ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Свети Климент Охридски Чудотворец и Свети 15 Тивериополски маченици

ПАТОКАЗ ЗА СИТЕ МАКЕДОНСКИ ГЕНЕРАЦИИ НИЗ ВЕКОВИТЕ

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Живеел во светот, но останал неизвалкан од нечистотиите на светот, останал свет, и на народот му го осветлувал патот кон Бога.
  • "Тој ја претпочита заедницата на луѓе каде ќе дојдат до израз сите човечки личности и каде човек на човека нема да му биде волк, туку брат...".

Во нашата земја македонска и од родот наш македонски, се родија, живееја и делуваа на исполнување на Светото Евангелие, угодни на Господа рожби, удостоени со блескави светителски ореоли. Тие се потврдија во светоста и остануваат вечно да живеат. Тешко е и многу одговорно да се зборува за големиот македонски светител - Свети Климент Охридски Чудотворец, првиот епископ на Охридската Архиепископија, чија наследничка е МПЦ, за делото на бесмртниот великан кој го овековечи и освети своето име и името на својот народ и родната Македонија. Тој е патоказ за сите македонски генерации низ сите векови. Зар може да се замисли отпорот против сите напори од непријателите за "обезличување на физиономијата на македонскиот народ" во текот на неговиот историски развој, без грандиозното Светиклиментовото дело? Секако, не!

Бесмртниот наш Учител е најголем инспиратор за национална и црковна, македонска будна самосвест. Се слави на 8.12. Нашиот патрон е Богоподобен човек. Живеел во светот, но останал неизвалкан од нечистотиите на светот, останал свет и на народот му го осветлувал патот кон Бога. Таквата формирана христијанска личност (со помош на Божјата благодат), со дарби и извонреден талент, заради љубовта кон Бога и светот, не може да остане ограничена сама за себе. "Тој ја претпочита заедницата на луѓе каде ќе дојдат до израз сите човечки личности и каде човек на човека нема да му биде волк, туку брат ...". Тој е вториот Св. апостол Павле за Македонците, најистакнатиот ученик на своите учители Св. рамноапостолни браќа Кирил и Методиј, продолжувач на нивните дела. Тој е "умот и светлоста на Македонија во средниот век", основоположник на древната Охридска Архиепископија, архиереј, писател, педагог, просветител, преведувач, молител и наш застапник пред Бога.

МИСИОНЕР

Вршел мисионерска дејност во Македонија, Моравија и Централна Европа. Во Охрид ја создал Првата словенска епископија на Балканот и мудро стоел на нејзино чело цели 23 години. Ја организирал македонската Црква. Ја бранел Православната вера од еретиците. Со блажен лик и дар на проповед, го проповедал Евангелието во Македонија и други места. Го формирал првиот европски универзитет во Охрид низ кој поминале 3.500 студенти, образовани според систем кој не бил само теолошки. Ја ширел писменоста и културата на народен јазик. Составил беседи за сите празници. Превел богослужбени книги на црковномакедонски јазик. Глаголицата ја реформирал во кирилица. Автор е на "Панонските легенди" - дело за животот на Св. браќа Кирил и Методиј. Автор е на "Пофалното слово за Кирила" и многу др творби, кои биле раширени и надвор од Македонија. Организатор е на монашкиот живот, основач на манастири, градител на цркви. Наречен е "ангел на земјата и небесен човек". Го проповедал Словото Божјо 50 години. Учествувал во превод на Светото Писмо. Пред смртта ја превел книгата "Цветен Триод". Починал мирно во Охрид на 27 јули 916 година и неговото тело било положено во манастирот што го изградил и посветил на Св. Пантелејмон, во гробот што самиот го подготвил со своите раце.

СВЕТИЛИШТЕ

Подоцна неговите чудотворни и негнилежни мошти се пренесени во Црквата "Света Богородица Перивлепта". Во август 2002 година неговите свети мошти, со величествена свеченост, беа пренесени во осветениот и обновен манастир на "Св. Климент и Пантелејмон" на Плаошник. Ја нема веќе Султан-Мохамедовата џамија, која била изградена на темелите на Климентовото светилиште. Св. Климент по пет века се врати во местото кое самиот тој го избра за свое вечно живеалиште. Неговите мошти се наоѓаат во оригиналниот саркофаг каде што тој бил погребан.

На 11 декември се слават Св. 15 Тивериополски Свештеномаченици и Св. Роман, епископ македонски. Неговиот спомен е забележан во Парискиот Кодекс во 1578 година. Св.15 Тивериополски маченици пострадале посечени со меч, за верата во Христа, во Тивериопол, денешна Струмица, во 361 или 362 година, за време на цар Јулијан Втори Отстапник. Нивните имиња се: епископи - Тимотеј и Теодор; свештеници - Петар, Јован, Сергиј, Теодор и Никифор; ѓакони - Василиј и Томе; монаси - Еротеј, Данило, Харитон, Сократ, Комасиј, Евсевиј и Етимасиј. Во Струмица се наоѓа огромна црква посветена на нивната маченичка смрт.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"