АРХЕОЛОГИЈА

Археолошкиот локалитет "Баргала" обелодени уште еден ексклузивен наод

ДРВЕНА РЕЗБА ЕДИНСТВЕНА НА БАЛКАНОТ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Фрагментите од дрворезбата открија и ќе откријат уште многу нешта поврзани со животот кој опстојувал во познатиот доцноантички град Баргала.
  • Животот на "Баргала" континуирано опстојувал од III до крајот на VI век.

Неодамна археолозите од Музеј-Завод од Штип, на задоволство на пошироката јавност, обелоденија уште едно многу ретко и значајно откритие - дрворезба која можеби е единствена и на Балканскиот Полуостров.

Градот Баргала, односно археолошкиот локалитет, е лоциран на 18 километри североисточно од градот Штип. За него се знае уште од поодамна кога истражувањата за првпат се започнати во 1966 година под раководство на академик Блага Алексова. Во седумдесеттите години на локалитетот работела југословенско-американска екипа кога била откриена епископската базилика. Меѓутоа, еден подолг временски период ископувањата на "Баргала" се во мирување поради немање на материјални средства, но последниве неколку години интензивно се истражува благодарение на финансиските средства кои биле донирани од Министерството за култура. Денес локалитетот се наоѓа во таква состојба што слободно можат да дојдат посетители и да видат многу интересни работи.

ОТКРИТИЈА

Името Баргала етимолошки се врзува за реката Брегалница, а станува збор за еден од позначајните доцноантички градови во Македонија. Проучувањето на градот во литературата е мошне познато, бидејќи постојат поголем број публикувани трудови особено од академик Блага Алексова што значи дека е познат во науката како еден од најзначајните доцноантички градови.

За време на Втората светска војна најден е натпис на камена плоча во кој се споменувал градот Баргала и тоа биле првите почетни чекори за да се дојде до истражување на самиот град, вели археологот Ѕвонко Белдедовски. Тргнувајќи од тој натпис беше дојдено до иницијатива да се бара по средниот тек на реката Брегалница кога е и откриен локалитетот "Баргала". Локалитетот во III век бил римски логор кој во IV, V и VI век веќе прераснува во цивилна населба - епископски град по средниот тек на реката Брегалница. Животот во Баргала замрел некаде кон крајот на VI век и почетокот на VII век со навлегувањето на нови етнички популации кога многу антички градови страдаат во тој период. Градот не е потполно напуштен меѓутоа опстојува како неурбанизирана населба. Понатаму во средниот век се оформува нова населба чиј белег е црквата "Свети Ѓоргија" изградена кон крајот на втора половина на IX век. Црквата е од големо значење затоа што е една од првите сведоци за појава на словенски црковни објекти градени по течението на реката Брегалница и се наоѓа до самата тврдина на "Баргала".

Концентрацијата на истражувањата на локалитетот била насочена кон северозападниот агол на тврдината на утврдениот град, но истражена е само една десетина од целиот локалитет, бидејќи зафаќа површина околу пет хектари.

Во овој период откриен е скоро во целост епископиумот на градот, епископска базилика и нејзиниот дворен простор, во кои се наоѓаат крстилница со мозаични површини, во просторот на бањата сочувани се и делови од мозаик, додава археологот Белдедовски. Потоа откриени се цистерна за вода, а минатата и оваа година откривме и две бањи - доцноантичка голема и мала бања. Споменатата голема бања е лоцирана на просторот помеѓу двориштето на епископската базилика и северозападниот градски бедем. Станува збор за добро сочуван комплексен објект со поединечни простории меѓусебно функционално поврзани. Откривме делови од стопански и станбени објекти, потоа го откривме северозападниот градски бедем со главната порта која е и конзервирана. Покрај архитектурата на градот откриена е богата архитектонска декоративна и скуптурална пластика, како и повеќето доцноантички градови.

ВОТИВНА ПЛОЧА

Оваа година дојдовме до еден ексклузивен наод за македонската археологија, а тоа е дрворез кој засега не е познат на нашата територија, па и пошироко на Балканскиот Полуостров. Најден е на длабочина од два метра и седумдесет сатиметри и станува збор за дрворез сочуван во фрагменти. Откриен е во префурниумот (простор каде што се складирале дрва за ложење на огништето за загревање на водата и за подното греење) на доцноантичката бања, вели археологот Белдедовски.

По претпоставка на археологот Белдедовски дрворезбата била донесена за горење, меѓутоа поради некое ненадејно рушење и опожарување на објектот резбата била зафатена од пожарот, но поради нејзиното тихо согорување за среќа не изгорела целосно.

На овие фрагмети од дрвена плоча се преставени антропоморфни, односно човечки фигури, животински претстави како и геометарски орнаменти. Откриената дрворезба била од верски карактер - вотивна односно даровна плоча посветена на повеќе божества. Претставата на човечката фигура со орел до него според сите показатели насочува дека станува збор за богот Зевс, истакнува археологот Белдедовски. На новооткриените фрагмети од дрворезбата откривме и сочувани букви од подолги натписи кои сигурно ќе фрлат нова светлина околу датирањето на самиот дрворез. Заедно со наодот пронајдена е и бронзена монета и при дешифрирањето на истата констатирано е дека станува збор за монета со ликот на римскиот император Пробус кој владеел од 276 до 282 година. Последната монета од овие рановизантиски цареви и владетели е од Фока - од 602 до 610 година. Сите овие податоци го датираат наодот некаде околу втората половина на III век.

Секако дека и "Баргала" има своја некропола затоа што сите доцноантички градови во близина имаат и некрополи, но за жал ние досега немаме поточни показатели за античката некропола. Истражувана е само средновековната некропола што се наоѓа во близина на црквата "Свети Ѓоргија" која ни даде многу значајни наоди; откриени се прстени, накит, обетки, гердани...

За оваа година истражувањата се завршени, меѓутоа досегашните резултати од ископувањата наведуваат дека локалитетот "Баргала" може да обелодени уште многу наоди кои се значајни за македонската археологија.


По завршените истражувања на локалитетот "Баргала" во тек е конзервирањето на новооткриените наоди. Конзервацијата ја извршува господинот Бранко Најдовски, виш конзерватор при штипскиот Музеј и Завод.

По донесувањето на наодите од локалитетот веднаш се пристапува кон конзервација на истите затоа што тие веќе се наѓаат во распадната состојба така што мора под итно да се изврши конзервација. Самата материја која ја конзервиравме бараше средствата за заштита да бидат од природен карактер, односно не поднесуваше вештачки, агресивни средства, вели господинот Најдовски.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"