СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

ДОМАШНИ И СТРАНСКИ СВЕДОШТВА ЗА ДЕКЛАРИРАЊЕТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД 18 И 19 ВЕК КАКО ПОТОМЦИ НА АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Странските патописци ја констатирале депресијата во која живееле Македонците од 19 век, потсетувајќи се на нивната античка слава!
  • Уште во првата половина на 19 век имало Македонци кои се декларирале како потомци на античките Македонци!

Од самиот крај на 18 век постои уште еден патопис од непознат автор, посветен на Македонија, во кој исто така се потенцира врската помеѓу античките Македонци и Македонците од 18 век. Непознатиот патописец ја констатирал очајната состојба во која се наоѓале тогашните Македонци која секако дека била резултат на предолгите вековни ропства. Во врска со ова непознатиот патописец запишал:

"Македонците во стари времиња биле многу проучени како научници, а исто така и по својата храброст. Сега пак тие се плашливци и незнајковци" (Патопис од непознат автор од пред 1798 година, Конгресна библиотека во Вашингтон, Оддел за ретки книги сигнатура Г 160. Л 317, 1816 год. цит. според Александар Матковски, цит. дело).

Слично разочарување од состојбата во Македонија покажал и патописецот Кузинери, кој во својот патопис од 1816 година запишал:

"Македонија толку славна со спомените на Филип и Александар, толку несреќна за време на римското владеење, понижена под Бугарите и најпосле толку понижена под отоманскиот меч, денес претставува само пустош кој зад себе го влече фанатизмот, незнаењето и деспотизмот". (Патописот на Кузинери од 1816 година. Voyage dans la Macedoine I, Paris, 1831, Esprit Marie Cousinery, стр. 11. цит. според Александар Матковски, цит. дело).

За чувањето на споменот за античка Македонија среде Македонците од самиот почеток на 19 век, сведочи и непознат француски патописец кој тогаш ја посетил Македонија. Откако пишува за некој споменик за кој народот му рекол дека е од времето на Александар Македонски, непознатиот Французин запишал:

"Клетата раја од Македонија уште ги воспевува подвизите на завојувачот на Персија и Индија". (Патопис од непознат автор од 1807 година. "Френски патеписи за Балканите 19 в." составила и редактирала Бистра Цветкова, Софија. Преземено од "Archives de l'armee de terre", со сигнатура МР 1618, 17. цит. според Александар Матковски, цит. дело).

Слично запишал и патописецот Јохан Хајнрих Мајр, кој исто така во почетокот на 19 век ја посетил Македонија:

"Подоцна поминавме во областа каде Александар Велики направил одмор. Од пред неколку илјади години овде се чува споменот на овој славен Македонец". (Јохан Хајнрих Мајр патопис од 1814 година. Johann Heinrich Mayr's Reise nach Konstantinopel, Aegupten, Jerusalem und auf den Libanon, 1820. Конгресна библиотека Вашингтон, сигнатура ДС 48. М49. цит. според Александар Матковски, цит. дело).

СТРАНСКИ СВЕДОШТВА

Дека Македонците од 19 век се потомци на античките Македонци пишувал и францускиот патописец Дидро. Тој исто така разочарано констатирал дека некогаш славната Македонија за време на турското владеење се нашла во целосна апатија. Тој запишал:

"По долината на Македонија сe е стушено и невесело, сe е жалосно. Турците од срцето на човекот го искорнале смеењето кое му припаѓа само нему, на човекот. Од нивните робови, од потомците на Ахил и Александар, тие направиле стада од животни." (A. N. Didron: "Le Mont Athos Exract from Annales archeologiques", volumes 4, 5, 18 и 21. Национална библиотека Париз сигнатура 4о V, 1122/4,5,18,21, цит. според академик Александар Матковски "Македонија во делата на странските патеписци", цит. дело).

Непознат патописец во 1841 година запишал дека во Катерини Македонците сe уште ја користеле старата пелазгиска кола, каква што ја користеле нивните предци уште од древните времиња. Овде читаме:

"Катерини... е мал град, опкружен со шума, сместен во тесна долина меѓу Олимп и морето... Сe уште е во употреба старата кола на Пелазгите влечена од волови". ("Handbook for travellers in the Jonian Island, Greece, Turkey, Asia Minor and Constantinopole", London, 1845, Конгресна библиотека Вашингтон, DS 43. М 95 1845, цит. според Александар Матковски, цит. дело).

Да се потсетиме дека Пелазгите биле стар народ, кој живеел на Балканот, а посебно во Македонија. Од страна на Грците тие биле сметани како "барбари" - луѓе кои не зборуваат грчки. Веќе спомнавме дека некои истражувачи дури сметаат и дека Словените се потомци на Пелазгите.

Рускиот истакнат деец Виктор Григорович, во врска со импресиите од својата посета на Македонија во 1844 - 1845 година запишал:

"Во сите краишта што ги посетив, јас немам чуено други имиња освен имињата на Александар Велики и на Марко Крале. И едниот и другиот живеат во спомените на народот... Споменот за Александар Велики сепак е повеќе утврден кај народот." (цит. според Блаже Ристовски).

Веќе спомнавме дека Виктор Григорович запишал и една народна творба за македонскиот цар Филип Втори.

Да ја спомнеме и изјавата на еден, засега непознат, учител од Охрид кој дошол на местото на истераниот бугарски учител во Солун во 1845 година. Оваа изјава подоцна е пренесена и во тогашниот печат, без да се наведе идентитетот на учителот. Кога го прашале да се декларира што е по националност, нашиот охриѓанец дословно рекол:

"Јас не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцарин! Јас сум чист Македонец, какви што биле Филип и Александар Македонски и Аристотел филозофот (цит. според Блаже Ристовски).

Ерејот Димитрија од Кривопаланечко во врска со своето етничко потекло, во далечната 1848 година, запишал:

"Родум сум Македонец... Од Бога било пишано мојата татковина да страда од Грците, па тие не ни даваат мир ниту денес, иако сите знаат дека Македонија била постара држава од нивното царство." (цит. според Блаже Ристовски).

Англискиот патописец Чарлс Томас Њутон ја посетил Македонија во 1853 година при што запишал дека народот таму сe уште ги чувал своите традиции и обичаи уште од времето на антиката. Тоа му го кажал епископот од Метилена, кој често патувал во Македонија. Во врска со ова Њутон запишал:

"Љубезно бев примен од архиепископот од Метилена, кој ја правеше својата годишна обиколка за да ги собере даноците. Тој најчесто одел во Македонија и ми раскажуваше за некои интересни поединости за селаните кои таму живеат и кои задржале многу стари обичаи... Еден од нив е чинот на женидбата..., која потсетува на античките ритуали. ("Travels and discoveries in the Levant" by Charles Thomas Newton, London, 1865, I and II, стр. 10. цит. според Александар Матовски, цит. дело).

И патописецот Јохан Хан во 1858 година запишал дека среде Македонците од 19 век се задржале обичаи уште од времето на антиката. Конкретно тој запишал дека Македонците од Вардар Ениџе сe уште го негувале панаѓурот наследен од античките Македонци. Тој пишува:

"...Бргу пристигнавме во гратчено Вардар Јениџе. Таму сe живо беше раздвижено, затоа што сите беа во подготвување за панаѓурот, кој се одржува секоја година и трае осум дена..."

За самиот град Јохан Хан смета дека е всушност наследник на стариот град Пела:

"Турскиот град во внатрешноста е следбеник на нему блискиот старомакедонски главен град и од него тој ја наследил градската сила и годишниот панаѓур. Со тоа Јениџе не е ништо друго, туку поместена Пела". ("Reise vion Belgrad nach Salonik", J.G.V. Hahn, Wien, 1868, стр. 200, цит. според Александар Матковски, цит. дело).

Јохан Хан бил уште еден Германец кој работел во грчката влада во времето на кралот Отон.

НАПИСИ И СВЕДОШТВА

Многу дециден опис на Македонците од горенаведениот аспект претставува еден извадок од статија, објавена во "Цариградски весник" од Цариград во бројот од 03. 03.1860 година од непотпишан автор. Оваа статија претставува уште едно сведоштво дека во денешната македонска нација тече крвта на славните антички Македонци и дека за тој факт биле свесни и Македонците од 19 век. Овде читаме:

"Оваа земја е Македонија и ако ја погледнеме природата, наравите, обичаите, карактерот на жителите, нивниот став, нивната физиономија, исцело ќе ги препознаеме истите оние мажи што во старо време ги сочинувале фалангите на Александар Македонски." (цит. според Блаже Ристовски).

Во 1865 година забележан е еден спор помеѓу македонскиот деец Венјамин Мачуковски и некој Грк, околу припадноста на Македонија врз основа на монетите од Александар Македонски. Мачуковски бил и посебно ангажиран од страна на босанскиот фолклорист Верковиќ во барањето македонски народни песни за овој голем македонски цар.

И самиот босански фолклорист Стефан Верковиќ, кој во 19 век престојувал во Македонија, за Македонците од југозападниот дел на Македонија тврдел дека во најголем број му припаѓале на коленото Пуливаковци. Ова колено (пошироко семејство, род) го опфаќало целото население од повеќе македонски градови од југозападна Македонија. Пишувајќи за етничката свест на Пуливаковци (некаде во шеесеттите години на 19 век), Верковиќ запишал:

"Кај Пуливаковците постои предание дека се чисти Македонци и потомци на Александар Велики. Долно-Поленците, а особено тие што живеат во околината на Пазар се гордеат со старата столица, т.е. со градот Бела, од кој останале само една кула и една карпа, висока пет аршина". (Верковиќ: "Македонски народни умотворби 5", Македонска книга, Скопје, 1985, стр. 138).

За директен потомок на античките Македонци себеси се сметал и истакнатиот македонски учител, писател и револуционер Иван Шумков од Крушево. Тој во шеесеттите и седумдесеттите години од 19 век работел како учител во Солун и притоа објавил неколку книги. Во еден спор со бугарскиот учител Салганџиев, Шумков изјавил дека не е Бугарин, туку чист Македонец, какви што биле славните Филип и Александар Македонски. Во 1871 година на Учителскиот собир во Прилеп Шумков се заложил за воведување на македонскиот јазик во училиштата во Македонија.

На бугарскиот учител Салганџиев и внукот на солунскиот првенец Паунчев му се претставил како (цитат): "чист Македонец, како што беа Филип и Александар Македонски". (Подетално кај: Христо Андоновски: "Јужна Македонија од античките до денешните Македонци", Скопје, 1995 год., стр. 55).

Дури и бугарскиот национален деец и егзархиски агент Петко Славејков пишувал за овие тенденции меѓу Македонците. Иако тој, во духот на егзархизмот и бугаризмот, ги напаѓа овие тенденции, преку неговото писание јасно се гледа дека тие биле широко распространети помеѓу Македонците од 19 век. Во својата статија "Македонското прашање", објавена на 18.01.1871 година, Славејков напишал:

"Многупати имав слушнато од македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци и секогаш сме чекале докази за тоа, но не сме ги дочекале..."

Одговарајќи на ваквата провокација, македонскиот деец Димитар Македонски во својата статија "По македонското прашање", објавена на 16.02.1871 година, запишал:

"Македонците не се изгубиле од лицето на Земјата, како што некои си дозволуваат да велат, зашто, колку што знаеме ние, тие не згрешиле некогаш, па да зине земјата и да ги голтне". (цит. според Блаже Ристовски).

На Славејков и на сличните на него, кои се уште ги има во и околу Македонија, денес ќе им одговориме дека токму поради дејноста на таквите како нив - агенти на странските анти-македонски пропаганди, Македонците биле оневозможувани самите да си ја проучуваат сопствената историја и да понудат докази за својата историска автохтоност и национална засебност. Од страна на анти-македонските пропагандисти доказите за националната засебност на Македонците биле криени од нашите предци и наместо нив, им биле поттурани наводни "докази" за нивната инородна припадност.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"