| |
ФОРУМ
МАКЕДОНСКИТЕ ДИНОСАУРУСИ
Даниел Мелвил
- Впрочем, случајот со декларацијата на господинот Тупурковски не е
случаен. Во дијаспората се забележуваат некои случаи на државни
претставници од Македонија кои изгледа познавањето на историјата го добиле
на лотарија или пак ударнички се фатиле како слепи за стапот за
антимакедонските тези од соседните традиционални пропаганди и наместо да
си ја вршат работата, чија основна компонента е одбраната на животните
македонски интереси, се уште веруваат во асимилаторските историски
невистини, меѓу кои и онаа за античките балкански корени на денешниот
македонски етнос.
К ога во неделникот на споменатата
страница неколку Македонци во странство ја прочитаа реакцијата од господинот
Александар Донски, последица на антимакедонската декларација на господинот
Васил Тупурковски, лицата им се замислија. Малку им се разведрија кога
истиот еминентен историчар и истражувач (А. Донски) бегло зборуваше за
евентуалното хипотетичко преселување на античките македонски предци на
островот Тајван, каде зад себе во Македонија оставиле празен свет,
ненаселена територија во Европа. Нема што да се додаде на аргументите од
господинот Александар Донски, кој секако е еден од најверодостојните автори
на темата за којашто станува збор. Целта не е со неколку реченици да
соопштиме за дијаспорската реакција на групата Македонки и Македонци кои
заедно ја читаа споменатата страница (36) од неделникот. Замислата на
господинот Тупурковски беше очигледна. Да се дискредитира и последното парче
македонска гордост.
Следното писмо, "Случајот Тупурковски" од господинот Јован Ристов,
создаде ризик некој од присутните да падне во несвест, или уште полошо,
неконтролирано да се смее. Сигурно е дека ако постоеше Нобелова награда за
хумор и сатира, сите едногласно ќе го предложеа авторот на писмото (господинот
Јован Ристов) кај кого неспорно се согледуваат некои елементи од
специфичниот македонски хумор кој веројатно ќе го насмееше и Бранислав Нушиќ,
чиј хумор содржи некои македонски акценти (можеби заради тоа што татко му
Нуше потекнувал од Солун). Докажано е дека смеењето е добро за здравјето,
особено во денешната светска масмедиумска и друга сивотија, затоа многу
благодариме на господинот Јован Ристов за неговото писмо и сметаме дека е
пожелно да се внесе повеќе хумор и сатира (да не речеме сатара) во
неделникот.
Сепак, има и една мала забелешка во врска со тоа писмо: онаму каде што
неговиот автор зборува за исчезнатите американски бизони чиј последен
Мохиканец би бил господинот Васил Тупурковски, би можело да се биде посмел
во таа смисла и да се зборува на пример за диносаурусите, за мамутите, за
мастодонтите, за птеродактилите и за други "ајвани" исчезнати пред милион
години во изминатите геолошки периоди. Впрочем, случајот со декларацијата на
господинот Тупурковски не е случаен. Во дијаспората се забележуваат некои
случаи на државни претставници од Македонија кои изгледа познавањето на
историјата го добиле на лотарија или пак ударнички се фатиле како слепи за
стапот за антимакедонските тези од соседните традиционални пропаганди и
наместо да си ја вршат работата, чија основна компонента е одбраната на
животните македонски интереси, се уште веруваат во асимилаторските историски
невистини, меѓу кои и онаа за античките балкански корени на денешниот
македонски етнос. Не е исклучено еднаш некоја метла да ги смете од нивните
функционерски фотелји.
|