Симнато албанско знаме од автобуската во Тетово

На денот кога албанската популација го прославуваше националниот празник на албанското знаме и на независноста на Албанија, на меѓуселската автобуска станица во Тетово, на зградата на авто-транспортното претпријатие "Полет" било истакнато знаме на Република Албанија. Револтираните возачи - Македонци одбиле да превезуваат патници, а полицијата реагирала отстранувајќи го знамето на туѓа држава.

Ибраими делел помош само на Албанци

Поранешниот министер Бедредин Ибраими, непосредно пред изборите, го злоупотребил правото за доделување еднократна парична помош на социјално загрозените семејства и во неколку општини ги почестил само корисниците од албанската националност. Во скопските општини Чаир и Карпош, на пример, вонредна помош во износ од 3.000 до 20.000 денари им е доделувана само на Албанци.

Македонска воена делегација во Кабул

Македонска воена делегација предводена од бригадниот генерал, Драган Андрески од Анкара, со воен транспортер на турската Армија, замина за Кабул во посета на двајца офицери на АРМ кои се во составот на турскиот баталјон од септември годинава. Капетанот Зоран Јанев и поручникот Маријан Наков, се првите македонски војници кои учествуваат во меѓународна мировна мисија.

Кражби преку компјутери

Криминалот со помош на високата технологија се шири и во Македонија. Користејќи ги компјутерите, електрониката и мобилните телефони и кај нас повеќе граѓани, вешто неовластено влегуваат во компјутерскиот систем, крадат пари, стока, државни, индустриски, економски и друг вид тајни, крадат и време, со што на државата & нанесуваат големи штети.

Положани ќе ги средува учебниците

Министерот за образование и наука, Азис Положани, најавува дека хаосот со учебниците за основно и за средно образование е голем проблем за кој постојат загрижувачки моменти, но е нешто со кое би требало да се постапи сериозно и да се најде решение. Издавачите му порачуваат на министерот да донесе правно-издржана процедура при изборот на учебник, како и правилна и стручна верификација на ракописите со цел да се промовира квалитетот во конкуренцијата.

Нов опозиционен партиски блок?

Социјалистичката партија, Демократскиот сојуз и Демократската алтернатива планираат да се спојат во една партија или да направат класичен опозициски блок. Разговорите се во тек, а причината за ваквото коалицирање се должи на непроменетата ситуација во земјата. Оваа партија би требало да биде со лева политичка опција, а во неа се поканети сите партии кои ја поддржуваат нејзината платформа. Горенаведените партии информираат дека се уште се преговара околу формирањето на новиот партиски блок.

НАТО не плати отштета за грешката

НАТО-вците кои неодамна на "каубојски начин" го попречија снимањето на филмот "Како убив светец" во близина на Кванташкиот пазар во Скопје, се уште немаат платено никаква отштета за изгубениот ден на филмската екипа.

По скандалот тие ни ветија комплетна поддршка во снимањето на филмот, но не го исполнија тоа. Изгубивме еден ден од снимањето и за тоа се уште не добивме отштета. Се надеваме дека ќе најдат начин да ја коригираат грешката, изјави Лабина Митевска, продуцент на филмот.

Затруени деца во Куманово

Од саботата до вторникот околу педесет ученици од Основното училиште "Бајрам Шабани" во Куманово биле затруени со храна од сендвичарницата "Квалитет" на улицата "Карл Маркс" во близина на училиштето.

По прегледот и лекарската интервенција, децата се пуштени на домашна нега, а локалната полиција поднела кривична пријава против сопственикот на сендвичарницата кој е обвинет за производство и пуштање во промет лоши прехранбени производи. Лабораториските наоди од мострите земени од учениците и сендвичите ќе се утврди за каков вид бактерија станува збор.

Долгот на МИА

Македонската информативна агенција должи 128.000 евра по различни основи и тоа: четири милиони на разни снабдувачи, еден милион денари изнесуваат неплатените обврски за кредит од "Комерцијална банка", 400.000 денари на хонорарци како домашни така и странски. Во износот влегува и девизниот долг над 9.000 евра, од кој долгот кон германската агенција ДПА изнесува над 7.000 евра, а кон агенцијата Танјуг 2.000 евра. Моменталното конто на МИА изнесува 800.000 денари, каде на денарската сметка има 100.000 денари, а девизната сметка е доведена до нула.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"