ИСТОРИЈА

Петте страшни години - Егејска Македонија (32)

ПРОГЛАСУВАЊЕ НА НОФ ЗА АГЕНТУРСКА ОРГАНИЗАЦИЈА!

Пишува: д-р Ристо КИРЈАЗОВСКИ

  • Генералниот секретар на КПГ, Никос Захиријадис, го тврдеше следното: "...НОФ е агентурска организација која ја попречуваше реализацијата на линијата на КПГ и со тоа му нанесе штета и непријатности на демократското движење во земјата".
  • "Македонскиот народ од Егејска Македонија ќе може да ја сочува и извојува својата независност само со непромистлива и решавачка борба против предавничката клика на Тито и нејзините агенти во редовите на КПГ, НОФ, АФЖ и ДАГ" - стои во Резолуцијата на КОЕМ.

Покрај наведените и други осудени Македонци и Македонки, во разни логори и затвори во Албанија по префлувањето на борците на ДАГ и бегалското цивилно население во Албанија во источноевропските земји во ноември 1949 година, останаа да лежат 260 лица. Поголемиот дел од нив се држеа во затворите и логорите како титови агенти.

Меѓу нив беа познати Македонци активисти Ѓорѓи Турунџов, Ангел Чапов, Танас Никокиров, Милтијади Поп-Николов, Ахилеа Михаиловски и други. Тие во албанските затвори и логори останаа до суспендирањето на Захиријадисовото раководство на КПГ и нормализација на односите меѓу КПЈ и КПГ во 1956 година.

И покрај тоа што во разни усни настапи на функционери на КПГ, судења на Македонци и слично, се обвинуваше организацијата НОФ за антипартиска дејност, сепак официјално не беше прогласена за непријателска, агентурска и слично. Тоа се должи на потребата што ја имаше КПГ за користење на истата за уште помасовно вклучување на Македонците во ДАГ. Кога поразот на ДАГ се ближеше, а Македонците и нивната организација НОФ не само што не беа потребни, туку се актуелизира прашањето да се обвинат тие како еден од решавачките фактори за таквиот исход на вооруженото востание во Грција.

СОМНИТЕЛНИ ОБВИНУВАЊА

Требаше да се подготви одговор на прашањето што неминовно ќе го поставеше народот и борците, кој е виновникот за трагедијата. Во рамките на однапред подготвеното сценарио, тоа се обиде да го стори генералниот секретар на ЦК на КПГ, Никос Захиријадис. На 20 јуни 1949 година тој го свика раководниот актив на Комунистичката организација на Егејска Македонија (КОЕМ). Како повод за состанокот на активот беше искористено писмото на Михаило Керамитчиев и Илија Димовски - Гоче до ЦК на КПГ во кое ја критикуваа политиката на КПГ по македонското национално прашање и воопшто односот кон Македонците. Меѓутоа, писмото беше само повод, а суштинската причина за состанокот на активот беше да се обвини КПЈ и организацијата НОФ, како нејзина агентура како една од решавачките фактори за поразот на народно-ослободителното движење во Грција. Беше потребно македонскиот раководен фактор да го потврди горното обвинување, односно теза на Захаријадис.

На учесниците им беше поделена Резолуција однапред подготвена од ПБ на ЦК на КПГ под наслов: "Резолуција на раководниот актив на КОЕМ за националистичко-предавничката клика Керамитчиев-Гоце", 20.VI.1949 година.

На активот на КОЕМ присуствуваа Никос Захаријадис, Мичос Парцалидис и други функционери на КПГ, 45 членови и кандидати за членови на Главниот одбор на НОФ и политички и воени македонски старешини на ДАГ кои служеа во подрачјето на Вичо.

Состанокот се одржа во една пештера меѓу селата Орово и Нивици, Преспа.

Активот го отвори генералниот секретар на КПГ, Никос Захаријадис, кој меѓу другото, го тврдеше следното: "... НОФ е агентурска организација која ја попречуваше реализацијата на линијата на КПГ и со тоа му нанесе штети и непријатности на демократското движење во земјата. Во Егејска Македонија дејствуваа и уште имаа корени трите агентури: на ОЗНА, на ЈА и на Колишевски, која ги контролира првите две агентури. Сите агенти на југословенските известителни служби даваа писмени обврски дека доследно ќе ги извршуваат агентурските работи... Партијата сака да помогне и да ве спаси. Прекинете секаква врска со КПЈ и расчистете идеолошки со неа... Имаше еден период кога Македонците дејствуваа како фракција во КПГ во времото кога Тито сакаше да ја ограби Македонија до Солун. Кои од вас бевте испратени во Грција од КПЈ во функција на тој интерес, да го расчистите прашањето и сметките. Ако Тито ја приклучи Македонија кон Југославија, тоа значи ја вклучува во империјализмот. Тоа треба да го расчистите. Тито од 1945 година испраќа агенти од ОЗНА и II-то Биро на ЈА, организирани во тројки.

Во времето кога Југославија беше во лагерот на народните републики, ги толерираше агентите на Тито во перспектива прашањето да го регулираме поинаку. Отвореното предавство не принудува да го расчистиме тоа прашање...".

По Захаријадис во ист дух зборуваше членот на ПБ на ЦК на КПГ Мичос Парцалидис. Тој, меѓу другото, рече: "... Ми направи извонреден впечаток единството меѓу македонскиот и грчкиот народ во Вичо. Зошто? Како се успеа во тоа нешто? Со борбата што ја водеше Партијата, Грците и Македонците комунисти. Точно затоа што партијата се бореше да му помогне на македонскиот народ во неговата борба.

Не се потребни многу маки за да ги осуетиме обидите на таа реакционерна банда. Предавството на Тито има многу напреднато. Сега кај нас тоа предавство се расчистува. Се создава шанса да прозбориме повторно. Нема да се најде другар што ќе пројави дилема дали да се изјасни за Советскиот Сојуз, или за Југославија. На жалост раководството на НОФ, како што рече Трајче, го нема тоа рачистено. Има ниско идеолошко ниво...".

Захаријадис ултимативно побара од присутните да се произнесат или за револуција, или за контрареволуција. За Сталин или за Тито. Тие што ќе ја гласаат Резолуцијата се добри комунисти, револуционери и интернационалисти, а тие што нема да ја прифатат се контрареволуционери и слично.

ПСИХОЛОШКА ДРАМА

Навистина македонскиот раководен актив се соочи со неверојатно силен психолошки и идеолошки-политички притисок. Пештерата каде се одржуваше состанокот беше опколена со бројна единица на службата за воена безбедност на ДАГ. Кај поголемиот дел од раководителите на организацијата на НОФ, особено кај основачите, со одигруваше внатрешна психолошка драма. Организацијата која со толку маки и страдања ја создадоа и преку неа постигнаа големи успеси го поведоа македонскиот народ во борба, ќе треба самите да ја осудат да ја прогласат за контрареволуционерна, агентурска и слично. Освен тоа, заедно со НОФ, требаше да ја осудат и Титова Југославија и НР Македонија со која имаше воспоставено тесни врски и од нив очекуваа помош во реализацијата на своите идеали. Повеќето од нив беа поврзани со специјални југословенски институции, а по нивна директива извршуваа посебни конспиративни задачи. Меѓутоа, долгогодишниот револуционерен стаж под раководство на КПГ величието на "големиот" Сталин и на Советскиот Сојуз, судбината на борбата што моментално се водеше против грчкиот монархофашизам, како и антијугословенската пропаганда што се водеше во и надвор од земјата и притисокот што се вршеше врз нив, повлијаеја во основа да ја прифатат Резолуцијата и своерачно да ја потпишат.

Резолуцијата на КОЕМ ги обвинува КПЈ и Македонците за разбивање на борбеното единство меѓу грчкиот и македонскиот народ во моментот кога монархофашизмот се подготвува за решавачка пресметка со ДАГ. Во продолжение се обвинува КПЈ за разбивачка дејност против грчкото ослободително движење и КПГ уште во 1944 година со цел да ја присвои Егејска Македонија, а за остварување на таа цел создаде широка агентурска и разузнувачка мрежа од редовите на Македонците и разбивачки центар за организирање дезертерства на Македонци од редовите на ДАГ.

Во Резолуцијата на КОЕМ всушност се повторуваа сите обвинувања што ги содржи Резолуцијата на Информбирото против КПЈ.

Тврдејќи дека "денес веќе предавството на Титовата клика е откриено пред целиот свет и не може повеќе да се прикрива нејзиното полно преминување во таборот на империјализмот, во Резолуцијата се тврди дека се разоткриваат и нејзините агенти во Грција. Македонскиот народ од Егејска Македонија ќе може да ја сочува и извојува својата независност само со непромистлива и решавачка борба против предавничката клика на Тито и нејзините агенти во редовите на КПГ, НОФ, АФЖ и ДАГ".

На состанокот зборуваа и се произнесуваа по Резолуцијата на КОЕМ сите 45 присутни Македонци активисти. Прв зборуваше и се произнесе Павле Раковски, еден од активистите и главните раководители на НОФ. Тој во целост ја прифати и ја потпиша Резолуцијата со забелешка дека не правел пропаганда во корист на Тито. Во една од повеќето негови изјави, Павле Раковски, меѓу другото, тврди: "... Југословените настојуваа да ја уништат политичката народно-ослободителна организација на македонскиот народ претворувајќи ги кадрите во шпиони и агенти, претворајќи ја организацијата НОФ во агентурска" за што тој наводно протестирал. Понатаму Раковски пишува дека без ентузијазам размислувал за големојугословенскиот став по македонското прашање, дека Вангел Ајановски - Оче ги користел кадрите на НОФ за агентурска дејност, дека Михаило Керамитчиев одржувал илегални врски со ОЗНА каде испраќал извештаи и слично.

Секретарот на младинската организација НОМС во Егејска Македонија Минчо Фотев, исто така, во целост ја прифати Резолуцијата на КОЕМ. Призна дека НОФ го создаде КПЈ, но раководството не беше агентурско и постигна добри резултати. Фотев расцепот на Македонците од КПГ во октомври го оцени за голема грешка. Поради некатегоричкиот став Минчо беше грубо нападнат од Захаријадис, префлувајќи му дека и тој е агент на ОЗНА и дури му го знае конспиративниот број. По завршувањето на состанокот на КОЕМ, по негово барање Минчо Фотев бил примен од Захаријадис кому му обелодени многу детали од дејноста на југословенските известителни служби во Егејска Македонија.

Покрај усното изнесување, Минчо Фотев по разговорот со Захаријадис до ПБ на ЦК на КПГ достави писмена изјава во која меѓу другото, наведува дека покрај организациите НОФ, АФЖ, НОМС, работеа и мрежите на ОЗНА и на II-то биро на југословенската армија. Независно од тие мрежи што ги имаше и функционираа, дејствуваше и мрежа внатре во организацијата НОФ и другите организации...

"Керамитчиев и неговото друштво имаше врска со ОЗНА. Познавам една низа луѓе кои работе за ОЗНА и за II-то биро...".

Лазар Полазаров, секретар на Окружниот комитет на НОФ за Леринско и Воденско, исто така ја прифати и ја потпиша Резолуцијата на КОЕМ. Михаило Керамитчиев и Илија Димовски ги претстави како агенти на Југославија.

Христо Коленцев-Кокинос, секретар на Окружниот комитет на КОЕМ за Леринско ја прифати и ја потпиша Резолуцијата на КОЕМ. Покрај таа Коленцев, до ПБ на КПГ, истиот ден поднесе опширна изјава, со шифра 59, во која покрај другото информира дека секој активист и борец кој сакал да се врати од Југославија во Егејска Македонија, за да се вклучи во борбата, морал да потпише изјава дека ќе врши агентурска дејнос во корист на ОЗНА, Димитар Алексиевски - Пекар. Во продолжение, Коленцев дава список на Македонци, агенти на ОЗНА.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"