КОМЕНТАР

Сито и Решето

СОЦИЈАЛНА ЕКСПЛОЗИЈА

Од Редакцијата

Во триесеттите години од минатиот век, за време на најголемата економска и светска криза, една векна леб во Германија се продаваше за вреќа полна со пари со нам добро познатите марки. Сигурно се прашувате дали е можно? Да, и тоа како. Нели ви се чини дека ние имаме идеални услови за социјална експлозија?! На прагот сме на ценовниот бум, чие стампедо само што не почнало. На улица се вработените на НИП "Нова Македонија", рударите мораа да гладуваат за да ја добијат својата корка леб, "лозарците" не знаат за кого работат, а пак други не знаат кој им е газда, дали некоја партија од власта, односно опозицијата чии пулени ги кријат вистинските сопственици што се збогатија на грбот на работниците.

Набргу околу 8.000 работници од фирмите загубари исто така ќе ја сркаат истата манџа што со месеци, па дури и со години ја јадат сиромашните. Голтари во Македонија има многу. Колку што ви душа сака. Но, нема трезвени - "саглам" луѓе. Политичари што ќе бидат мазги, впрегнати да ја извлечат нашата земја од калта. Во последниве десетина години повеќе од нив мислеа на сопственото чекмеџе отколку за работникот. Тие го украдоа азното од општествената сопственост и затоа калдрмата стана дом на многумина во земјава. Затоа не може да се врзе крај со крај. Ни остана уште кожата која очигледно се подготвуваат да ја продадат.

ЛАТИНОАМЕРИКАНСКИ СИНДРОМ

Штрајковите се последното средство за спас пред "штркот" да ја донесе бедата. Но, и тие станаа мотика за политичко подкусурување, односно алат, метод за преземање на некоја фирма. Затоа и колку да се неопходни, тие се и опасни, бидејќи никогаш не се знае дали синдикалниот лидер е инволвиран во некоја политичка партија за постигнување на одредени цели што се наменети за партиските моќници. Но, сомнежот е крајната граница на слабите резултати на синдикалното движење во Македонија.

Ако досега имавме јак синдикат, немаше да дозволиме приватизацијата да донесе такви слаби резултати. Дел од одговорноста на економското фијаско мора да се бара и во работничките лидери кои ја екплоатираа довербата за приватни, односно политички задачи. Затоа социјалниот хаос, вриеж, е одраз на наталожените проблеми, а она што денес го чувствуваме е финале пред финалето. Нешто слично се случуваше во 1997 година во Бугарија, а уште полош пример беше Аргентина каде што сиромашните луѓе фаќаа стаорци за да се прехранат. Ако & се погледне на вистината во очи, ние впрочем и не сме далеку од таа слика. Латиноамериканскиот синдром се приближува. Ни чука на порти. Само треба да му ја отвориме вратата и ете не во бездната.

ТАНТАЛОВИ МАКИ

Македонија е "потемкино село" на политичарите. Под јарем го држат народот, а со камшик ги контролираат и работниците. Тие не смеат да кренат глава оти ако рајата се побуни, ќе има "беља". Меѓутоа, уздите попуштаат. Тектонските поместувања започнаа да ја нишаат "столицата". Скопје се задушува во својот црвјосан казан. Од секаде капе, бидејќи кородира. Танталовите маки ги притискаат работниците, а темјанот и кандилото како "дамаклов меч" се шират низ македонската почва. Саде гроб до гроба. Гробови безброј.

Во тапијата со години се запишуваат илјадници незадоволни граѓани и работници. Од таа зла судбина нема крај. На хоризонтот нема сонце. Вентилаторот го расипаа во ООН, а во Македонија нема ни мајстор што ќе го поправи, ни делови. Од лошото доаѓа уште полошо. Од немајкаде подаваме раце за да се случи некое национално чудо. Но, тоа некако тешко ни оди. Не фатила некоја апатија што ни ги зачепила сите пори. Затоа нема волја за живот, за егзистенција. Оние малкумина што се чувствуваат силни се богатите, односно политичарите. Тие дури имаат лек и против клетвите што ги испраќаат немоќните стечајци и работници. Душманите ни дамла не ги фаќа, а народот умира од офтика. Народецот го дамлоса празниот џеб.

СОДОМА И ГОМОРА

Сиромаштијата е полоша и од чумата, а таа не бира средства за да тропне на нечија врата. Таа е полоша и од природната катастрофа која прави селекција. Но, сепак, социјалната експлозија е барометар за бедата во земјава. Затоа Македонија ја чека судбината на Содома и Гомора. Дали некој ќе ја преживее националната трагедија!?

Овој циркус трае предолго за да биде шеговит. Не жонглираат со години, а апетитите не им стивнуваат. Толку се ненаситни што ние станавме сити од ветувањата. Всушност, самите сме виновни што дозволивме да не мајмунисуваат. Ајде што ги поминавме сите премрежија на осамостојувањето, па дури им простивме за нафтената криза (ембаргото), но што ни требаше да заборавиме на ТАТ, па дозволивме и да станат ранчери во Делчево?! Градеа хациенди од наши пари, а ние голтавме и премолчувавме. Премногу ставија во сопственото торбуле. Откако ножот ни дојде под грло, се освестивме!? Би требало, откако не измолзеа. Но, мислиме дека премногу чекавме и гледавме што се случуваше кај комшиите, па така не стигна казната. Затоа, се чудиме дали можеме да пронајдеме и малку сила за да го изодиме најдогиот пат. Оној што требаше да го пропешачиме уште на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Нели малку е предоцна!?

Но, како по традиција чекавме 500 години, па зошто да не почекаме уште деценија, или повеќе?! Кај нас се така оди, кроце по кроце. Не е важно кој не влече за уши. И така ни се полни со озборувања, а не со работа. Всушност, во Република Македонија нема работа. Саде грабеж. И тоа колку. Бескраен, немерлив!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"