која е проследена со рапидно зголемување на наркоманите што
користат хероин, се дел од идеалните услови за експанзија на болеста СИДА.
На ваквата лоша слика во Македонија се надополнуваат и другите фактори, како
што се: трговијата со луѓе, присуството на странски воени сили, зголемената
проституција и предрасудите за сидата, односно недоволната едукација на
младите и населението. Одредени медицински аналитичари проценуваат дека
сидата во нашиот регион ќе се шири многу побрзо отколку на африканскиот
континент.
На ова предупреди и националниот координатор за борба против сидата, д-р
Весна Велиќ - Стефановска, која укажа дека во светот се заболени околу 42
милиони луѓе, а досега повеќе од 23 милиони починале. Бројот на возрасните
лица што имаат СИДА изнесува 38,6 милиони, од кои 19,2 милиони се жени, а
3,2 милиони деца. Само во текот на оваа година се забележани нови пет
милиони случаи на инфицирани лица од ХИВ вирусот. Од оваа бројка два милиона
се жени, а 800.000 деца помлади од 15 години. Во 2002 година од СИДА
починале 3,1 милиони луѓе, од кои 610.000 се деца.
ЛЕКОВИ
Во Македонија најдоминантен начин на пренесување на вирусот на сидата е
хетеросексуалниот контакт меѓу лицата. Повеќето од заболените многу доцна се
регистрираат, а болеста најчесто се развива и манифестира во период од 6 до
12 месеци. Од вкупниот број заболени лица во земјава, 69 проценти се мажи.
Д-р Велиќ - Стефановска ги отфрли обвинувањата од невладината
организација "ХЕРА" која тврдеше дека кај нас нема лекови со кои може да им
се продолжи животот на инфицираните лица во Македонија.
Кај нас се лобираше за воведување антиретровирусна терапија за да не се
случи да почнеме, па да прекинеме поради немање лекови. Три лека се веќе
ставени на позитивната листа. Треба да има и апарат со кој ќе може да се
следи ситуацијата, дали терапијата што ќе му се даде на болниот ќе
дејствува, или ќе мора да се смени. Важно е да се има континуитет со
терапијата кај овие болни, кои не мора да лежат во болница, потенцираше
националниот координатор за борба против сидата, д-р Весна Велиќ -
Стефановска.
Во Соединетите американски држави лекувањето на еден заболен од СИДА чини
12.000 долари, а кај нас е поевтино.
Тестирањето на присуството на вирусот во Македонија е бесплатно и може да
се врши во 11 заводи за здравствена заштита во земјата. Ако тие не
располагаат со китови, пациентите се упатуваат во најблиските центри,
изјави новиот заменик-министер за здравство, д-р Никола Пановски, по повод
денот за борба против сидата. Тој потсети дека ќе се формира меѓусекторска
комисија за превенција од СИДА која има и официјална поддршка од
претседателот Борис Трајковски. Националната стратегија за борба против
сидата треба да биде готова до јуни 2003 година.