поред најновите објавени податоци,
Електростопанство на Македонија во изминатиот период работи нерентабилно. На
брифингот со новинарите кој го организираа надлежните во ЕСМ, беа
презентирани информации за работењето на ова Претпријатие во последните
четири години.
Меѓу податоците кои беа презентирани беше и тоа дека само во месец август
направена е фактура во износ од 20.000 евра за угостителски услуги во
охридскиот хотел "Дон Вито", а обврската за нејзино плаќање паѓа на товар на
ЕСМ. Ова е само една од многуте сметки на трошок на оваа фирма кои
директорите ги направиле во повеќе угостителски објекти во земјава.
РЕВИЗИЈА
Иако од ЕСМ досега повеќе пати е обвинуван поранешниот директор за
недомаќинско работење, од компанијата се уште не можат да потврдат дали
против него ќе биде поднесена кривична пријава. Заради алармантните
финансиски резултати, в.д. генералниот директор, Панде Лазаров, минатата
недела се обратил до надлежните државни институции - Министерството за
финансии, Управата за јавни приходи, Заводот за ревизија, за да извршат
целосна проверка во работењето, а истовремено е распишан и тендер за избор
на меѓународна консултантска куќа која ќе изврши контрола во работењето.
Најнапред ќе треба да се чекаат резултатите од извештајот на државниот
ревизор и од Управата за јавни приходи. Досега посочените докази за
неекономското работење на Арнаудов се се уште некомплетирани. Сепак и тие
кои се презентирани пред очите на јавноста го покажуваат начинот на
работењето во изминатиот период.
ДОЛГОВИ
Од износите на објавените фактури и сметки направени за донации и
спонзорства, се издвојуваат високите фактури од "Дон Вито", направените
сметки за угостителски услуги во мотелот "Бисер" во Крушино во износ од
околу половина милион денари, потоа 200 илјади денари за ручеци во бифето "Рим
- Париз" и охридскиот ресторан "Света Софија", како и 160 илјади денари за
ручеци во "Вила Света Софија", односно "Турист Линеа", за која се шпекулира
дека е во сопственост на сопартиецот на Ламбе, Војо Михајловски.
"Само за репрезентации, спонзорства, реклами и донации во последниве три
години во ЕСМ се потрошени над 2,9 милиони евра, што во споредба со
средствата што претпријатието за оваа намена ги одвојувало во 1999 година
претставува зголемување за 258 проценти", изјави портпаролот на
компанијата, Сашо Новевски.
Спонзорствата, репрезентациите, донациите и рекламите учествуваат со
175.081.000 денари во вкупниот биланс на работење годинава, или описно
кажано тие се за 358 отсто поголеми од нивниот износ во 1999 година, а 244
отсто поголеми од истиот износ во 2001 во однос на 1999 година.
ОБВРСКИ
Неликвидноста се огледува во износот на неподмирени обврски оваа година,
или поконкретно, порастот во оваа категорија во периодот на 2002 година е
поголем за 122 отсто споредбено со 1998. Неисплатени девизни кредити и
обврски по основа на камати ЕСМ има главно кон Светската банка, Европската
банка, Кинеската банка (заради изградбата на Козјак), Чешката банка и кон
Парискиот клуб. Од домашните банки, ЕСМ има земано кредити само од
Македонска банка, и тоа за обезбедување плати за вработените, каде што
моментно имаат долг од над 3 милиони евра. Од листата на доставувачите,
најголем долг постои кон осигурителната компанија "Кјуби Македонија", кој
изнесува 3,5 милиони евра и се должи само на предвременото раскинување на
договорот со оваа куќа и барање на нов осигурител, како и дополнителни 2,6
милиони евра кои се долг по основ на камата заради ненавремено плаќање на
долгот. Долгот кон Окта е во износ од 4 милиони евра, од кои 1,4 милиони се
основен долг, а остатокот е кумулиран од достасани камати, пресметувани за
времето лани и преклани, од периодот на достасувањето на овој долг. Кон
фабриката "Карпош" долгот изнесува 722.000 евра, а во списокот на фирми на
кои треба да им се плати, постојат многу фантомски фирми кои имаат вработено
само по еден човек. Еден ваков пример е и претпријатието "Блиф". На оваа
човек-фирма ЕСМ & должи речиси половина милион евра заради завршена услуга -
регулирање на документација и запишување на права на недвижности на ЕСМ во
катастарот.
Меѓутоа, овој износ не е конечен, бидејќи се уште прибираме фактури
поради неподмирени обврски. Карактеристично е што во споредба со 1998 година,
долговите на ЕСМ се пораснати за 122 отсто, појасни Новевски.
Неплатените обврски кон своите соработници не се редовно и ажурно
плаќани.
СРЕДСТВА
Висок износ на врзани финансии има и во категоријата на ненаплатени
побарувања. Овој извештај во ЕСМ до 31.10. 2002 година покажува износ на 208
милиони евра, или во однос со состојбата на 31.12.1998 година, презентира
драстичен пораст од 129 отсто. Во листата на должници на прво место се наоѓа
индустријата која должи 128 милиони евра, од кои половината отпаѓа на 15
фирми кои влегуваат во категоријата на директни потрошувачи. Втори на
листата се домаќинствата, чиј долг изнесува 70 милиони евра, што не се должи
само на куповната моќ на населението, туку има и друга заднина.
Врзаните финансиски средства во залихи на суровини и материјали, резервни
делови и ситен инвентар во 2002 година, во споредба со 1998 година
покажуваат драстичен пораст за 45 отсто. Високиот износ на нивото на
залихите е резултат на константниот пораст во изминатиот период со просечна
годишна стапка од над 11 отсто. Овој тренд има мошне неповолен одраз на
целокупната финансиска состојба на Електростопанство на Македонија, бидејќи
висок износ на финансиски средства се непотребно врзани во залихи на обртни
средства, што неповолно се одразува на тековната ликвидност.
ОСТАНАТО РАБОТЕЊЕ
Од извршен увоз на електрична енергија, ЕСМ должи над милион евра.
Заради непланското работење, во првите десет месеци од годинава,
констатирана е неповратна загуба од 891,6 милион киловат часови електрична
енергија од електроенергетскиот систем во земјава. Поточно, овие десет
месеци од годината хидроенергетските централи и РЕК "Осломеј" произведувале
струја само за покривање на овие загуби, но и резултатите од претходните две
години не се ништо подобри. Во 2000 година вкупните загуби на електрична
енергија биле 1.030 милијарди киловат-часови, а лани загубите изнесувале
1.070 милијарди.