Уште една неправда за Македонците!

(Отворено писмо до Никола Поповски, претседател на Собранието на Република Македонија)

Господине Поповски,

Пред да го направите чинот кој "може да биде болен за македонскиот граѓанин" како што самите изјавивте, односно пред да го изберете амнестираниот терорист - убиец и ОНА-нистот Хисни Шаќири за потпретседател на Собранието на Република Македонија, предлагам да побарате од сите пратеници во Парламентот лекарско уверение со кое ќе се потврдува нивната психофизичка конституција и нивната деловна способност.

Драги народен пратенику Поповски!

Вие го добивте мандатот од граѓаните на Македонија да се однесувате одговорно и пресметливо, а чекорите што ги направивте со верификација на мандатите и чекорот што сметате да го направите, говорат дека ние - вашите избирачи - не сме убедени во тој факт и тоа барем од најмалку две причини.

Прва, до Собранието на Република Македонија како највискок законодавно-правен дом на нашата држава верификувавте мандат на пратеник кој има потврда од највисоки лекарски институции дека е психички болен и врз основа на таквите аргументи именуваниот пратеник и лидер на инстант политичка партија остварил право на инвалидска пензија, која и сега ја користи.

Второ, кандидатот за потпреседател на Собранието на Република Македонија Хисни Шаќири од пратеничките клупи замина во терористичко-качачки банди каде командуваше со професионални злосторници и убијци кои ги убиваат припадниците на АРМ, МВР и недолжни граѓани од сите националности кои живеат во Македонија, а со ваша согласност се врати во Парламентот.

За такво нешто, простете господине Поповски, вие го немате мандатот на најголемиот број граѓани на Република Македонија кои гласаа за платформата на Коалицијата "За Македонија заедно". Тоа лично ви го соопштувам, бидејќи самиот гласав за демократски промени во мојата држава и влијаев голем број од моите пријатели да гласаат за истата. Уверението на Хисни Шаќири ќе му биде нужно за да докаже дека е психофизички здрав, бидејќи од неговото однесување тоа не може да се заклучи. Или, поедноставно речено, да е пресметлив и одговорен не би се дрзнал на таков чекор кој веќе го направил.

Така е, господине Поповски, во сите нормални и демократски држави во светот. За поинакви чекори нема да ви бидат доволни аргументи што сметате да ни ги понудите, дека зад сето тоа стои "меѓународната заедница". Меѓународната заедница треба да ни помогне да станеме цивилизирана членка на обединета Европа, а не бастион на најцрните криминални и териристички институции кои им се закануваат на сите граѓани од Република Македонија и светот пошироко.

Уште еднаш господине Поповски јас ви го одземам мојот даден глас за она што вие и сите што ќе гласаат за амнестираниот терорист Хисни Шаќири ќе им го сторите на македонските граѓани, но и на сите симпатизери на Коалицијата "За Македонија заедно".

(Доставено до: Академијата на науките и уметностите на Македонија; Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" - Скопје, Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола; Институт за национална историја; Институт за македонски јазик; Државен архив на Република Македонија; Народна и универзитетска библиотека; Уставен суд на Македонија; Врховен суд на Македонија; Синодот на Македонската православна црква; Централен одбор на СДСМ; Либерално-демократска партија на Македонија; Демократска партија на Србите; Демократска партија на Власите; Демократска партија на Бошњаците од Македонија; Обединета партија на Ромите (ОПЕ); Сојузот на синдикатите на Македонија; Амбасадите на САД, Франција, Германија и дипломатските претставништва на ЕУ и ОБСЕ; Сите електронски и печатени медиуми во Макдонија и дописништвата на странските агенции).

Проф. Иван П. Бабановски


Македонскиот јазик во Солун

(Отворено писмо до Македонската радиотелевизија)

Ние Македонците кои живееме во Солун и околината, а ја гледаме и слушаме Македонската радио и телевизија, сакаме да ви кажеме дека како повеќе одминуваат годините, се помал е интересот за гледање и слушање на МРТВ, а со заминувањето на постарата генерација македонскиот јазик за нас станува се понеразбирлив. Ние од помладата генерација немаме можност да го изучуваме литературниот јазик, а и многудецениското некомуницирање на својот мајчин јазик го направи своето, да не можеме да се разбираме помеѓу себе.

Ние Македонците од Солун и околината го молиме директорот на МРТВ ако може почесто да се емитуваат емисии (или посебни вести) во кои ќе биде застапен јазикот на кој зборуваа нашите татковци и мајки, оти ние го познаваме стариот јазик (дијалектниот) на кој дома се зборува, а со тоа можеби ќе научиме и нешто од литературниот јазик. Едни од најразбирливите серии ни се македонските приказни, а порано и "Бушава азбука", додека вестите и другите емисии кои се емитуваат на литературниот јазик, половината ги разбираме, а половината не. Сакаме да ви кажеме дека во овој крај има Македонци кои сега добро зборуваат грчки, а се помалку Македонски.

Многу поздрав и се надеваме дека позитивно ќе одговорите на нашите молби.

Јанка Хортач


Родителите на загинатите бранители - социјални случаи!?

Трагедија до трагедија, болка над болка, понижување до понижување - тоа е судбината на родителите на загинатите херои од шиптарскиот тероризам. Мајка сум и знам што значи да го загубиш најмилото. Но, по се изгледа сите мајки тоа не го сфаќаат. Повремено (на задушници) одам на гробовите што се во Бутел и ги посетувам нашите бранители за да им запалам по една свеќа и да ја споделам болката со нивните мајки, но немоќна сум да им помогнам. По неколку разговори со овие кутри мајки, верувајте се разболев од сето тоа што го слушнав. Па, се прашувам самата, а исто така ја прашувам и јавноста: Дали во оваа наша напатена Македонија има некој свесен министер, правник, обичен службеник, свештеник, владика и друг кој може да ја разбере болката на овие мајки? Досега се виде дека таква личност немаше.

Господа правници од министерствата, со кое право ги понижувате овие довека изгорени души велејќи им дека не се семејство со нивните синови? Со кое право застанавте само во одбрана на сопругите на загинатите? Дали господа правници вие имате ваши деца? Дали ќе се однесувате така ако некој ви ги убие на ваков начин како што беа убиени овие наши херои? Дали знаете дека со вашиот однос им ги растурате фамилиите на овие ни криви ни должни семејства? Со кое право господа хуманите донации од нашите иселеници од странство (јас имам осум семејства кои давале средства за овие кутри мајки) им ги давате само на сопругите? По кој закон господа правници делевте донации и дали постои закон за хуманоста? Дали господа знаете дека многу наши иселеници се огорчени и ве проколнуваат за оваа ваша нечовечка и нехумана постапка? Сите тие собираа средства да им помогнат на овие мајки за сите трошоци што следуваат. Сега многу од нив кои разбраа дека биле измамени како од вас, така и до други, ве проколнуваат. Многу од нив знаат и за постапките на некои од сопругите на загинатите кои не им ни ги посетуваат вечните живеалишта на нивните сопрузи, а се расфрлуваат со парите земени од нивната младешка крв, купувајќи луксузни коли, гардероба, шетање по кафеаните на музика и ред други работи. Знаат и за тоа дека некои од нив засноваа и нови семејства не чекајќи, според нашата христијанска вера, да поминат барем три години.

Господа од сега, екс-власта донела одлука да им додели станови и да им даде по 50.000 евра само на сопругите. Господа од екс-власта, дали знаете дека во тие загинати имаше и женети без деца? Зошто не помисливте дека со ова им се нанесува уште поголема болка на нивните родители? Чии деца ќе трчаат во тие станови (децата од нивниот нов брак)? Ова ви го укажувам, зашто во непосредна близина до мене живее една сопруга на загинат херој, која се однесува како што ви опишав погоре. Каде се тука родителите, повторно понижени.

По се сторено досега од ваша страна излегува дека оштетени се само сопругите на загинатите. НЕ, господа! Најоштетени се родителите на кои синот нема никогаш да им се врати, ниту пак можат да најдат замена за него. Сопругите скоро сите се млади и тоа е факт дека ќе си најдат други сопрузи како тие неколку што веќе најдоа.

Што ќе беше ако донациите ги делевте по пола, становите им ги дадевте по пола, па потоа тие ќе си се спогодеа. А вие им ги растуривте семејствата, ги учевте сопругите да ги напуштаат за да им давате се ним.

Би го запрашала г.г. Стефан, и некогашниот секретар Коста, на кое место во православната литература пишува да ги учат сопругите на загинатите да бегаат од нивниот свекор и свекрва, да прават нови здруженија за да ги соберат само тие сите донации од земјава и од странство? Господа, тоа е ѓаволска работа, не свештеничка, а најмалку христијанска. По сето ова произлегува дека во Македонската црква работата ја водат ѓаволи, а не свештеници.

Не чудете се господа од екс-власта, зошто изгубивте на избрите. Сето ова го правеа вашите министри. Изгубивте затоа што ја направивте војната, изгубивте од вашите преголеми апетити, изгубивте од вашите непоправливи гафови, изгубивте од вашата себичност, изгубивте зашто не гледавте народот како собира од тоа што вие ќе го фрлевте во контејнерите, а вие градевте замоци, купувавте цели згради, цели претпријатија, златни сандали, шапки и безброј драгоцености, а дојдовте на власт со доносени капутчиња, а можеби и без гаќи. Господа, сето ова вам ви стои на душа и кога тогаш ќе ви врати Господ за се.

На крај, на сегашнава Влада & препорачувам да контактира со родителите на загинатите. На загинатите да им се направи еден убав споменик во паркот "Жена борец" и да не се дозволува злоупотреба на средствата што ќе бидат за таа намена. На Народниот правобранител му препорачувам да побара овластување од родителите и да испита колку средства доаѓаат, дали сите се доделени на семејствата или завршиле во нечии џебови.

Лидија Еленина, Бутел 1, Скопје


Селанската буна во Македонија како воен конфликт

Во 2001 година селаните од косовизираните северозападни делови на Македонија собрани во паравоена организација ОНА кренаа буна. И порано на македонските простори имало буни - во бугарско, турско, српско кога тогашните војски при интервенциите оставале само пепел од селата, а бунтовниците се одметнувале по планините. Во 2001-та бунтовниците си останаа по домовите оти против себе ја имаа македонската војска (АРМ), а не бугарската или турската, или пак да речеме српската.

АРМ е формирана при осамостојувањето на државата, а нејзиното огнено крштевање се случи кога од другата страна на нишанот гледаше милитантни селани, а не професионални војници на некоја армија. Тие, милитантните селани, со заземањето на 150 села, со уништувањето на културните артефакти на "славомакедонците" и прогонот на 20.000 Македонци од своите домови, & одржаа лекција од воените вештини на македонската војска и воедно & го нанесоа првиот пораз во најновата самостојна историја. Во 2001-та, АРМ не успеа да ги дочува уставното уредување и територијалниот интегритет на државата!

Ако од 97-та година како помош на американската Влада (од неколку милиони долари) се ангажирани пензионираните генерали на професионалната организација МПРИ да поработат "малку" со АРМ, во воениот конфликт се очекуваше топ-форма на македонската Армија. Меѓутоа, на теренот тоа не беше така. Топ-формата била за паради и маневри! Од неувежбаноста и хетерогеноста на ОНА (бидејќи во своите редови покрај милитантните селани имаше и платеници, доброволци, борци на Косовскиот заштитен корпус и инструктори на МПРИ) произлегуваше слаба почетна форма. Тоа се потврди. Препадот на "друмските разбојници" во селото Танушевци (одземени камери од екипата на ТВ А1) и поединечните убиства на униформирани лица, се несериозен предизвик за која било регуларна армија, а сериозен проблем и тоа со месеци само за македонската. Селската буна не беше загушена на својот почеток кога беше најпогодно, кога ја немаше масовноста. Дури не беше препознаена како буна, туку се зборуваше за групи терористи, криминални банди итн.

Во понатамошниот тек на воениот конфликт ќе излезе на виделина дека АРМ и покрај тоа што ги имаше сите можни оружја, не знаеше да ја искористи супериорноста во оружјето, а пак ОНА успешно умееше да ја компензира инфериорноста во оружјето. На ТВ-снимките се вртеа две карактеристични слики: едната - дрвените пушки со изгравиран кундак, на пример "Командант Соколи" и другата - хелихоптерите на АРМ како летаат над "албанските" села .

Стратегијата на АРМ беше јасно видлива и препознатлива: да се дејствува од дистанца. Ја избегнуваше "блиската "средба со ОНА. Како да немаше срце да војува за одбрана и ослободување на татковината. Немаше директни битки. Или пак ќе започнеше некоја операција и брзо-брзо ја прекинуваше враќајќи се на безбедносно растојание. Така беше во Матејче, Ваксинце, Арачиново... Што подалеку од непријателот! Во повлекувањето ќе останеше и по некој тенк! Во акцијата "Жетва" на НАТО за собирање на оружјето, ОНА се фалеше со плен од четирите заробени тенка, а на еден генерал од НАТО не му беше јасно како ОНА можела да заплени толку тенка кога нема таква тенковска единица.

А и ОНА пак не отстапи од герилскиот начин на војување. Со поставените мини и заседи ја држеше АРМ што подалеку од заземените села и објекти. Во воениот конфликт и полицијата беше значаен фактор. Таа има подолга историја и традиција од АРМ, но никогаш досега немала против себе свои граѓани - Албанци со така закрвавени очи и таква крволочност во убивањето. Од 98-та со доаѓањето на Доста Димовска за министер, отпочнуваат реформи во полицијата. Некои негодуваа со критики дека реформирањето на полицијата е де факто замена на стари, искусни и проверени кадри со нови и неискусни претежно од партијата ДПМНЕ. Подоцна, во воениот конфликт ќе се види дека таквите критики биле оправдани!

Загубите во воениот конфликт беа симетрични, околу 70-80-мина се убиени. Од извештаите на хуманитарните организации од кризниот регион се добива бројката од 6.000 оштетени куќи од кои 1.200 се тешко оштетени, односно разорени до темел. Ако овие 1.200 објекти биле мети во борби што се воделе, при што живата сила на непријателот ги бранела, тогаш барем минимум 1.200 борци ќе имаше како жртви. Или, пак, се уништувале објекти откако ќе се испразнеле (се бомбардирале празни куќи).

Воениот конфликт засегна три суштествени прашања. Првото, како морално, така и политичко, војничко: Дали ОНА беше непријател? Во текот на целиот конфликт за командата на вооружените сили не беше сосема јасно дали ОНА е или не е непријател. Ова ќе биде илустрирано со наредбата на Генералштабот на АРМ издадена како ултиматум до припадниците на ОНА во "тетовската битка за Калето": Оставете го оружјето и заминете си (се мисли кон Косово)! Во овој случај ОНА не е третирана како непријател, бидејќи со непријателот се знае како се постапува - или се заробува или се уништува.

ОНА започна со непријателства - да убива припадници на вооружените сили и се стави во чиста позиција на непријател на вооружените сили. И покрај тоа, Генералштабот беше и во морална дилема: Да се дејствува против оние што кренаа рака на државата или да се чека? А, што да се чека? Да се чека омразата и воениот пожар да ја зафати цела држава за да се реализира политиката за етничка поделба на Македонија на тогашните владејачки партии. Во прилог одат исцртаните географски карти за размена на територии меѓу Албанија и Македонија и стимулираниот палеж на дуќани на недолжни граѓани во Битола.

Второто прашање се однесува на лошо поставената одбрана. Леснотијата со која ОНА напредуваше и заземаше села зборува за лоша и само лоша одбрана!

Третото прашање се однесува на неефикасноста на вооружените сили на Македонија. И ден-денес нема одговор на прашањето: Зошто вооружените сили не ослободија ни еден витален објект или село каде што е извршено етничко чистење на Македонците? Браната на кумановското езеро е витален објект. Кумановчани со месеци беа без вода оти вооружените сили немаа акција за да ја повратат контролата над вентилите на браната. Селата од каде беа протерани 20.000 цивили во налетите на етничките истребувачи на ОНА се од државен интерес. Секаде во светот војските си го штитат и си го бранат својот народ, освен македонската.

Со интервенција на меѓународната заедница селанската буна запре, ама бунтовниците не застанаа. Се префрлија на седиштата на Парламентот и на фотелји од министерствата. Сега политичарите се нивни противници. Ако вооружените сили не успеаја да ги запрат со куршуми, дали политичарите ќе успеат да ги убедат со зборови?

Живко Даскаловски


Зошто не се попишуваа Македонците во дијаспората?!

Се појави напис во дневниот печат во Македонија на 14 ноември дека нашите амбасади и претставништва надвор се отепале кутрите да бараат Македонци надвор за да ги попишат, но одзивот бил мошне слаб?! Не е точно, барем во САД каде што јас живеам, дека македонската Амбасада/Конзулат или кое било македонско претставништво направило што и да е за да ја информира македонската емиграција дека може да се попише. И не само тоа, туку печатот од Македонија пренесе противречни вести дека сите што живееле надвор повеќе од една година не можат да се попишат (по ургирање на "меѓународната заедница"- ако им ургираат и за тоа, да се фрлиме сите во Вардар...!). Впрочем, како и во се друго, и во и околу Пописот се чини владее целосен хаос и дезорганизација. И потоа да не се чудиме како Македонците ги "снемува".

Секоја цивилизирана држава во светот си ги попишува сите тие кои потекнале оттаму, и кои се разбира сакаат тоа да го сторат, без проблем. Ако барем дел од сите Македонци (по потекло) однадвор добијат македонско државјанство (нешто за што не е против ниедна одредба на ЕУ, НАТО, ООН итн., итн., без разлика на какво било "ургирање" од какво било тело на "меѓународната заедница" која само гледа до кое ниско ниво нашите на власта ќе се симнат) и барем дел од истиве се попишат, ќе има најмалку 80 отсто етнички Македонци како жители на Република Македонија. Ама, ете, ниту волја има, а уште помалку организација, што мора само да потекне од самата држава Република Македонија, нашата матична држава. Можеби ќе се свестиме пред идниот Попис, освен секако ако дотогаш други "етнички заедници" (кои се попишуваат на ангро) веќе не станат мнозинство.

Борис Доцевски


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"