Грчки "јазичен геноцид" врз Македонците

Според Европското биро за поретко употребувани јазици (ЕБЛУЛ) во Грција се спроведува "јазичен геноцид" врз Македонците и не се спроведува Европската конвенција за регионални и малцински јазици. Претседателот на (ЕБЛУЛ), Бојан Брезигар, истакнува дека е дојдено времето Грција да почне да ја растура "националната фабрика" и предлага да го стори тоа со потпишување на Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Грчки филтер за нашите музичари

На македонскиот фолклорен инструменталист Стевче Стојковски грчката погранична полиција не му дозволи влез во Грција, иако тој поседува валидна виза. Без никаково образложение полицијата му ја пречкртала визата и му го фрлила пасошот. Притоа тој бил вербално малтретиран и омаловажуван како Македонец.

Причината за посета на Стевче Стојковски во Грција бил Фолклорниот фестивал на балкански музичари што се одржува во Комотини.

Нова амбасадорска листа

По се изгледа, голем дел од амбасадорскиот табор на Македонија ќе треба да се врати со цел да се направат вообичаените замени. Новите предлози се дека Благој Ханџиски е "таксан" за Амбасадата во Атина, а Ѓорѓи Спасов за Лондон. Виктор Димовски останува во игра за едно од амбасадорските места во Тирана или Белград. Поради непродуктивност и неправилности во работењето се најавуваат враќања на Димитар Димитров од Москва, неговиот син Александар Димитров од Вашингтон, Ѓорѓи Ефремов од Кина, Филип Петровски од Њујорк како и Владо Блажевски од Киев. Имињата на идните македонски амбасадори треба да се знаат до крајот на годинава.

Конференција на балкански градови

Градоначалникот Ристо Пенов во Софија учествуваше на третата Интернационална конференција на поголемите балкански градови.

Финансиската децентрализација и заедничките економски проекти се главните теми за кои на дводневната средба разговараа градоначалниците на балканските градови. Цел на конференцијата е да се продлабочи соработката меѓу градовите во регионот.

Косовско-македонски банди во Тетовско

Во селата меѓу Тетово и Гостивар веќе подолг период "царуваат" повеќе криминални групи кои се составени од албански терористи од Македонија и од Косово. Овие терористички групи киднапираат лица за кои подоцна бараат откуп, а му се заканувале и на Али Ахмети поради тоа што го прифатил и го спроведува Рамковниот договор.

На ваквите криминални групи во прилог им оди дивиот премин на северната граница на потегот од селото Вејце до Горно Љубине на Косово каде секојдневно се шверцува стока и оружје.

Нов претседател на Македонците од Албанија

Васил Стерио е избран за нов претседател на Студентското друштво на Македонците од Република Албанија. Оваа одлука е донесена на годишното Собрание одржано во Скопје.

"Спас за Дојранското Езеро" - илузија

Иако беше помпезно најавуван крајот на реализацијата на Проектот "Спас на Дојранското езеро", сепак во ова Езеро не се влева ни капка од системот Ѓавато. Причина за тоа се импровизациите кои всушност го поскапеле Проектот. При тоа се потрошени околу милијарда денари, направени се долгови од околу 200 милиони денари и затекнати 56 вработувања со договор на дело.

Поврзување на балканските земји за влез во ЕУ

Балканскиот политички клуб кој неодамна заседавал во Атина, ја објавил Декларација во која бара Европската унија на самитот во Копенхаген на 12 декември да го утврди датумот за почеток на преговорите за прием на Турција и конкретни датуми за прием на Бугарија и Романија, претходно предвиден за 2007 година. Клубот во Декларацијата & се обраќа на Грција која од први јануари почнува со полугодишни претседавање со Унијата и на Италија која ќе претседава со ЕУ во втората половина на 2003 година.

Лажни евра во Грција

Според атинскиот весник "Катимерини", Грција е преплавена од фалсификувани евра и оваа појава има тренд да добие размери на организиран криминал. На пазарот се пуштени и лажни банкноти во вредност од 50 евра, као и од пет, 20 и 100 евра.

Грција ја потресе земјотрес

Земјотрес со интензитет од 5,8 Рихтерови степени го погоди регионот меѓу грчките острови Закинтос и Клини во Јонското Море. Атинската сеизмолошка опсерваторија соопштила дека очекува појава на вторични земјотреси со максимален интензитет од 4 до 5 степени според Рихтерова скала.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"