Ал Каеда - виновник за експлозијата во Карачи?

Пакистанската полиција соопшти дека се уште е рано да се претпоставува дека терористичката мрежа на Осама бин Ладен, Ал Каеда, е одговорна за минатонеделната експлозија во зградата на почесниот Конзулат на Република Македонија во Карачи, во која загинаа три лица. Главниот инспектор на полицијата во провинцијата Синд, Саед Камал Шах, изјавил дека досега никој не е уапсен и дека пакистанската полиција претпоставува оти во нападот може да се вмешани и "други" екстремистички организации. Се истражува и можноста дека нападот е одмазда за убиените Пакистанци во Македонија, а се шпекулира и тоа дека причина за нападот е љубовната афера меѓу двајца од убиените кои за нивните средби го користеле Конзулатот.

Обесштетување за семејстватата на терористите!?

Демократската унија за интеграција наскоро ќе побара обесштетување од државата и за семејствата на загинатите терористи на ОНА, по примерот на паричниот надомест кој законски им се дава на семејствата на загинатите припадници на македонските безбедносни сили.

Социјалдемократскиот сојуз, кој е во коалиција со ДУИ во Владата, смета дека ова барање не е приоритет во владината агенда.

Симната таблата на училиштето во Шемшово

Од влезот на Основното училиште во Шемшово е симната таблата на која на албански јазик беше испишано "Јумни Јонузи", име кое насилно беше поставено на ова училиште, а кое претходно го носеше името "Даме Груев". Ова го потврди владиниот портпарол, Сашо Чолаковски, кој додаде дека оваа табла ќе биде заменета со нова, двојазична која ќе го носи името на селото Шемшево со цел да се избегне опасноста од затворање на училиштето.

Помош од народниот правобранител

Поради одлуката на Владата да го поништи конкурсот за распределба на становите за социјални случаи и лица со ниски приходи, како резултат на утврдени неправилности во текот на целата постапка, стотина граѓани на деветти декември беа примени од народниот правобранител. Тој изјави дека доколку констатира дека Владата не го почитувала Законот, ќе ги повика граѓаните своето право да го бараат на суд.

"Сојузничка хармонија" во Македонија

"Сојузничка хармонија"е нова скратена и видоизменета мисија на НАТО во Македонија, што ќе ја наследи досегашната мисија "Килибарна лисица", а ќе стартува на 16 декември. Мандатот на мисијата е шест месеци, но во договорот на Северноатлантскиот совет има и клаузула во која се нотира дека доколку во меѓувреме се постигне консензус меѓу НАТО и ЕУ околу формирањето на Евросилите за брзи реакции, тогаш нема да биде исклучено тие идната пролет да ја имаат својата промоција токму во Македонија.

Идејата на Трајковски не доби виза

Регионалната иницијатива "Западен Балкан" на претседателот Борис Трајковски на Самитиот на ЕУ во Копенхаген Балканот да добие појасна перспектива за идно членство во Унијата, најверојатно нема да добие поддршка. Анонимни извори за "Дневник" изјавуваат дека актуелниот став на ЕУ е оти со балканските држави поинтензивно ќе почне да се работи од јануари за да може на Евробалканскиот самит во Солун во 2003 година, под грчко претседателство, да се дојде до поконкретен резултат и заклучок. Во меѓувреме, Балканот ќе мора да се фокусира на борбата против корупцијата и организираниот криминал, која на министерскиот состанок во Брисел на голема врата влезе во приоритетите на ЕУ односите со Балканот.

94 пратеници пополниле формулари за имотот

Анкетни листови за имотна состојба подигнале 107 пратеници, а формуларот го пополниле 94 народни избраници, што значи на законската обврска одговориле речиси сите народни избраници.

Протест на печатарите од "Гоце Делчев"

Вработените во скопската печатница "Гоце Делчев" на 10 декември протестираа пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи пет месеци не добиле плата, неколку години не им се платени придонесите, а бараат и отчет за финансиското работење на печатницата. По едночасовно мрзнење, штрајкувачите си заминаа, зашто ниту Војо Михајловски, ниту претставници од бордот на директори кои се од нивната партија не ги примија на разговор.

"Македонски вести" во Торонто

Во Торонто излезе првиот број на весникот "Македонски вести" (Canadian-Macedonian News). Промоцијата на весникот се одржа на 7 декември во просториите на црквата "Св. Климент Охридски", за време на прославата на патрониот ден.

Весникот, како што не информира главниот и одговорен уредник Лилјана Ристова, поранешен дописник на "Старт" од Торонто, ќе излегува еднаш месечно на македонски и на англиски јазик.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"