КУЛТУРА

Најновата книга "Кој ја фалсификува историјата?"од македонскиот историчар од Бугарија, Ѓорѓе Радуле, излезе и на македонски јазик

ОДГОВОР УПАТЕН КОН МАКЕДОНОМРЗЕЦОТ ДИМИТРОВ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Професорот Ѓорѓе Радуле во неговата книга аргументирано ги побива големобугарските ставови на Димитров при што нуди малку познати податоци за бројните фалсификати на бугарската историографија како во однос на македонската, така и во однос на самата бугарска историја.

Неодамна во издание на Центарот за културна иницијатива од Штип од печат излезе најновата книга од познатиот македонски историчар од Бугарија Ѓорѓе Радуле под наслов "Кој ја фалсификува историјата?".

Книгата во оригинал е објавена на бугарски, а нејзиниот превод на македонски го направи Александар Донски. Рецензент на книгата е академик Блаже Ристовски.

ДЕСЕТТЕ ЛАГИ

Книгата "Кој ја фалсификува историјата?" претставува одговор на антимакедонската книга објавена неодамна во Бугарија од страна на бугарскиот шовинист и македономрзец Божидар Димитров, насловена како "Дессете л'жи на македонизма". Во предговорот на книгата "Кој ја фалсификува историјата?" академик Блаже Ристовски (кој е автор на предговорот) го потенцира и следново: "Покрај Предговорот и Послесловот, авторот Димитров хронолошки ги наредил 'десетте лаги на македонизмот'"; 1. Современа Македонија и македонскиот народ - наследници на античка Македонија и античките Македонци; 2. "Чистите македонски Словени" и "Бугарите - Татари"; 3. Светите браќа Кирил и Методија, Свети Климент, Свети Наум, Свети Горазд, Свети Сава, Свети Ангелариј - "македонски просветители" и "автори на македонската азбука"; 4. "Македонскиот" цар Самуил и неговата "македонска држава"; 5. "Охридска архиепископија (1019 - 1767) - македонска црква"; 6. За "македонските преродбеници" и за "Бугарската егзархија" - што го завладеела "македонскиот" народ; 7. ВМРО-организација на "Македонци" за ослободување на "македонскиот народ"; 8. "Крсте Мисирков - Македонец No1 за 20 век"; 9. Херојска борба на македонскиот народ против "бугарските" окупатори; 10. За радоста на Македонците од повторното нивно вклучување во Југославија во 1944 година и 250.000-те "Македонци" во Бугарија.

Понатаму во предговорот на книгата на Радуле наведено е дека на страниците на софискиот весник "Труд" текстот на популарниот автор "врие од материјални неточности и фактографски и етички некоректности".

ПРОТИВУДАР

Токму затоа професорот на софискиот Универзитет, Ѓорѓе Радуле, како човек од пиринскиот дел на Македонија, почувствувал долг не кон Димитров, туку повеќе кон читателите Македонци и Бугари како одговор за горливите прашања што веќе цел век го вознемируваат Балканот. Тој аргументирано ги побива големобугарските ставови на Димитров при што нуди малку познати податоци за бројните фалсификати на бугарската историграфија како во однос на македонската, така и во однос на самата бугарска историја.

И покрај самофалбите на бројни бугарски историчари за "храброста и смелите подвизи на Бугарите низ историјата", Радуле (иако чесно признава дека такви подвизи имало) потсетува за низа аргументи кои сведочат дека Бугарите долго време не знаеле што се по националност, а нивни видни познати револуционери ни оддалеку не биле такви какви што денес ги претставува бугарската историографија. Наведен е податокот дека Бугарите долго време среде Софија се поклонувале на гробот на еден српски крал без да знаат дека тој крал своевремено војувал против Бугарите. Наведени се и други вакви бројни аргументи во полза на разобличување на фалсификуваната и фабрикуваната бугарска историографија кои ќе претставуваат силно оружје на секој Македонец во борбата против оваа пропаганда.

За првпат во јавноста на едно место се наведени податоци и за вооружениот и политички отпор на Македонците против бугарскиот режим од времето на Тодор Живков - податоци кои досега беа табу-тема во бугарската (па и во македонската) историографија.

Книгата има 100 страници, А5 формат и истата може да се набави на телефон (032) 393 - 175 или на е-маил: adonski@mt.net.mk, како и во Редакцијата на "Македонско сонце". Цената на еден примерок изнесува двесте денари, а цената во странство изнесува осум евра. Во цената е вклучена и поштарината.

 


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"