Долгогодишен труд на господинот Петко Домазетовски ПОЕТСКА РИЗНИЦА Пишува: Милева ЛАЗОВА
В о издание на Друштвото за наука, култура и уметност "Браќа Миладиновци" од Струга излезе од печат книгата "Македонска народна поетска ризница - народни песни на исламизираните Македонци од југозападниот дел на Македонија (Струга, Дебар, Гостивар, Кичево)". Песните ги собрал и приредил Петко Домазетовски.Книгата е долгогодишен труд на господинот Петко Домазетовски од областа на фолклористиката, иако има и други ракописи со поинаков карактер. Книгата се темели на теренски записи во средините на исламизираните Македонци од југозападниот дел на Македонија. Тоа е всушност прва и единствена збирка со поезија од ваков вид кај нас, а што е најважно книгата ја содржи целокупната научна литература. Оттука може да се забележи дека некои песни изламизираните Македонци ги прифатиле од православните, а тоа не е ништо чудно. Идејата за публикување на овој труд е зачната уште во шеесеттите години, односно во времето кога господинот Домазетовски станал надворешен соработник на Институтот за фолклор "Марко Цепенков" од Скопје. Во тоа време д-р Блаже Ристовски бил директор на таа Институција кога ангажирал голем број просветни работници од Македонија, меѓу кои бил и господинот Домазетовски. Тие започнале со собирачка дејност во областа на фолклорот, но вниманието на господинот Домазетовски го привлекло сверата на фолклорот кај исламизираните Македонци. Од сите тие собрани умотворби од народниот гениј, мојот интерес најмногу го привлекоа духовните рожби на исламизираните Македонци кои, за разлика од другите, имаа свои специфични карактеристики, вели во својата книга господинот Петко Домазетовски. Токму тоа и беше повод да му посветам поголемо внимание на народното творештво на исламизираните Македонци, па одлучив и самиот да тргнам во потрага по нивното фолклорно богатство, проширувајќи го интересот и на другите населби од Струшка Општина со исламизирано население за да преминам потоа и на Дебарското, и на Гостиварското и на Кичевското подрачје. При тоа беа користени и разновидни средби и контакти со соговорниците од овие краишта, а со тоа доаѓав до убедување дека кај ислимизираните Македонци постои обемно, уште несобрано и непроучено народно богатство. Обелоденувањето на оваа книга со бисери од народната поезија на ислимизираните Македонци во голема мера е условено и од голем број на анкетирани чии кажувања господинот Домазетовски ги има забележано и на магнетофонска лента. Песните кои се наоѓаат во книгата на господинот Домазетовски претставуваат само избор од поголем број песни кои тој ги има, но и тие во иднина ќе бидат објавени. "Слики од Егеј" од авторот Јане М. Бандевски ЗА КОПНЕЖОТ ПО ЕГЕЈ И СТРАДАЊАТА Н еодамна во издание на Здружението на децата - бегалци од Егејскиот дел на Македонија излезе од печат збирката "Слики од Егеј" од авторот Јане М. Бандевски. Рецензенти на книгата беа м-р Љерка Тот-Наумова и новинарот Мишо Китановски кои мошне темелно и реално говореа за делото на авторот Бандевски. Тој својата збирка ја започнува со зборовите:"Патот ми беше трнлив, но, желбата да се види Егеј преголема; Затоа појдов и пред никој и никаде не потклекнав на колена...". Потоа следуваат педесетина песни од кои се чувствуваат страдањата и се чита судбината, не само на авторот, туку и на сите деца-бегалци, не само од егејскиот, туку и од пиринскиот и вардарскиот дел на Македонија. |
|