ССМ најавува генерален штрајк

Ванчо Муратовски, лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија, изјави дека доколку до 15 или најдоцна до 20 декември Владата не го потпише социјалниот договор, незадоволството и револтот на масата работници ќе ескалира во масовни протести, односно генерален штрајк. И покрај подготовката на Синдикатот да отстапи од некои барања, никако нема да се прифати целосно отфрлање на бараните измени во Законот за вработување.

И во донесувањето на законски акт кој треба да ги згрижи работниците од фирмите - загубари не постојат крупни пречки за постигнување на прифатливо решение за двете страни. ММФ и Светската банка не треба да бидат сопирачка за потпишување на социјалниот договор, а и на Владата не треба да & претставува проблем згрижувањето на четири илјади вработени во фирмите - загубари.

Штрајкот на железничарите прекинат

Машиновозачите и вработените во "Влеча на возови" го прекинаа штрајкот и го нормализираа домашниот и меѓународниот сообраќај, бидејќи Владата им обезбеди пари за септемвриската плата. Штрајкувачкиот одбор на "Македонски железници" & даде рок на Владата до 20 декември да обезбеди пари за другите плати. Во спротивно се закани дека на 21 повторно ќе го активира штрајкот со целосен прекин на работата. Членовите на Независниот синдикат на сообраќајниот персонал на железничарите и Синдикатот на железничарите, кои одвоено од другите два синдикати ги блокираа патните премини во скопската населба Маџари и кај сточниот пазар во Скопје, најавија дека блокадата ќе продолжи ако не добијат гаранција дека до 30 декември ќе се исплатат октомвриската и ноемвриската плата и материјалните трошоци.

Штрајкот беше прекинат откако Владата реши да додели финансиска помош за "Македонски железници" во износ од 34 милиони денари. Таа го обврза Министерството за транспорт и врски заедно со претпријатието "Македонски железници" до крајот на годинава да предложат проект за трансформација на Претпријатието со која трајно ќе се решат проблемите.

Рударите на САСА примија по една плата

Рударите на "Саса" примија по една плата, обезбедена од парите што ги одобри Владата за време на штрајкот со глад во износ од околу еден милион евра.

Како што информира синдикалното раководство, деновиве ќе почне испораката на илјада тони олово-цинков концентрат за велешката Топилница, за што се платени 160 илјади долари.

Со овие пари веќе се набавуваат репроматеријали и од наредната недела се очекува рестартирање на производството.

По испораката на првата количина на рудниот концентрат, во согласност со договорот со Топилницата, ќе биде продадена и втората количина, за што на сметката на "Саса" треба да легнат нови 160 илјади долари.

600 нови вработувања во полицијата

Во согласност со Рамковниот договор, примени се 600 нови полицајци - приправници за кои се обезбедени и финансиски средства од Буџетот за 2002 година. Според Коневска, портпаролот на Министерството за внатрешни работи, и полицајците кои ќе се вработуваат во Штип, Кочани, Струмица, Гевгелија, Битола, Прилеп и други градови се опфатени со охридскиот Договор. На конкурсот за нови вработувања може да конкурираат и припадници на резервниот состав на полицијата, кои ги исполнуваат предвидените услови. Но, на првата средба на првиот полицаец со резервистите, било речено дека до 2010 година нема да има нови вработувања во МВР.

Исплата на резервистите до крајот на јануари

Максимален приоритет Владата дава на целосна исплата на резервистите од воено-полицискиот состав, изјави владиниот портпарол, Сашо Чолаковски. МВР требало да ги исплати заостанатите плати на резервистите до крајот на февруари идната година, но Владата заклучила да се направат напори реализацијата на оваа обврска да се исполни до крајот на јануари 2003 година. Напори ќе бидат направени и резервистите кои го изгубиле работното место да се вработат во јавните претпријатија и локалната самоуправа.

Раскинување на договорот со "Југ услуги"

Одлука на Владата е преку јавниот правобранител да поведе судска постапка за раскинување на договорот на претходната влада со претпријатието "Југ услуги" за купопродажба на мнозинскиот пакет акции во НИП "Нова Македонија". Причина за оваа одлука се неисполнетите обврски од страна на купувачот, односно конзорциумот за кој е утврдено дека е формиран по објавувањето на тендерот на кој се појавил како единствен конкурент. Паричните средства од дневниот прилив ќе се искористат како аванс на вработените. Тоа го иницира штрајкувачкиот одбор на НИП "Нова Македонија" заради крајно критичната материјална состојба на вработените.

Двајца благајници од НИП-от со службено возило беа во обиколка на деловниците за да ги приберат средствата од прометот. Тие средства линеарно ќе се поделат на штрајкувачите.

6.000 тони годишен увоз на риба

Голем потенцијал за остварување на позначајни девизни приливи постои преку извоз на рибен подмладок кој во нашиот регион се уште важи за најквалитетен и најздрав, без присуство на вирусни заболувања. Намалување на цената ќе се постигне само со изградба на репроцентри во кои подмладокот би се одгледувал. Затоа, сопствениците на рибници во земјава, преку групацијата за рибарство во Стопанската комора на Македонија ќе побараат финансиска помош од Фондот за земјоделство заради подигнување на нивото во оваа гранка. Интересот за изградба на рибници е се поголем, бидејќи производството на риби се покажа како најдоходовна гранка заради високата цена на овој вид месо. Годишните потреби на Македонија за риба изнесуваат седум до осум илјади тони, од кои 6.000 тони морска риба се обезбедуваат од увоз, а 2.000 слатководна риба се обезбедуваат од домашното производство.

Мерки за наплата од ЕСМ

Службата за информирање соопшти дека "Електростопанство на Македонија" ги задолжило сите подружници во општините да ги превземат сите мерки за наплата на неподмирените побарувања за потрошена, а ненаплатена струја. Ова се прави со цел да се надмине и онака тешката финансиска положба на ЕСМ, која ја загрозува тековната ликвидност на Претпријатието и влијае врз производствениот процес, пренесувањето и дистрибуцијата на електрична енергија до крајните потрошувачи. Мерките кои ќе бидат превземени ќе бидат во согласност со Законот за енергетика, а ќе се однесуваат и на индустриските потрошувачи - должници, и на домаќинствата кои имаат заостанати, неплатени сметки за потрошена електрична енергија.

Атак врз македонската мобилна мрежа

Фрекфенцијата на македонската мобилна мрежа е нападната од сигналите на мобилните оператори во соседните земји, иако тоа е спротивно на меѓународните договори. Ова најмногу се забележува на територијата на пограничните региони кон Грција и Албанија, а сигналот на "Монако телеком" се регистрира дури и до повисоките региони во Скопје.

Единствен начин да се заштитат корисниците од евентуалното диво приклучување на овие оператори е да ги наместат мобилните телефони на опцијата за рачно избирање на мрежата, констатира Јован Петрески, извршен директор во Мобимак.

Инаку разговорите ќе бидат наплатувани како да се водени во странство, според тарифата за роаминг.

Инвестиции во светиниколска "Мода"

Фактот дека успешната и вистинска приватизација се најважната алка во подоцнежниот успешен и спокоен живот и во развојот на секој стопански субјект, го докажува примерот на најголемото претпријатие за лесна конфекција во источниот дел на Македонија - светиниколска "Мода". Најголемиот дел од 630 вработени пред пет години доброволно ги продадоа своите акции на германската фирма "Кат" од Олденбург кај Бремен, и оттогаш редот во претпријатието е познат: газдата е тука да обезбеди работа, работниците да ја извршат работата квалитетно и навреме, а газдата да го плати трудот на работниците со вистинска цена.

Просечна нето-плата во септември - 11.536 денари

Во септември годинава просечната нето-плата која е исплатена изнесува 11.536 денари. Ова претставува номинално намалување за 1,1 отсто, а реално намалување за 1,5 отсто во однос на претходниот месец. Најголемо зголемување на просечната месечна нето-плата е остварено во производството на мебел. Номиналното зголемување на просечната месечна нето-плата во септември годинава, во однос на септември ланската година изнесува 8,7 отсто, а реално е повисока за 7,5 отсто. За септември плата не им била исплатена на 25,4 отсто од работниците во Македонија.

Регистрација на возилата - без попуст!

Укинат е попустот од 25 отсто при осигурување од автоодговорност во регистрација на моторните возила. Оваа одлука е донесена минатата недела од страна на претставниците на "Кјуби Македонија", на "Вардар" и на "Макошпед". Причини за ова се зголемените загуби од нерегистрираните возила, високите износи кои се исплатуваат како штета и високите цени за резервни делови што најчесто компаниите им го доделуваат на оштетените возачи. Ова значи дека сопствениците на возила повеќе нема да го добиваат бонусот во случај да не направиле штета во сообраќајна незгода. Одлуката не е потпишана само од "Табак осигурување".

Нерешена состојбата во битолски "Лозар"

Нелегалното раководство на битолски "Лозар" само од неплатени даноци ја оштетило државата за 146,5 милиони денари. Од тоа дел отпаѓа на неплатени ДДВ и воен данок, а дел се обврски кон фондовите. Ова е штетата која ја претрпела државата само во изминатата година, колку што оваа фирма работи преку синдикалната сметка. Проблемот е поголем со тоа што државата ги побарува неплатените даноци од "Лозар Пелистерка", односно фирмата која ја формираа новите сопственици во Битола.

Подготвила: Билјана ГИЛЕВСКА


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"