ИСТОРИЈА

Стогодишнината од основањето на Македонското научно-литературно друштво во Санкт Петербург

"ЕДНОВЕКОВНИТЕ КОРЕНИ НА МАНУ"

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Неодамна, беше одбележана стогодишнината од основањето на Македонското научно-литературно друштво "Св. Климент" во руската престолнина Санкт Петербург. Актуелноста на чинот добива на тежина од неговиот последичен одраз олицетворен во највисоката научна институција во земјава - денешната МАНУ.
  • И не случајно јубилејот се чествуваше токму во Академијата, преку свечен собир тематски насловен "Едновековните корени на МАНУ", а беседата ја одржа академик Блаже Ристовски, на јавноста познат како редок и комплексен истражувач на македонските работи.

На 28 октомври 1902 година 19 македонски интелектуалци, на чело со Крсте Петков Ми-сирков и Димитар Димов - Чуповски и по иницијатива на штотуку дојдените од Македонскиот клуб во Белград издавачи на "Балкански гласник" Дијамандија Трпков - Мишајков и Стефан Јакимов - Дедов, во руската престолнина Санкт Петербург го потпишаа основачкиот акт на Македонското научно-литературно другарство - молбата до Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно друштво. По тој повод, одбележана е првата роденденска стогодишнина од поставувањето на темелот не само на Другарството, туку и на предисторијата на сегашната Македонска академија на науките и уметностите, основана со закон на 23 февруари 1967 година.

ВО ОВОЈ...

...основачки акт од пред 100 години потписниците ги наведуваат и целите и причините за основањето на Македонското научно-литературно другарство:

"... за да можеме - велат тие - со заеднички сили да се запознаеме со нашата татковина, со нејзината сегашност, минатото и иднината. Оваа потреба малку ја имавме осознаено досега, особено затоа што средното образование го имаме добиено во разни училишта во Турција, Бугарија и Србија.

Тоа послужи како повод за разединување помеѓу нас и надвор од границите на Балканскиот Полуостров. Но, во последно време на сите нам ни е јасна штетата од разделеноста на разни групи, кои не само што не знаат една за друга, туку исто така не ја познаваат ни својата татковина, нејзината сегашност и нејзиното минато. За да ги избегнеме жалните резултати од таквата поделеност и за да имаме можност да се обединиме врз почвата на единството на татковината истото потекло и иднина, како и врз база на заедничкото изучување на својата татковина од историско, етнографско, фолклорно и јазично гледиште, ние долупотпишаните имаме чест најпокорно да го замолиме С. Петербуршкото словенско благотворно друштво да ни дозволи да се собираме во неговите простории врз истата основа врз којашто се одржуваат таквите собранија на чешката, бугарската и српската младина што се школуваше во С. Петербург.

Колку длабоко продрела мислата на основачите на Другарството за причините и проблемите по патот до слободата на македонскиот народ се гледа од Програмата. А во неа се констатира:

"...националните и религиозни пропаганди, заинтересираноста на балканските држави за судбината на Македонија, заинтересираноста на некои големи држави за неа, како и блиската врска на македонското прашање со прашањето на Судбината на Европска Турција воопшто, претставуваат главна пречка за скорешно реализирање на политичката слобода на Македонците. Под национална слобода - велат основачите - ние го подразбираме отстранувањето на националните пропаганди од Македонија и наместо тоа воведување на едно од македонските наречја на степен на општ македонски литературен јазик".

Нацијата, јазикот и црквата тие ги гледаат како фактори во меѓусебната зависност и клучен услов за слободата на народот и за создавање сопствена македонска национална држава. Затоа и беа толку жестоко прогонувани од сите соседни пропаганди и имаа (однадвор инспирирани и потсилувани) суштински недоразбирања и со Македонската револуционерна организација. Елаборирајќи го прашањето како македонскиот народ со надворешна помош "и со свои сопствени сили да си ја извојува самостојноста во политички, национален и црковен однос и да си биде самиот ковач на својата среќа", во Меморандумот се заклучува:

"...Сето тоа, како што веќе рековме, може да се постигне тихо и мирно, без нарушување на мирот и уништување на словенскиот елемент, а до тогаш додека албанското прашање не созрее политички и национално, до тогаш додека не се реши прашањето кој ќе ги завладее Дарданелите, до тогаш Македонија, по неопходност треба да биде составен дел на Отоманската империја, зошто секаквите востанија не можат да дадат никакви, други резлутати, освен истребување на словенското население, а тоа можат да го сакаат само непријателите на словенството и православјето".

Значајно е да се одбележи дека основачите потекнуваа од сите делови на тогашната Македонија. Ако се земе предвид дека и Мишајков е по потекло од леринско Петле, а првиот потписник Мисирков е од Александровата Пела, паѓа во очи дека сите членови на Управата потекнуваат од денешниот Егејски дел на Македонија.

ПОВЕЌЕ АРГУМЕНТИ...

...одат во прилог на македонското научно-литературно другарство како темел на денешната МАНУ.

По обидите на Дружината на Пулески (1888), по краткотрајниот изблик на ММКД во Софија (1891 - 1892) и на Ученичкото друштво "Вардар" во Белград (1893/1894), Македонскиот клуб (1902) ја даде иницијативата, а Македонското научно-литературно другарство во С. Петербург стана јатката на "новото движење", чија програмска платформа и практична реализација на идеите доведе до афирмација на македонската држава и наука. Тука настана првата комплетна национална програма (1902); тука беше кодифициран соверемениот македонски литературен јазик со фонетскиот правопис што првпат со уставна одредба беше и официјално воведен во службена употреба (1903); тука настана и беше публикувана и првата книга ("За македонцките работи" 1903) и првото научно-литературно списание ("Вардар", 1905) на тој јазик и правопис; беа направени првите пошироки подготовки за отворање училишта и за објавување учебници на македонски јазик; беше подготвена и објавена првата карта на географско-етнографска Македонија на македонски јазик (1913); се издаваше првото национално-политичко списание на руски јазик за меѓународна јавност ("Македонски глас") 1913-1914; беше изработено и јавно употребувано првото македонско национално знаме (1914); беа поднесени до меѓународните формули и објавени на странски јазици првите меморандуми, брошури и летоци врз македонската национална програма (1902-1917); беше подготвена и објавена и првата книга на руски јазик за минатото, сегашноста и идинината на Македонија (од Наце Димов, 1913), беше подготвен првиот македонско-руски речник и се работеше врз подготовката на првата енциклопедиски конципирана историја на борбата за слобода на македонскиот народ и за културно-национална афирмација итн.

Независно од именските модификации и организационите структурирања, Македонското научно-литературно другарство преку Македонскиот литературен кружок во Софија (1936 - 1942) воспостави концепциско научно-литературен, национално-политички и персонален континуитет до создавањето на македонската држава и конечно до озаконетото државно формирање на Македонската академија на науките и уметностите (1967).

Скоро сите национални академии започнувале од научни или литературни друштва, немале полн континуитет ни на името, ниту пак на дејноста.

И Македонското научно-литературно другарство имаше претходници, но и следбеници. Со фундаменталната научно-литературна и друга дејност и континуираното прелевање низ првата половина на ХХ век Македонското научно-литературно другарство доби основоположнички прерогативи и во предисторијата на денешната Македонска академија на науката и уметностите, подвлече академик Блаже Ристовски.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"