МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Госпоѓа Нада Ангеловска, водител на македонско радио во Австралија

ГЛАСОТ НА МАКЕДОНИЈА И ПРЕКУ "ГОЛЕМАТА БАРА"

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Покрај четирите македонски радија кои функционираат во Мелбурн, надвор од овој град во етерот се слушаат уште неколку радија од кои се слуша македонскиот глас.
  • Без разлика дали Македонците потекнуваат од егејскиот дел, или пак од пиринскиот или вардарскиот, таму се сите заедно, се дружат организирајќи вечеринки, собири по црквите и во македонските ресторани.

Госпоѓа Нада Ангеловска работи во едно од повеќето македонски радија, "Глас на Македонија" во Мелбурн, Австралија. Нејзиниот глас во етерот се слуша секоја среда кога ги пренесува најновите вести од нејзината родна земја.

Госпоѓа Ангеловска уште во далечната 1980 година (веќе 22 години) со своето семејство заминала во Австралија, но сепак носталгијата за Македонија се уште ја чувствува, а неа ја "лечи" со се почести посети на земјата од каде потекнува. Детството го поминала во Скопје, меѓутоа не се плаши ниту пак се срами да каже дека потекнува од Пиринска Македонија. Покрај водителството, таа се занимава и со нејзината "прва љубов" - пеењето. Потврда за тоа дека знае убаво да пее се нејзините најнови CD и касета насловени како "Скопје ми е во срцето".

Покрај спомнатото радио "Глас на Македонија", во Мелбурн функционираат уште неколку македонски радија, "Plenti vali"- во кое водители се Мара и Јанко Калинчареви и Боб Велински кои работат доброволно за Македонската заедница, "SBS" - Виолета и Маргарита и "ZZZ" (Три пати зет) чиј водител е Ицо Најдовски.

ПРОГРАМА

"Глас на Македонија" работи долго време, нон-стоп 24 часа на чија програма се македонската музика и вести на македонски јазик.

Емитуваме вести во одредени термини како и директни вести од "Дојче веле" од Германија, црпиме вести и од Интернет, а постојат и неколку македонски весници кои се печатат во Австралија, "Tuday- Денес", "Macedonian", каде може да се прочитаат многу информации за случувањата во Македонија, вели госпоѓа Ангеловска. Негов основач беше Пита Милан, но тој почина, така што работата на радиото ја презема Ѓорѓи Темов. Сега радиото опстојува благодарение на спонзорите и рекламите. Мојата работа е да ги прочитам вестите од македонските весници, по што следи и пуштање на македонска народна музика. Секој нов албум кој е издаден во Македонија, во Австралија го добиваме така што располагаме со голем број на CD-а, плочи и касети од македонски пејачи. Во Мелбурн има и неколку продавници во кои се продаваат новите музички изданија така што не ни е тешко да дојдеме до кое било ново CD, касета итн. Забележавме дека сега во Македонија многу се актуелни и забавните мелодии така што настојуваме и нив да ги емитуваме.

"Глас на Македонија", а особено радиото "Plenti vali" има директен контакт со новинарот Љубомир Бошковски од Македонската телевизија којшто секоја сабота ги чита најновите вести. Македонските радија во Австралија секогаш се отворени и за контакт со слушателите на кои им е овозможено слободно да се јавуваат во радијата и да искажат свое мислење, сугестија или критика за одредена работа.

Секако на располагање сме им и доколку сакаат да честитаат или да поздрават некого со песна, можат директно да се вклучат и да посакаат одредена музичка желба, додава госпоѓа Ангеловска. Најпопуларен, односно најбарани песни се од Наум Петрески, но секако и другите пејачи како што се Благица Павловска, Петар Нечески, Виданка Георгиева, покојните Петранка Костадинова и Васка Илиева...

ПРАВА

Кога заминав со моето семејство во Австралија беше многу полесно да се снајдеме отколку сега, вели госпоѓа Ангеловска. Навистина има многу млади кои сакаат да живеат во Австралија поради познатите состојби во Македонија, меѓутоа сега е многу потешко, бидејќи треба да постои некој кој ќе гарантира за нив. Тогаш ние бевме на товар на државата и ја искористивме шансата, но тие привилегии што ние ги уживавме сега ги нема. Битен фактор за овој проблем е како прво што немаме македонска амбасада во Австралија, иако се говори дека во Канбера наскоро ќе биде отворена, но кога ќе биде и дали ќе се реализира не се знае. За тоа колку Македонци сега живеат во Австралија не би можела да го кажам точниот број, но би требало да сме околу триста илјади. Од страна на државата, односно од Австралија, слободно можам да кажам дека сме добро прифатени, не не делат од нивниот народ, сите нивни права ги користиме, нашите деца може да ги запишеме на кој било факултет или колеџ. Иако има мала криза кога станува збор за наоѓање на работа, сепак многу е подобро отколку во Македонија од таа гледна точка.

Без разлика дали Македонците потекнуваат од егејскиот дел, или пак од пиринскиот или вардарскиот, не е битно, таму се сите заедно, се дружат организирајќи вечеринки, собир по црквите и во македонските ресторани. Во саботите се одржуваат и часови по македонски јазик за децата да не го заборават јазикот од земјата од каде потекнуваат.

Иако повеќето деца Македончиња се родени во Австралија, сепак тие сакаат да го учат македонскиот јазик и да знаат нешто повеќе за Македонија. Од државата не постојат пречки за одржување на тие часови, потенцира госпоѓа Ангеловска. Интересот на децата за Македонија зависи многу од родителите колку тие им говорат за неа и за нивното потекло. Има деца кои не знаат каде е Македонија затоа што родителите настојуваат што повеќе да го научат англискиот јазик што е голема грешка. Англискиот јазик во Австралија е официјален, така што со самото тоа што одат на училиште тие веќе го знаат. Сметам дека дома треба да им се зборува на македонски јазик.

Со помош на народот изградени се и неколку македонски цркви "Света Петка", "Свети Ѓорѓија", црквата што изгоре, но која сега пак е поправена и е оформена како што треба.

Во Австралија има и културно-уметнички друштва кои го негуваат македонскиот фолклор, особено да ја спомнам Десанка која долги години играше во "Танец", таму се пензионираше, а сега на помладите Македончиња им го пренесува нејзиното искуство со македонските ора и песни. Тука функционираат и КУД "Никола Карев", "Гоце Делчев" итн. Сите тие поседуваат носии карактеристични за секое оро. Во Мелбурн постои и женска секција која се дружи секој понеделник, излегуваме на прошетки надвор од Мелбурн.

Госпоѓа Ангеловска го истакна и општото мислење на Македонците за политичката состојба во Македонија. Тие се многу огорчени кога слушаат непријатни работи за земјата во која се родени и не им е сеедно за се што се случува во Македонија.

Сите не погодува актуелната состојба во Македонија, особено војната кога загинаа толку многу луѓе, вели госпоѓа Ангеловска. И кај нас се одржаа хуманитарни концерти со цел за помош на ранетите и членовите на семејствата на загинатите македонски бранители, а дали се дадоа во вистински раце не можам да кажам. Меѓутоа, само едно знам дека македонската организацијата "Надеж" под раководство на Виолета Јовановска и Маријана, позната пејачка и во Македонија (сестрата на Росана) исто така собираа парична помош за која можам со сигурност да тврдам дека е дадена токму на тие за кои беше наменета. Луѓето се одзваа на апелот за помош, секој даде колку што можеше и сето тоа е заведено и документирано.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"