СПОРТ

Заврши есенската полуетапа од македонското фудбалско првенство

БЕЛАСИЦА ГЕРАС ЦУНЕВ ЕСЕНСКИ ШАМПИОН

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Екипата на Беласица успеа во финишот да ги искористи лошите резултати на екипата на Вардар, која оваа година е и нејзин најголем конкурент за шампионската титула, и да се искачи на врвот, а со тоа и да го добие епитетот "есенски шампион".
  • Како главен кандидат за нов претседател на ФСМ се спомнува името на Тихомир Илиевски. Во оптек беше и името на Дарко Панчев, но во последно време се шпекулира дека е договорено Дарко Панчев да не му конкурира на Илиевски, туку тој да биде втор човек во Сојузот.

Екипата на Беласица Герас Цунев е есенски шампион по првата полуетапа на нашето фудбалско првенство. Екипата на Беласица успеа во финишот да ги искористи лошите резултати на екипата на Вардар, која оваа година е и нејзин најголем конкурент за шампионската титула, и да се искачи на врвот, а со тоа и да го добие епитетот "есенски шампион".

Екипата на Вардар беше екипа на која & припадна почетокот на првенството и со добри резултати успеа да се одлепи од преостанатите конкуренти, но на крајот кога сите го гледаа Вардар како екипа на која не & бега титулата, на шест натпревари успеа да победи само еднаш, што на најдобар можен начин го искористи екипата на Беласица ГЦ која со добри резултати го стаса Вардар и му ја открадна есенската титула.

На третото место се пласира екипата на Силекс која има осум бодови помалку од првопласираниот, а на четврто место е екипата на Победа која со последната победа над Вардар во последното есенско коло успеа на некој начин да фати приклучок во врвот. Тоа се и екипите кои ќе се борат за излез во Европа, а екипите на Слога Југомагнат и Цементарница својата шанса ќе ја бараат во Купот на Македонија. На дното, пак, се наоѓаат екипите на Куманово и Брегалница кои во вториот дел ќе ја бараат својата шанса за опстанок во најелитното друштво.

Карактеристично е да се спомене дека и екипата на некогашниот југословенски прволигаш, Пелистер, ќе се бори за да го задржи својот прволигашки статус. Имено, заради интересите на некои поединци кои не само што беа кратковиди, туку и лакоми, успеаја да направат играчите да штрајкуваат подолго и со тоа да го донесат реномето на Пелистер на најниско ниво од неговото постоење. Таквата состојба е неповолна како за Клубот, така и за Битола која досега давала многу репрезентативци и воопшто за македонскиот фудбал.

АФЕРИ

Но, македонскиот фудбал не би бил онаков како што сме навикнале да го следиме, ако нема некои афери кои го обременуваат. И овој пат на крајот од есенската полуетапа се јавија неколку претседатели на клубови кои директно го обвинија раководството на ФСМ и сивата еминенција во куќата на фудбалот, Ванчо Таковски, за фаворизирање на само една екипа, екипата на Беласица ГЦ, чиј претседател е, и за континуирано уништување на најголемите конкуренти за титулата - Вардар, Победа, Силекс, Слога. Исто така, на душа на раководството на ФСМ му се припишува и продолжувањето на договорот за ТВ-правата со фирмата "Уфа медија" - договор кој само да потсетиме беше остро критикуван од страна на истите тие луѓе кои сега го продолжија. Очигледно дека кога си надвор од случувањата и кога си креатор на случувањата и интересите се различни, а досега во македонскиот фудбал единствени интереси кои се гледале биле интересите на еден тесен круг луѓе.

За да биде работата уште полоша, УЕФА испрати и свој човек да укаже дека договорот треба да се смени, односно поправи, а меѓу редови ни укажа дека УЕФА премногу долго ја држи во групата на привилегирани земји и премногу долго ни прогледува низ прсти нешто што во иднина нема да се случува и ќе биде далеку поригорозно.

НОВО РАКОВОДСТВО

Но, чаршијата си има своја верзија за посетата на високиот претставник на УЕФА на Македонија. Имено, се смета дека посетата ниту е случајна, ниту спаѓа во оние консултативни посети кои ги прави УЕФА со националните фудбалски сојузи. Напротив, се смета дека директен повод за посетата е предлогот кој го поднесоа 31 делегат на Собранието на ФСМ за свикување на Собрание на кое би се избрал нов претседател и комплетно ново раководство. Таквиот предлог сегашното раководство на ФСМ го одби, односно се огради, сметајќи дека не е време за свикување ново Собрание. Токму поради можноста Сојузот да се парализира и повторно да присуствуваме на сцени кога едната власт упорно не го дава раководењето со Сојузот, а иницијаторите за промени кои & припаѓаат на новата власт упорно сакаат да го преземат раководењето, дури и по цена на формирање на паралелно собрание, што секако би значело тежок удар за рејтингот на македонскиот фудбал, како што се толкува, е и посетата на високиот претставник на УЕФА.

Инаку, Собранието кое е на предлог на 31 легален делегат, а од кое се огради сегашното раководство на ФСМ, треба да се одржи на 14 декември, а како главен кандидат за нов претседател на ФСМ се спомнува името на Тихомир Илиевски. Во оптек беше и името на Дарко Панчев, но во последно време се шпекулира дека е договорено Дарко Панчев да не му конкурира на Илиевски, туку тој да биде втор човек во Сојузот. Сосема неочекувано во последен момент се исфрли и кандидатурата на Харалампие Хаџи Ристески, претседателот на Победа, кој се надева дека ќе ги добие гласовите од оние кои се против политички промени во Сојузот.

Очигледно е дека следните денови ќе бидат интересни за сите оние кои ги следат состојбите во македонскиот фудбал и дека најверојатно ќе ја добиеме новата "фудбалска влада". Само да се надеваме дека сето тоа ќе се случи на начин кој не би оставил последици по македонскиот фудбал.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"