ОБРАЗОВАНИЕ

Шемшево како рак-рана и немирите меѓу средношколците во Струга

УЧЕНИЦИТЕ ПОД КАПА НА ПОЛИТИКАТА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Тепачките помеѓу средношколците Албанци и Македонци во Струга резултираа со повредени лица и демолирани објекти.
  • Основното училиште во Шемшево ќе се вика според волјата на Албанците, додека родителите - Македонци се за првобитното име - "Даме Груев".

Учениците без оглед дали станува збор за основци, средношколци, или пак за студенти, сеедно, во последно време се толку изманипулирани и вплеткани во нечии игри што протестите, немирите, безредијата, блокадите стануваат секојдневие!

И во Струга им пукна филмот на средношколците Албанци и Македонци кои меѓусебно се испотепаа и предизвикаа немири кои влијаеја врз нарушувањето на довчерашната слика за соживот во Струга. Полека, но сигурно, ученичките немири се прелеваат на улиците. Дали станува збор за самоиницијативни реакции кај средношколците или пак некој учениците ги става во машина на политиката останува отворено прашање?! Кај некои средношколски лидери и повеќе од присутна е дозата на радикализам. Тепачките во Скопје помеѓу средношколците Албанци и Македонци се се почести. Меѓусебните повредувања се како "добро утро" за младината.

Во Шемшево перипетиите продолжуваат. Според родителите - Македонци компромисот околу ЦОУ "Даме Груев" е ставен под знак прашалник, а правната држава според нив не функционира во Шемшево.

Не ми е познато дека Јумни Јонузи бил балист. Уште кога бев поставен за в.д. директор се залагав да се донесат сите документи за него и да видиме за каква личност се работи. Сакам училиштето да биде без политика, изјави за јавноста Абдула Ќазими, в.д. директор на училиштето во Шемшево.

ИМЕ

Проблемите со Основното училиште во Шемшево се влечат со започнувањето на новата учебна година кога локалното албанско население ја тргна таблата со името "Даме Груев" и ја постави бистата на балистот Јумни Јонузи, без да ја почитуваат законската процедура. Иако се дојде до компромисно решение училиштето да се вика "Шемшево", а бистата на Јонузи да се отстрани, сепак за жал ништо од договореното.

Се падна во вода, таблата со натпис само на албански јазик и бистата на Јумни Јонузи се уште стојат во училиштето. За да можат нашите деца да одат на училиште, ние прифативме компромис, училиштето да се вика "Шемшево" и да се врати стариот двојазичен натпис. Имавме и грижа на совеста дека го продадовме името на училиштето, но досега ништо од компромисот не е спроведено и ние се враќаме на старите барања за враќање на името на училиштето "Даме Груев", вели Трпко Кировски, претседател на Иницијативниот одбор на родителите од петте месни заедници со мнозинско население од македонско етничко потекло. Секретарката на училиштето, Владанка Апостолоска, била избркана од канцеларијата уште во месец мај од страна на некои насилници.

Јас сум од Шемшево, живеам во селово и работев во училиштето на административно-технички работи. Добро е познато на каков начин бев истерана од училиште. Знам дека е договорено да се вратам на работа, но досега тоа не ми е овозможено. Јас и понатака сум дома во неизвесност и очекување конечно да се случи тоа што е договорено, констатира Владанка Апостоловска.

РЕШЕНИЕ?

Само да потсетиме дека премиерот Бранко Црвенковски донесе одлука да се врати старото име на училиштето, но локалното албанско население на одлуката се направи "на тошо". Иако се дојде до компромис, училиштето да не се вика ни по волјата на Албанците, ни по волјата на Македонците, туку само "Шемшево", сепак и тоа не се почитуваше. Македонците беа посетени од страна на американскиот амбасадор Лоренс Батлер и од претставници на Европската унија. Според Кировски, ставовите и барањата на родителите - Македонци во целост биле поддржани од странските фактори. Неофицијално од извори во мисијата на НАТО во земјава, проблемите во Шемшево ги создавал човек по име Самиу, додека повеќето жители од селото биле за соживот и мирна разврска на ситуацијата. Едно е сигурно, а тоа е дека родителите - Македонци повеќе не се подготвени за отстапки и бараат да се примени законот и за името на училиштето и за бистата. Некој во секој случај работата сака да ја стави во ќорсокак и нечиј збор да биде последен, односно подоминантен.

Не е наша работа да го решиме проблемот, туку да помогнеме луѓето што се инволвирани во случајот сами да го решат проблемот. Во Шемшево дојдовме да собираме информации од прва рака за сите состојби и да го дадеме нашиот придонес за подобрување на разбирањата меѓу луѓето. Наш впечаток е дека ситуацијата е компликувана затоа што се инволвирани емоциите на луѓето. По средбата со членовите на семејството на Јумни Јонузи, дознавме дека покојниот учител бил добра личност, изјави Лоренс Батлер.

Сепак, некој од родителите - Македонци требало да го информира господинот Батлер дека Даме Груев бил несомнено добар и благороден човек кој не залудно заслужил неговото име да го краси споменатото училиште. Сега засега решение и пресечување на проблемот нема, оти се уште не се наметнал авторитет чиј збор би бил последен.

ИНЦИДЕНТИ

Во до вчера мирната Струга се случи меѓунационална нетрпеливост во Средното училиште "Нико Нестор" во кое заедно учат и Македонци и Албанци. Инцидентите започнале со тепачка во кругот на училиштето, а потоа продолжиле со помасовен судир меѓу Македонците и средношколците-Албанци во Струшката чаршија, при што имало десетина приведени и исто толку повредени, кои биле хоспитализирани во Медицинскиот центар во Струга. Потоа низ струшките улици протестирале неколку стотини ученици - Албанци. Учениците - Албанци го скандирале името на "УЧК". Тие демолирале едно возило при што бил истепан и возачот, син на поранешниот пратеник на СДСМ од Струга, Танас Трајковски. По дводневен прекин, наставата во училиштето продолжила под засилено полициско обезбедување.

Беа преземени сите мерки за да не дојде до инцидент. На настава главно се појавија сите ученици и таа се одвиваше во две смени. Часовите беа скратени. Учениците за кои сметаме дека се проблематични ги отстранивме од настава заради намалување на тензијата, истакна Ајри Зиба, раководител на смена во училиштето.

Во врска со ситуацијата во струшкото Средно училиште Владата заклучила дека ситуацијата се смирува, а дека заднината на овие случувања е политичка. Владата предложила итно да се смени директорката на училиштето поради ненавремено реагирање за смирување на случајот.

Интересно е да се напомене дека сите фактори посочуваат дека инцидентите и проблемите во образованието имаат политичка заднина, но никој не работи на тоа политиката да ја отстрани од училишните клупи!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"